2.8 C
Скопје
14:23 - 23 декември, 2024

Експертите за „војната“ меѓу Владата и фирмите за мерките против корона: Препораката не е обврска, но јавното здравје е закон

Владата е децидна дека сите работодавачи, и во јавниот и во приватниот сектор, мора да ги пуштаат родителите што имаат деца во градинка или во училиште до 10-годишна возраст, како и трудниците и хронично болните, со цел да се намалат опасностите од ширење на коронавирусот.

Министерството за труд и социјална политика вчера повторно потенцираше дека препораките важат за сите еднакво, повикувајќи ги работниците да пријават непочитување во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31. Оттаму, уште еднаш се повикаа на казнивоста според одредбите 205 и 206 од Кривичниот законик.

Правните експерти, пак, во едно се согласуваат, а тоа е дека препораката нема облигациско дејство. Но, сепак, тие велат дека станува збор за многу специфична ситуација, во која треба пошироко да се разгледа оваа препорака и другите правните аспекти на јавното здравје.

Експертката по медицинско казнено право Драгана Кипријановска вели дека според Кривичниот законик, ако нема деликтна последица, нема ни казна.

– Владата се повикува на член 205 и член 206 од Кривичниот законик. Сепак, во фокусот не може да биде кривично правната одговорност. Според членот 205, за да има дело, мора да се предизвика пренесување на заразна болест. Во однос на членот 206, станува збор за непостапување по мерки што се преземаат во време на епидемија. Светската здравствена организација завчера прогласи пандемија. Пандемија, наједноставно објаснето, е епидемија во глобални размери. Но, ние мора да земеме предвид што се случува на национално ниво и тука постои дефиниција во кои случаи се прогласува епидемија – вели Кипријановска.

Кипријановска објаснува дека Владата упати препорака до работодавачите во однос на платените слободни денови и, според неа, таа не можеше на приватните фирми да им упати наредба, како што тоа го направи со јавните претпријатија и со државните.

– Препораките се помеко право, односно советодавно право. Но, во оваа специфична ситуација кога е загрозено здравјето на населението, на оваа препорака треба да се гледа и како на еден заклучок на Владата, како на еден вид пропис. Исто така, треба да се земе предвид дека Кривичниот законик е бланкетна норма, која упатува на Законот за заштита на населението од заразни болести и тој закон треба да се земе предвид – вели Кипријановска.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека „препораката не може да влезе во задолжителните прописи“. Но, тој упатува и на правата на работодавачите.

– Со препорака се дефинира како треба да се однесуваат работодавачите, но и кон нив треба да има фер однос, односно тие мора да ги знаат мерките со кои би се помогнало на компаниите што веќе почнуваат да трпат огромни загуби, како што е во секторот туризам – вели Калајџиев.

Експертите по уставно право посочуваат дека претприемништвото е еден од елементите на темелни вредности на уставниот поредок на државата. Тоа е во член 8 од Уставот. Во член 55, пак, е наведено: „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето“.

The post Експертите за „војната“ меѓу Владата и фирмите за мерките против корона: Препораката не е обврска, но јавното здравје е закон appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....