-1.2 C
Скопје
19:12 - 22 декември, 2024

ЕК бара засилен надзор над разузнавачите, а новите пратеници се уште без сертификати

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјава во евроинтегративниот процес ги поздравува реформите на разузнавачките служби од септември 2019, особено истакнувајќи го етаблирањето на Агенцијата за национална безбедност како независно тело без полициски овластувања, за разлика од претходната УБК.

Сепак, од друга страна не изостанаа и критики, па оттаму препорака од Европската комисија во Извештајот е дополнително да се вложат сили со цел да се зајакне парламентарниот надзор врз разузнавачките служби.

Додека финансиските средства беа проблем да не проработи можноста за цивилен надзор, односно оваа задача да ја врши и Советот за надзор составен од граѓанските организации, целиот товар за контрола на работата на разузнавачките служби падна токму на собраниската Комисија, која во изминатиот парламентарен состав веројатно не ги исполни очекувањата на Европската комисија.

Сепак, оваа собраниска Комисија, во која со новиот собраниски состав членуваат и голем дел нови пратеници, се уште нема заседавано и покрај тоа што конститутивната седница се одржа уште на четврти август. Проблемот е, вели нејзиниот претседател, пратеникот од ГРОМ, Љупчо Пренџов, во тоа што  новите членови, па и тој самиот немаат безбедносни сертификати.

– Пред околу петнаесет дена ги пополнивме барањата за издавање ваков сертификат, но до овој момент нема одговор на нашето барање, односно не ни се издадени сертификати, потврдува за Слободен печат, пратеникот Пренџов.

Тој додава дека се уште ги нема видено препораките од најновиот извештај на Европската комисија што се однесуваат на надзорот на разузнавачките служби, но очекува со деталите да биде запознаен утре напладне во Собранието, при обраќањето на комесарот на ЕУ за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји.

– Имам план за надминување на пречките, но би било фер најпрвин да го чуеме Извештајот, а потоа планот да го доработиме заедно, и опозицијата и позицијата. Тоа би било во интерес на јавноста, а секако тоа го бараат и самите служби пред се заради нивната професионалност. Впрочем и сите ЕУ директиви во насока на надзор на службите во прв план ја ставаат јавноста, а нашиот Закон е изработен токму врз основа на европските регулативи за парламентарен и цивилен надзор, заклучува Пренџов.

Пратеникот Павле Трајанов, пак, кој воедно е и член во Комисијата, смета дека парламентарен надзор над службите е предизвик секаде во светот и многу тешко се остварува суштинска контрола, а таква била состојбата и кај нас.

– Согласно законите, системски и формално-правно добро е поставена парламентарната и граѓанската контрола, но во суштина немаме никаква контрола, бидејќи партиите на власт главно не се заинтересирани да ги контролираат службите за безбедност, уште помалку да утврдат кршење на законите и човековите права од страна на службите за безбедност, вели пратеникот Трајанов.

Според него оваа практика треба да се менува, преку нова методологија за работа на комисиите, едукација на пратениците, користење експертска помош и одговорност за попречување на ефикасното остварување на надзорната парламентарна контрола.

Инаку, Комисијата за надзор на АНБ и АР, дел од надлежностите ги црпи и од самиот Закон за Агенцијата за национална безбедност, каде во членот 60 се предвидува директорот на институцијата, на барање на надлежно работно тело на Собранието за надзорна Агенцијата, да овозможи пристап во просториите на Агенцијата на членовите на надлежното работно тело, да дозволи увид во документација, да даде податоци и информации за работата на Агенцијата и да одговара на прашања во врска со работата на Агенцијата.

И во Законот за Агенцијата за разузнавање е наведено дека подрачја каде се спроведува парламентарната контрола се законитост во извршувањето на службата, ефикасноста во извршувањето на работните задачи и рационалност во трошењето на буџетските средства.

Претседател на Комисијата за надзор е Љупчо Пренџов, а негов заменик е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски. Во неа уште членуваат Славјанка Петровска, Павле Трајанов, Мухамед Зеќири, Бастри Бајрами, Борислав Крмов, Александар Николоски, Вјолца Адеми и Елми Азири. За заменик-членови именувани се Јован Митрески, Боби Мојсоски, Марија Костадинова, Соња Михаиловска, Зоранчо Јованчев, Петар Ристески, Бајрам Кадрија и најмладата пратеничка во новиот парламентарен состав, 23-годишната Артина Ќазими.

The post ЕК бара засилен надзор над разузнавачите, а новите пратеници се уште без сертификати appeared first on Слободен печат.


ЕК бара засилен надзор над разузнавачите, а новите пратеници се уште без сертификати was first posted on октомври 6, 2020 at 2:13 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....