Лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја за утре има закажана средба со германската канцеларка Ангела Меркел, а по состанокот се очекува да дојде до уште поголем притисок од страна на Берлин врз претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, кој од бројни страни е обвинуван за местење на резултатите од последните избори.
Тихановскаја објави дека со Меркел ќе разговара за можноста канцеларката да биде медијатор во разговорите што би требало да се водат помеѓу водачите на протестите во Белорусија и претставниците на Владата, предводена од автократот Лукашенко, кој засега ја ужива поддршката на рускиот претседател Владимир Путин и одбива да учествува во било какви преговори.
– Ќе дискутираме за начините на кои би можела да се направи притисок врз Белорусија, бидејќи Белорусите веруваат дека само со притисок ќе може да се натераат луѓето од врвот на земјата на преговори – вели лидерот на белоруската опозиција.
Преговори без Лукашенко
Таа смета дека во преговорите не би требало да учествува и самиот Лукашенко.
– Народот на Белорусија веќе го смета Лукашенко за нелегитимен. Затоа кога велиме преговори со Владата, ние мислиме на пониските ешалони на власта. Некои луѓе треба да преземат одговорност и да ги започнат преговорите, со цел да се изнајде излез од кризата – додава Тихановскаја.
Според официјалните резултати од претседателските избори, Тихановскаја освои 10 проценти од гласовите, но поради сомнежот во извештајот на изборната комисија, таа се прогласи за победник во претседателската трка, тврдејќи дека освоија повеќе од 80 проценти од гласовите. Тоа предизвика и големи протести во Минск и другите поголеми градови на Белорусија, каде што секој викенд се собираат повеќе стотици илјади луѓе.
Опозицијата не е антируски расположена
Тихановскаја доби голема поддршка за својата работа од западните политичари, таа веќе се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со полскиот премиер Матеуш Маравиецки. По средбата со Меркел во Берлин, таа ќе патува за Братислава на меѓународна конференција.
Сепак, и покрај отворената соработка со западните земји, опозицијата на Белорусија не е антируски расположена, ниту, пак, се залага за европски интеграции. Запрашана што би му порачала на рускиот претседател Владимир Путин, доколку добие шанса да се сретне се него, Тихановскаја изјави.
– Владимиру Владимирович, среќна сум што имам чест да разговарам со вас. Да дискутираме за фактот дека белорускиот народ сака самиот да носи одлуки за својата земја и самиот да носи одлуки за тоа со кого ќе гради добри односи. Луѓето во мојата земја веќе не можат да живеат под чизмата на диктаторот – вели таа.
Тихановскаја додава и дека од Путин би побарала да се вмеша во процесот на решавањето на кризата, а дека би била пресреќна доколку и тој би ја прифатил улогата на медијатор.
– Со ниту една страна не разговарам за тоа што би требало во иднина да прави новиот претседател на Белорусија. Доколку мнозинството од народот сака блиски односи со друга држава, тогаш треба да се почитува нивната волја и претседателот треба тоа да го оствари.
Тихановскаја е поранешна наставничка по англиски јазик и пред кандидатурата на летните избори, таа нема претходно политичко искуство. Нејзиниот сопруг, популарниот јутјубер Сергеј Тихановски, планираше да се кандидира за функцијата претседател, но беше уапсен во пресрет на кампањата, заедно со Виктор Бабарико, уште еден истакнат лидер на опозициските сили.
Тихановскаја ја презема кандидатурата на сопругот, а смета дека ѝ било дозволено да се впушти во предизборната трка, само поради тоа што Лукашенко не верувал дека може да биде победен од жена.
Повеќе од 100 лица уапсени во Минск
Над 100 лица се уапсени за време на неделните протести на опозицијата во Белорусија, соопшти Центарот за човекови права „Весна“. Списокот на притворени постојано се ажурира и сега на него има 103 имиња, пренесува агенцијата ТАСС. Меѓу нив и неколку новинари и опозициски политичари.
Претходно, полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстрантите што се собраа на улиците во Минск.
Протести во Белорусија се одржуваат од претседателските избори на 9 август, кога според официјалните податоци победи долгогодишниот лидер Александар Лукашенко, додека опозицијата тврди дека изборите биле наместени.
The post Германија ја презема улогата на медијатор во белоруската криза appeared first on Слободен печат.
Германија ја презема улогата на медијатор во белоруската криза was first posted on октомври 6, 2020 at 8:30 am.