Ако се остварат најавите од Предлог-програмата на Владата за периодот 2020-2024 година, и во земјава ќе може да се доживее судбината на Мајк Тајсон или на Борис Бекер. Но, не станува збор за поистоветување со нивните спортски успеси, туку напротив – со нивниот финансиски неуспех, бидејќи и двајцата славни спортисти прогласија личен банкрот. Всушност, суштината на новиот закон за личен стечај, накусо би била – овозможување нов финансиски старт на презадолжените граѓани.
Правните експерти силно ја поздравуваат идејата, но се скептични дека оваа можност ќе почне за кусо време. Тие се согласни дека личниот стечај е позитивна работа за граѓаните, која ќе ги минимизира шансите за продлабочување на долговите, но препорачуваат квалитетна и обемна подготовка на новите законски прописи. Рано е да се дискутира за предлогот на новата влада, велат стечајните управници, кои ги консултираше „Слободен печат“, но, сепак се задоволни што оваа идеја што тие ја заговараат подолг период се најде во Предлог-програмата на Владата. Засега се знае само дека е предвидено воведување нов закон за личен стечај, идеја што се најавуваше уште од 2009 година. Личниот стечај функционира во Словенија, Хрватска, Австрија, Белгија, Германија, Русија, Чешка и во други европски држави, а нашите лиценцирани стечајни управници се запознаени со оваа практика и ќе бидат вклучени во законот.
– Ова е позитивна работа, оти секој граѓанин може и да должи, но и да побарува. Ние како стручни лица секако ќе бидеме ангажирани во законот со посебна регулатива. Ги следиме хрватските искуства, кои се веќе усогласени со европската регулатива и се далеку понапред од нас. Како стечајни управници ние веќе подолг период се залагавме и кај нас да се усвои ваков закон, но сепак сметам дека сѐ уште е рано да се дискутира за темата. Ова ќе биде сложена и чувствителна операција бидејќи станува збор за приватен имот и затоа е потребна добра претходна подготовка – вели Ели Божиновска, стечајна управничка од Битола.
Од европската и регионалната практика досега е познато дека кога должникот не може да си ги плаќа долговите, тој може да побара прогласување личен стечај. Судот утврдува дали има основа за тоа – му прави попис на целиот движен и недвижен имот и му назначува стечаен управник. Потоа настапува стечајниот управник, кој располага со сите луксузни предмети што ги поседува должникот, а имотот, кој оди во стечајната маса, се продава за да се исплатат доверителите. На должникот му се оставаат минимални приходи, неопходни за подмирување на основните потреби.
– Идејата за личен стечај е слична на стечајот врз компаниите, но содржи извесни финеси, бидејќи станува збор за личен имот. Оваа тема веќе подолго време се заговара, но прашање е дали таа и ќе профункционира. Ова не е едноставна работа, бидејќи се работи за луѓе, за лични судбини, така што сигурно ќе има одреден грејс-период пред целосно да се имплементира. Ние и сега имаме големи проблеми кога имаме стечај на фирма, а камоли кога ќе се работи за приватни лица. На пример, треба добро да се разработи делот на брачниот имот во случај на развод – објаснува Зоран Стојкоски, стечаен управник од Струга.
Тој додава дека граѓаните сега ќе бидат посигурни, на пример во однос на нивните станови, бидејќи досега во случај на хипотекарен долг, банката можеше да изврши заплена.
– Доколку се донесе Законот за личен стечај, тогаш стечајните управници ќе го продаваат имотот, а потоа ќе ги распоредуваат средствата за намирување на долговите – додава Стојкоски.
И стечајниот управник Агрон Арифи од Тетово ја поздравува идејата за личен стечај, но смета дека има уште многу работа за да се добие целосна слика за новата законска регулатива. Тој смета дека дел од оваа проблематика е вметната во актуелниот Закон за стечај, но откако целосно и конечно ќе се заокружи тематиката, таа пред сѐ ќе има превентивно дејство врз граѓаните, односно ќе го спречи нивното подлабоко навлегување во должничката спирала.
– Доколку се донесе новиот закон за личен стечај, тоа ќе ги натера граѓаните да „отворат десет очи“ и да не се задолжуваат. Сега, на пример, некој може неколкупати да отвори фирма, па да ја стави во стечај и никому ништо. Но, кога ќе одговара со сиот свој личен имот, ќе подразмисли добро за во иднина – дециден е Арифи.
Всушност, стечајните управници ќе бидат своевидни старатели, кои наместо граѓаните ќе одлучуваат како да се трошат нивните пари.
The post Граѓаните што пливаат во долгови ќе може да си прогласат банкрот appeared first on Слободен печат.
Граѓаните што пливаат во долгови ќе може да си прогласат банкрот was first posted on август 31, 2020 at 1:52 pm.