Не знам дали некогаш во животот претходно се имам повеќе потресено и не знам дали претходно имам почувствувано таква необична комбинација на страв, бес и гадење. Времето поминато во гледањето на видеото кое трае минута или две, мене ми изгледаше како цела вечност. Не, не мислам на оние потресни слики од болниците во Италија, Шпанија или во САД, тука на она болно изживување на двете момчиња врз младата девојка. Видеото кое веројатно веќе сите ние го имаме видено и од кое на многумина од нас ни е мака.
Нема да ги прераскажувам постапките на момчињата, кои претпоставувам ги очекува долгогодишна затворска казна, бидејќи посакувам сцените на неверојатно суровото насилство што е можно побрзо да ми избледеат од сеќавањата. Тоа што би сакал да го истакнам во моментов е дека, за жал, ваквите видеа во кои гледаме потресни сцени на насилство, во иднина само ќе се намножат.
Неколкупати во последните години сум бил фрапиран од нивото на насилство и степенот на монструозноста на врсничкото малтретирање во одделенија на моите деца. Тука мислам на деца на возраст од осум и девет години, кои уште на почетокот од своето школување се сведоци на немили сцени на тепачки каде што се употребуваат тупаници, клоци, но и на редовни епизоди на физичко малтретирање на послабите, кога на некои од дечињата им биле соблечени панталоните, на други редовно им се краде ужинката, им се фрлаат тетратки низ прозорец, во тоалетите послабите се поливаат со вода, а во широка употреба се гнасни пцости. Ќе повторам дека станува збор за деца на возраст од осум и девет години.
Тоа што е најпоразително во целата ситуација е реакцијата на родителите чии деца, полека но сигурно, се формираат во монструми. Нивниот одговор најчесто се темели на тоа дека детето им е живо и дека бара внимание и дека тие потекнуваат од добри фамилии. Па дека за тоа се виновни наставничките, кои според нивната логика би требало да се однесуваат како затворски службенички, па во ниту еден момент не треба да ги остават сами. Односно дека нивните деца не треба да ги остават сами, бидејќи нели им се живи и бараат внимание.
Не би сакал да го амнестирам училиштето од целиот проблем, бидејќи реакцијата на надлежните е прилично неефикасна, но морам недвосмислено да посочам дека нуклеусот на проблемот е во семејството. Децата со самиот концепт на насилство се запознаваат од најмала возраст или преку примери во домот во кој растат или од телевизија. Доколку дома возрасните се тепаат, тогаш тоа станува нормално. Или доколку на дете му дозволува да гледа програма која не е наменета за неговата возраст, со потенцирано отсуство на родител или старател, тогаш насилството станува забавно, а неговата привлечност се мултиплицира со видеоигрите.
Двете момчиња што со клоци и тупаници се изживуваат врз девојчето од тоа несреќно видео, веројатно се израснати во средина во која тепањето било секојдневие. И двајцата едно време биле живи и желни за внимание, а веројатно биле и ангели на мама и тато, но потоа израснале во демони, што ќе им донесе затвор, стигматизација од општеството и живот поминат од другата страна на среќата.
The post И монструмите од видеото некогаш биле ангели на мама и тато appeared first on Слободен печат.