Назначувањето на Бојан Маричиќ за министер за правда за многумина беше изненадување, со оглед на фактот што доаѓа на местото на д-р Рената Дескоска. Но, малкумина знаат дека тивкиот Маричиќ завршил студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, по што продолжил со правни студии во Лондон и во Амстердам. По враќањето на УКИМ, кратко време бил асистент. Работел на проекти за француското министерство за внатрешни работи и во невладиниот сектор.
Неговата политичка верификација и промоција следува во 2017 година кога во Владата беше назначен за посебен советник на премиерот Зоран Заев за евроатлански интеграции, по што активно се вклучува и во преговорите за постигнувањето на Преспанскиот договор.
Владата се обврза дека еден од главните приоритети ќе и биде спроведувањето неселективна правда и владеење на правото. Имате ли план и стратегија како ќе го реализирате тоа?
– Уште првиот ден на функцијата министер за правда најавив дека во првите сто дена од мандатот, со нашите партнери и стручната фела ќе утврдиме модел кој ќе обезбеди ефикасно и објективно прочистување на судството. Потребен е ефикасен правосуден систем кој ќе обезбеди брза борба против корупцијата со целосно почитување на човековите права. Мора да го зајакнеме и правосудниот систем со финансиска поддршка и со обезбедување стручни соработници за обвинителите и судиите. Со поддршка од нашите европски партнери ќе обезбедиме и мониторинг на судските процеси. Потребно е зголемување на транспарентноста и отчетноста на обвинителството и тоа е дел од нашата програма. Сметам на поддршка од институциите, од меѓународните партнери, како и од граѓанскиот сектор.
Одамна се најавува ветинг на судиите, но и на политичарите за да се избегне нивната спрега. На кој начин ќе се постигне тоа и дали ќе тргнете од сопствените редови?
– Превезот на очите на Јустиција симболизира непристрасност и објективност, што значи дека не смее да се дозволи да се прави разлика помеѓу наши и ваши. Правдата не е правда ако е селективна, туку ако е беспоштедна. Законот треба да важи за сите еднакво, а судиите треба да го обезбедат овој пример.
Во експозето премиерот Зоран Заев најави ревизија на пет проценти од судските предмети, но остана нејасно како тој процес ќе се одвива и кој ќе го спроведе?
– Моделот за ревизија на судските предмети е едноставен. Процесот на ревизија на судските одлуки ќе биде по случаен избор за сите судски пресуди во последните пет години. Надлежен орган за спроведување на ваква ревизија може да биде Судскиот совет, секако со мониторинг на стручната јавност, стратешките партнери и граѓанското општество.
Во јавноста постои голем интерес дали и кога ќе има завршница на предметите од Специјалното јавно обвинителство?
– Не случајно Законот за Јавното обвинителство беше услов за почеток на преговорите со ЕУ. Законот подразбираше гаранција за правна завршница на предметите почнати од СЈО. Сметам дека јавноста оправдано бара подинамична работа на институциите и поефикасна правда и за случаите на СЈО и за сите останати. Застарувањето на случаи без основа е практика која нанесува неправда. Тоа не смееме да го толерираме и верувам дека судовите тоа ќе го имаат предвид.
Освен во правосудството се очекуваше реформа и на обвинителскиот систем. Дали тој процес е завршен со законот за обвнителство?
– Процесот на реформирање на обвинителскиот систем почна со донесувањето на законот, а не заврши со него. Законот за Јавното обвинителство е основната рамка која обезбедува подобрено функционирање на Јавното обвинителство. Со него овозможивме зајакнување на финансиската независност на обвинителството и зголемување на бројот на обвинителите. Сепак, ова е закон кој треба да се имплементира пред се од самата фела.
Една од дилемите што постојано се поставува е како извршната власт ќе спроведе реформи во судството без да се меша во оваа според Уставот независна власт?
– Не е работа на извршната власт да се меша во работата на судовите, но одговорноста на извршната власт е да ја зајакне довербата на граѓаните во правосудниот систем. Се уште постојат случаи пред судовите кои оставаат впечаток во јавноста дека правдата не е задоволена. Затоа е важно преку зголемена транспарентност, отчетност и ефикасност, како и преку квалитетно процесирање и пресудување на случаите, довербата во судството да се зајакне. Еден од патоказите за тоа се и актите од Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на институционалните практики кај нас и тоа може да ни биде добра водилка за подобрување на нашиот систем.
Колкав степен на согласност има меѓу коалициските партнери за истерување на правдата до крај без притоа да се штитат „своите“ интереси?
– Коалициониот договор и владината програма ја ставаат правдата во фокусот на владините приоритети, заедно со економијата и со европските интеграции. Првите чекори на новата Влада јасно укажуваат дека не може да постои политички договор за тоа дали ќе се спроведува законот или не. Затоа сум убеден дека ова ќе биде еден од водечките принципи на Владата, а владиниот тим и задачите коишто ни беа доделени со мандатните писма гарантираат дека имплементацијата на законите и решавањето на проблемите на граѓаните ќе бидат во прв план. Тоа е врвен интерес на сите коалициони партнери.
Како во целиот процес на реформи да се вклучи и опозицијата, која има своја улога во постигнувањето некаков општ консензус по ова прашање?
– Подадената рака за соработка со опозицијата останува, како и во изминатиот период. Лично бев вклучен во повеќе процеси каде што се преговараше и договараше за законски процеси каде опозицијата некои од нив ги поддржа, а за некои немаше сила да го направи тоа. Евроинтеграциите претставуваат нешто што е добро за граѓаните на оваа држава. Сметам дека тој интерес треба да ги обедини пратениците во Собранието кога се носат клучни, двотретински закони. Да се биде конструктивен во процесот на евроинтеграција значи да се работи за општиот, јавен интерес. Најдобар начин за вклучување на опозицијата е доколку приоритетите од евроинтеграциите се стават над партиските интереси и доколку постигнеме согласност и заедно ги поддржиме во Собранието. Законодавниот дом е најдобар форум за остварување на овој дијалог и верувам дека преку собраниските тела, а и во директна комуникација, ќе го зајакнеме дијалогот и довербата за прашања од јавен интерес. Подготвеноста на Владата е неспорна, а колку ќе функционира оваа соработка зависи од политичката волја на опозицијата.
На граѓаните одамна им се ветува правда и владеење на правото и за тоа добивте подршка и во 2016 година. Зошто сте убедени дека сега тоа ќе се случи. Чуствувате ли дека има останавте должни еден мандат?
– Во првиот мандат на Владата на премиерот Заев ставивме акцент на решавање на тешките прашања кои со децении ја оптоваруваа нашата интеграција во НАТО и ЕУ и ги правевме почетните чекори на ослободување на заробената држава. Успеавме да усвоиме пристојна законска рамка која обезбеди почетна реформа во правосудството и тоа беше верификувано од сите меѓународни извештаи, особоено од Европската Унија. Впрочем тоа ни беше важен дел од влезниот билет за почеток на преговорите со ЕУ и влезот во НАТО. Сепак, свесни сме дека граѓаните очекуваат повеќе и подобро и затоа ова треба да биде мандат за имплементација, за резултати и за реална трансформација на нашето општество во европско. Имаме силен тим, имаме јасна програма и цели и верувам дека ќе успееме.
The post ИНТЕРВЈУ Бојан Маричиќ: Спроведувањето на законот не може да зависи од политички договор appeared first on Слободен печат.
ИНТЕРВЈУ Бојан Маричиќ: Спроведувањето на законот не може да зависи од политички договор was first posted on септември 7, 2020 at 8:42 am.