13.8 C
Скопје
15:53 - 18 декември, 2024

Играњето со Преспанскиот може да има висока цена

Употребата на официјалното име на земјата и односот кон Преспанскиот договор во кампањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ добива нови форми. Најпрво се најавуваше само негово менување кога „ќе дојдат на власт“, потоа почна негласањето за законите важни за НАТО заради името, па Рашела Мизрахи ги стави во игра таблите со старото име, за да сега санкциите кон неа се користат за да се тврди дека од стартот се нарушува изборниот процес.

Иако аналитичарите дома тврдат дека нема шанси ВМРО-ДПМНЕ, ако победи, да обезбеди доволно гласови за да го смени Преспанскиот договор и дека само „продава магла“, според изјавите што стигнуваат од НАТО и од странските дипломати, ваквата политика нема да биде без последици за земјата.

Џејмс Апатураи, висок функционер на Алијансата, деновиве предупреди дека не треба да се потценат негативните последици што може да ги донесе назадувањето во Договорот од Преспа, најавувајќи две можни импликации. Едната, внатре во рамките на Алијансата, бидејќи членството се условуваше со прашањето за името, и втората со датумот за ЕУ.

Иако јавно за тоа никој не зборува, неофицијално од дипломатски извори може да се чуе дека во зависност од тоа со каква сила ќе се прави „циркус“ од Договорот за Преспа, или дали ќе се создаде политичка криза околу изборите, може сè уште да се развлече нашиот прием во Алијансата. Исто така, по искуството со Турција последните две години, која почна со набавка на оружје од Русија и играше соло во Сирија, наспроти политиката на НАТО, се отвори и дебата во Алијансата за начинот како евентуално може да се санкционира, суспендира или да се исклучи земја членка, иако во основните документи на оваа организација нема таква одредба. И заклучокот беше дека има начини да се направи тоа!

За разлика од ЕУ, НАТО нема монетарна унија, нема една валута, нема една граница и иста законска регулатива, па исклучувањето од оваа Алијанса не е невозможна мисија, иако за тоа треба силна причина. Но има други санкции, кои се сведуваат на изолација на земјата членка, која може да оди толку далеку и толку длабоко што таква држава ќе биде членка само на хартија. Тоа значи, ќе биде исклучена од состаноците, од програмите, од внатрешната соработка, а прашање е и дали НАТО ќе мрдне со прст ако е загрозена воено од надвор. Не се исклучува и можноста од свикување на Северноатлантскиот совет по барање на една или повеќе држави, но таква расправа мора да заврши со едногласност.

Во македонскиот случај, неприменувањето на Преспанскиот договор може да се реши со поведување судска постапка дали нашата земја ја прекршува Виенската конвенција за меѓудржавни договори. Потоа, на располагање е арсеналот на билатерални санкции, како и дипломатски или политички притисок, нешто што сигурно ќе го преземе Грција во таков случај.

Во дебатата за Турција експерти за НАТО тврдеа дека е можно и суспендирањето на правата ако го прекршува Договорот за пристапување. Во НАТО не страдаат од наивност за да дозволат Македонија да потпише договор со Грција само за да влезе, а потоа да почне битка за да излезе од него. Така што, за да го оствари ова што го турка како предизборна кампања ВМРО-ДПМНЕ, нејзината евентуална влада треба прво да има зад себе две третини поддршка, да има гаранции дека Грција нема да прави проблем, да осигура дека нема да го загрози нашето членство во НАТО, но и да осигури поддршка од сите земји со право на вето во ОН, бидејќи нема поента да го смени името дома, а цел свет да нè вика Северна Македонија. Што значи, да печати и натаму пасоши со името Република Северна Македонија бидејќи само тоа се признава во светот, да потпишува меѓународни договори со тоа име.

Бесим Небиу, граѓански активист, за „Утрински брифинг“ оцени исто така дека е нереално ВМРО-ДПМНЕ да добие 80 пратеници во новиот парламент за да изгласа какви било промени на Преспанскиот договор, па и дека е свесна за тоа.

– Станува збор за реторика што на извесен начин е алиби сценарио. На овие избори се избира помеѓу постојните опции: Едната е континуитет, откако се решија прашања што ја блокираа земјава кон успешен пат, а носител на таа опција е СДСМ. Другата опција е онаа на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е јасен избор за друг правец. Сметам дека опцијата која ќе продолжи со континуитетот на овие три години ќе победи – вели Небиу.

The post Играњето со Преспанскиот може да има висока цена appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....