Изборот на банка која ќе го врши платниот промет во поштенските филијали, не е завршен. Од Пошта АД за „Слободен печат“ кусо одговорија дека „кога ќе има нешто ново веднаш ќе ја известат јавноста“. Банките кои изразија интерес да ја заменат Еуростандард банка, до крајот на септември, требаше да одговорат на писмото што го испрати Пошта до нив за условите што ги нудат. Сега, процесот ќе продолжи со преговори меѓу двете страни и треба да се изврши избор на оној што ќе го преземе платниот промет.
Како што е познато, интерес за склучување договор со Пошта пројавија осум банки. Некои од нив и јавно се изјаснија, а од дел не се добил соодветен одговор. При изборот на банката што ќе го склучи договорот, важна е компатибилноста на софтверот што претходно го воспоставила Еуростандард банка во поштенските единици, за да не се губи време во нова обука на вработените. Во јавноста веќе се шпекулира дека склучувањето на договорот доцни и поради најавените смени во третиот ешалон, односно поделбата на директорските места во државните институции. Дел од граѓаните, поставуваат и практични прашања во врска со фактот дали банката која ќе го преземе платниот промет, ќе работи со истите услови како и „Еуростандард банка“, поточно дали сметките за вода, парно и струја, кои ќе се плаќаат во Пошта ќе бидат без провизија? Тоа би значело дека односната банка, ќе си конкурира сама на себе, бидејќи во банките се наплаќа провизија на комуналиите, без оглед на тоа дали сте нивен клиент.
Од 12 август, платниот промет во поштенските филијали е прекинат, а граѓаните своите обврски за комунални и други сметки ги вршат преку банките. Турканиците не престануваат. Напротив тие се зголемија со почетокот на школската година, но и по отворањето на градинките и училиштата за странски јазици, бидејќи уплатите за школарина одат преку ПП-обрасците.
Изминатиот период и Синдикатот на вработените во Пошта, но и актуелниот директор, оценија дека неработењето на 330-те единици и статус кво состојбата со неработењето на платниот промет претставува директна закана за егзистенцијата на вработените, но и тоа дека неработењето на поштенските филијали има влијание и врз граѓаните што ги користат услугите.
The post Граѓаните заинтересирани за „0“ провизија за комуналиите appeared first on Слободен печат.
Граѓаните заинтересирани за „0“ провизија за комуналиите was first posted on октомври 6, 2020 at 7:45 am.