-4.2 C
Скопје
01:00 - 23 декември, 2024

Има и појак диктатор од Лукашенко, политичките противници не ги затвора, ги убива

Претседателот на Таџикистан Емонали Рахмон е на чекор од обезбедување на својот петти седумгодишен мандат во земјата.

Според прелиминарните резултати кои ги објави државната Централна изборна комисија, Рахмон – кој во март 2007 година го исфрли руското „ов“ на крајот од своето презиме – освои дури 90,92 отсто од гласовите на изборите кои во неделата се одржани во Таџикистан.

Рахмон (68) на функцијата претседател на Таџикистан и на неговите 9,5 милиони жители е од 1992 година и неговата победа на вчерашните избори, во сиромашната земја која страда од недостиг на силна опозиција, никого не изненади.

Емомали Рахман гласа на претседателските избори, Душанбе, Таџикистан 11. октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/TAJIKISTAN PRESIDENT’S PRESS SERVICE / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Изборите, како што пишува РФЕ/РЛ, поминале во строго контролирана и на големо, церемонијална атмосфера, а претседателот на ЦИК Бахтијор Худијорзода рече дека на 11 октомври, гласале 85,4 отсто од гласачкото тело.

Рахмон, кој пред политиката се занимавал со одгледување памук, избран е пред речиси три децении за претседател на таџикистанскиот парламент, откако првот независен лидер на земјата Рахмон Набиев поднесе оставка. Оттогаш освои четири претседателски мандати по ред – а сега очигледно и петтиот – за западните набљудувачи ниту еден од тие избори не ги сметаа за правични или слободни.

Рахмон е единствен постсоветски автократ кој на власт е подолго од белорускиот колега Александар Лукашенко, чија земја ја тресат протести уште од спорните избори на 9. август. Лукашенко на претседателската функција има „стаж“ 26 години. „Ал Џезаира“ укажува дека новата победа на Рахмон ќе му овозможи да го надмине прагот од 30 години на власт и со тоа да го надмине и казахстанскиот Нурсултан Назарбаев, кој поднесе оставка во март минатата година по 29 години и важи за најдолго владејачки лидер на поранешниот СССР.

Лукашенко и Рахмон на Парадата во Москва, 24 јуни 2020/ Фото: EPA-EFE/EKATERINA SHTUKINA / SPUTNIK / GOVERNMENT PRESS SERVICE / POOL MANDATORY CREDIT

Сепак, имајќи предвид дека Рахмон цврсто ја држи власта, а опозицијата е потисната, тешко дека резултатите од изборите ќе доведат до проблеми со кои се соочуваат соседните Киргистан и Белорусија, според РСЕ. Државните медиуми и приврзаниците на владата го прикажуваат Рахмон како човекот кој донесе стабилност на земјата по граѓанската војна во 90-тите години на минатиот век. Оттогаш, според Би-Би-Си, тој ја консолидира својата моќ со потиснување на опозицијата, а „тампон-зоната“ против талибанците и другите исламистички групи во Авганистан и регионот е обезбедена со руска, кинеска и западна поддршка.

Сепак, неговата земја е сиромашна – се смета за најслаба економија од сите поранешни советски земји – и во голема мера се потпира на парите на руските работници мигранти и извозот на алуминиум и памук. Пандемијата на коронавирусот ги влоши економските проблеми на Таџикистан, бидејќи стотици илјади работници сега не можат да патуваат во Русија на работа и на земјата и недостасуваат средства потребни за зајакнување на локалното производство.

Ал Џезаира наведува дека повеќе од милион Таџикистанци работат во странство, претежно во Русија.

На последните избори, Рахмон се тркаше против четворица малку познати кандидати, претставници на провладините партии во парламентот, на кои главно се гледа како на фасада поставена да дава впечаток на конкуренција.

Според прелиминарните резултати, „ривалот“ на Рахмон, Рустам Латифзода од Земјоделската партија освои 3,03 проценти, Рустам Рахмацода од Партијата за економски реформи 2,15 проценти, Мирој Абдулев од Комунистичката партија 1,17 и Абдухалим Гафорзода од Социјалистичката партија 1,49 проценти од гласовите, наведува РСЕ.

Ова беа првите избори по забраната на Партијата за Исламската ренесанса (ИРПТ), највлијателниот политички ривал на Рахмон. Врховниот суд на земјата ја прогласи ИРПТ за терористичка организација во 2015 година, а многу партиски функционери се најдоа или во затвор или во егзил.

Социјалистичко-демократската партија, единствената вистинска политичка опозициска група во земјата, ги бојкотираше изборите. Лидерот на партијата, Рахматуло Зојров, за РСЕ изјави дека „нема смисла да се гласа“.

– Дури и ако некој гласа против сите кандидати, ЦИК ќе ги објави своите бројки и резултати – вели огорчено Зојров.

Сепак, гласачите во Душанбе рекоа дека ќе гласаат за Рахмон, а многумина укажаа на важноста на мирот и стабилноста, повеќе од две децении по граѓанската војна. Сафар Малајев рече дека гласал за Рахмон поради неговото „огромно искуство“.

– Мирот е најважен. Ако имаме мир, тоа значи дека сè ќе биде во ред – рече Малајев, пренесе „Ал Џезеира“.

26 години затвор за опозиционер кој сакаше да основа партија

„Дипломат“ наведува дека Таџикистан никогаш немал слободни и фер избори и дека властите го уапсиле бизнисменот и опозиционер Зајд Саидов и го осудиле на 29 години затвор (подоцна намалено на 26) пред трката за претседател, откако разговарале за воспоставување на Нова Таџикистанска партија. По неколку месеци беа уапсени и неговите адвокати Шухрат Кудратов и Фахридин Зокиров.

Две години подоцна, лидерите и стотици членови на ИРПТ беа уапсени, а властите подоцна ги гонеа и членовите на нивните семејства. Така, во јуни годинава беше уапсен Асоридин Розиков, син на затворениот активист ИРПТ, Зубаидулохи Розик, под обвинение за тероризам.

Убиство на противкандидатот

Таџикистанските власти се насочени кон опозицијата и кон другите критичари во странство, објави „Дипломат“, а најозлогласениот случај се случи во март 2015 година во Истанбул, кога беше убиен потенцијалниот претседателски кандидат и водач на Групата 24 Умарали Куватов. Тогаш турските власти рекоа дека околностите силно укажуваат на вмешаност на таџикистанската влада, на која не и се непознати апсењата, притисоци врз новинарите, киднапирања и, во некои случаи, присилно враќање во земјата.

Рахмон беше гостин на воената парада на Путин во Москва, 24 јуи 2020/ Фото: EPA-EFE/ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Голем број таџикистански дисиденти од Белорусија, Казахстан, Молдавија, Русија и Турција беа принудени да се вратат во земјата, неодамна во Нижни Новгород минатиот месец кога неколку луѓе го заробија активистот од Групата 24 Шобудин Бадалов, кој во Русија има статус на бегалец поради прогонот во родната земја. Бадалов го немаше неколку недели, па се појави во Душанбе и во моментов е во притвор.

„Дипломат“ исто така пишува дека новинарот Далер Шарипов е осуден на една година затвор во април за „поттикнување верска омраза“, откако објавитекст во кој пишуваше дека исламот не оправдува терористички акти. Во јуни, група американски сенатори апелираа со писмо до Рахмон да го ослободи новинарот.

Изборни нерегуларности

Официјалните резултати од последните претседателски избори во Таџикистан ќе бидат објавени за една недела, како што соопштија претставници на ЦИК, а медиумите веќе пренесуваат дека имало бројни неправилности. Видеото снимено од репортерите на РСЕ во главниот град Душанбе, покажува како двајца мажи пикаат гласачки ливчиња во гласачките кутии. Две жени од северниот град Хучанд отворено изјавија дека дале повеќе од еден глас. Двајцата тврдеа дека гласале во име на другите членови на семејството, што е нелегална практика во Таџикистан.

Додека експертите се согласуваат дека Таџикистан најверојатно нема да биде зафатен со протести како што се случи во Белорусија и Киргистан, Рахмон и неговата влада се соочуваат со предизвици без преседан.

Пандемијата и црната економска прогноза покренаа прашања за тоа како Таџикистан ќе може да го исплати својот надворешен долг, што е над една третина од БДП. Ал Џезеира посочува дека оваа централноазиска земја и должи најмногу на Кина.

Го подготвува својот син за наследник

Во минатото се шпекулираше дека Рахмон размислува да си даде оставка, но се чини дека гледа кон иднината. „Економист“ пишува дека Рахмон – чија официјална титула е Основач на мирот и Националната унија, водач на нацијата – го подготвува неговиот син Рустам Емомали за свој наследник.

Рустам, градоначалник на Душанбе, исто така, стана претседател на Сенатот во април, што значи дека тој ќе биде на позицијата претседател ако неговиот татко поднесе оставка – иако не се чини дека тоа ќе се случи наскоро.

Го смени презимето

Во март 2007 година, Емомали Рахмонов го смени своето презиме во Рахмон, одлучувајќи да се ослободи од руската наставка „ов“. Тој исто така го тргна и патронимот Шарипович од своето име. Рахмон објасни дека тоа го сторил од почит кон неговото културно наследство.

По овој потег, истото го сторија и голем број владини претставници, членови на парламентот и државни службеници низ целата земја. Во април 2016 година, Таџикистан официјално забрани давање патроними и презимиња во руски стил на новородени деца.

The post Има и појак диктатор од Лукашенко, политичките противници не ги затвора, ги убива appeared first on Слободен печат.


Има и појак диктатор од Лукашенко, политичките противници не ги затвора, ги убива was first posted on октомври 13, 2020 at 10:02 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....