Од нападите на 11 септември поминаа 19 години. Сеќавањата на денот кога во само неколку часа загинаа скоро 3.000 луѓе и понатаму се живи, а сега се на едно место, вклучувајќи ги информациите и изјавите од документи на кои со поминатото време е извадена ознаката на тајност, а претставени се од американскиот академик Гарет М. Граф.
05.43
Двајца мажи (еден од нив е терористот Мохамед Ата) се наоѓаат во Портланд, во Мејн. Пред нив е летот за Бостон.
„Видов тука две лица како стојат и гледаат наоколу. Погледнав во картите и помислив – леле, карти за прва класа. Веќе не гледаш карти од 2.400 долари. До летот имаше помалку од 30 минути. Поставував стандардни прашања – дали некој ви даде нешто да внесете на авионот? Тој климаше со главата, смеејќи се. Јас му реков: Господине Ата, ако сега не одите, ќе го пропуштите летот“, раскажал Мајк Тоухи, агент за карти на аеродромот во Портланд.
Тоа утро вкупно 17 мажи се качиле на летовите за Бостон, Вашингтон и Њуварк. На некои од нив им ги пребарале торбите и им биле пронајдени ножеви, но според тогашните правила, тие не биле забранети.
07.59
Полетува авионот на летот 11 Американ Ерлајнс од Бостон до Лос Анџелес.
08.14
Капетанот Виктор Сарачини на летот 175 Јунајтед Ерлајнс полетува од Бостон за Лос Анџелес.
08.19
Бети Онг, стјуардеса на летот Американ Ерлајнс 11, се јавува на својата компанија за резервации. На телефонот одговара агентот Винстон Садлер.
Онг: Копилотот не одговара. Нето е прободен во бизнис класата и мислам дека има спреј – затоа не можеме да дишеме. Не знам. Мислам дека сме киднапирани. Јас сум број три на летот 11. Нашиот број еден е прободен. Благајникот е прободен и број пет. Не можеме да влеземе во кабината. Вратата не може да се отвори.
08.21
Садлер го пренасочува повикот кон агентот Нидуи Гонзалез, кој пак разговара со менаџерот Крег Маркис.
Гонзалез: Седеле на 2А и Б (двата патници од прва класа). Во кабината се со пилотите. Авионот лета многу непредвидливо.
Маркис: Локаторот е изгасен така да немаме дефинитивна висина за него. Но контролата на летот мисли дека се спушта.
08.24
Контролата на летот добива повик од летот 11, но подоцна разбираат дека киднаперите по грешка се пуштиле на нивната фреквенција и дека во суштина се обраќаат на патниците.
Мохамед Ата: Имаме неколку авиони. Само бидете тивки и ќе бидеме океј. Се враќаме на аеродром. Никој нека не мрда, се ќе биде океј. Ако пробате нешто, ќе направите штета и на себе и на авионот.
08.37
Контролата на летот ја контактира воената единица НЕАДС, која е дел од НОРАД (кои пак тоа утро одржувале вежби).
Контрола на лет: Имаме проблем. Имаме киднапиран авион кој оди спрема Њујорк и потребни сте ни, некој да крене Ф-16 авиони или нешто за да ни помогне.
НЕАДС: Дали е ова вистина или е вежба?
Контрола на лет: Не. Не е вежба, не е тест.
08.44
Маделин Свини (стјуардеса од летот 11): Позади сум со Бети Онг. Во кабината има бомба. Патниците во економската класа не знаат што се случува. Киднаперите имаат потекло од Блискиот Исток. Едниот добро збори англиски, другиот не. Брзо се спуштаме. Нешто не е во ред. Мислам дека капетанот не го контролира авионот. Гледам вода. Гледам згради. Ниско летаме. Летаме толку ниско. О, мој боже.
08.46
Авионот Американ Ерлајнс на летот 11 удрил во северната кула на Светскиот трговски центар, помеѓу 93 и 99 спрат. Експлодирале илјадници и илјадници литри гориво.
Ричард Ејчен: Видов како накај мене оди азиски маж, изгледаше како да е препечен. Неговата кожа висеше како морска трева. Ме молеше да му помогнам.
08.55
Претседателот Џорџ Буш стигнал во основното училиште во Сарасота, во Флорида.
Карл Ров, виш советник во Белата куќа: Стоевме пред училиштето. Ми заѕвони телефонот. Асистентката ми рече дека авион удрил во Светскиот трговски центар. Тоа беше се што знаеше. Шефот беше на еден метар од мене. Се ракуваше. Јас му кажав што се случи. Ги крена веѓите во смисла – дознај повеќе.
09.00
ВТОРОТО КИДНАПИРАЊЕ
Брајан Свини, патник на авионот Јунајтед Ерлајнс лет 175, пробува да и се јави на својата жена: Еј Џулс, Брајан е. Слушај. Авионот на кој сум е киднапиран. Ако работите не завршат добро, сакам да работиш добро, да бидеш добро – исто и твоите родители. Ќе те видам кога ќе дојдеш тука. Сакам да знаеш дека целосно те сакам. Збогум душо. Се надевам дека ќе те повикам.
Питер Хансон, патник на летот 175, со сопругата Ким и ќерката Кристин (2): Станува лошо, тато. Стјуардесата е прободена. Изгледа имаат ножеви и спреј. Велат дека имаат бомба. Авионот се тресе. Мислам дека со него не управува пилот. Мислам дека ќе се срушиме. Мислам дека планираат да одат во Чикаго или некаде и да се забијат во зграда. Не се грижи, тато. Ако се случи, ќе биде брзо. О боже, о боже, о боже.
09.02
Контролата на лет на Њујорк: Дали и тој лета накај зградата?
ТРАКОН (радарскиот пристапен центар): Уште еден се удри во зградата. Целата зграда се распадна.
Енди Кард: Одлучив да му пренесам два факти. Не сакав да почнам разговор, бидејќи претседателот седеше пред класот. Учителката побара учениците да ги земат книгите, па ја искористив шансата и му пристапив на претседателот. Му шепнав „друг авион удри во другата кула, Америка е под напад“. Отстапив неколку чекори за да не може да ми постави било какво прашање.
Претседателскиот авион брзо полетал.
Ерик Дрејпер, претседателскиот фотограф: Кога дојдовме на авионот, претседателот излезе од кабината. Одеше помеѓу седиштата и рече: „Океј момци, за ова не плаќаат“.
Вработените во Белата куќа заминаа накај тамошното засолниште.
Набргу по 09.00 часот
АМЕРИКАН ЕРЛАЈНС ЛЕТ 77
Авионот на тој лет полетал во 08.20 од аеродромот Дулс и тргнал накај Лос Анџелес, но до 08.54 се свртел и тргнал назад.
Тед Олсон: Една од агентките влезе внатре и рече: „Барбара е на телефонот“. Кренав на телефонот и ја слушнав Барбара која рече дека „нашиот авион е киднапиран“. Рече дека ја присилиле да седи во задниот дел на авионот, дека имале ножеви и скалпели. Ми рече дека ме сака. Звучеше многу, многу мирно. Бев во шок. Се јавив во министерството за правда и предупредив дека има уште еден киднапиран авион, дека мојата жена е на него и дека може да комуницира. Ми јави дека може да ги види куќите. Потоа телефонот се изгасна.
09.19
ВО НЕВОЛЈА Е И ЈУНАЈТЕД 93
Диспечерот на Јунајтед Ерлајнс, Ед Балинџер пратил предупредување за авионите, за кои бил надлежен за можни упади во кабината и дека два авиони се удриле во Светскиот трговски центар.
09.26
Пилотот на летот 93 на Јунајтед Ерлајнс, Џејсон Дахл враќа на пораката и бара Ед да потврди. Два минути подоцна копилотот го побарал на кратко, а потоа може да се чуе како вика: „Помош, помош, излези надвор“.
09.37
Авионот на летот 77 на Американ Ерлајнс се удрил во Пентагон. Сопругата на патникот кој летал на летот 93, Дин Барнет, раскажува како ја повикал нејзиниот маж. Го прашала дали е добро. „Не сум. Во кабината се.“ Му раскажала за Светскиот трговски центар, а тој тоа го пренел на луѓето кои седеле околу него. „О боже, тоа е самоубиствена мисија“, рекол тој.
Линда Гронлунд, патничка на истиот авион, ја повикала нејзината сестра: „На Јунајтед 93 сум. Киднапирани сме од терористи кои велат дека имаат бомба. Изгледа и нашиот авион ќе се сруши. Само сакав да ти кажам дека те сакам и дека ќе ми недостасуваш. Не знам дали ќе имам шанса да ти го кажам тоа повторно.“
ЕВАКУАЦИЈА НА ЈУЖНАТА КУЛА, ЛУЃЕТО ИЗЛЕГУВААТ
Џеанин Али, вработена во јужната кула: Имаше пожарникар, кој немаше повеќе од 19 години. Се сеќавам дека го погледнав и му реков „ништо не можеш да направиш, не оди таму“. „Госпоѓо, тоа е мојата работа. Морам да го направам тоа“, ми одговори.
Весли Вонг од ФБИ: Пожарникарот рече нешто што не го разбрав. Рече „пази се од телата кои паѓаат“. Ја поминав улицата и размислував за што рече за телата, а додека се доближував до зградата, пожарникар викна „бегај, доаѓа уште едно“. Се смрзнав и погледнав во небото. Видовме како маж со раширени нозе паѓа од небото.
Бил Спејд, пожарникар: На северната кула имаше врати кои се отвораа на детектор за движење. Тие се отвораа и затвораа како што паѓаа телата.
09.42
Федералната управа за авиони издала дотогаш невидена наредба – сите авиони во САД мораат веднаш да слетаат.
09.50
Беверли Екерт, сопругата на Шон Руни (северна кула): Бев толку среќна кога го слушнав неговиот глас. Ми рече дека е на 105 кат. Знаев дека не се враќа дома. Под него зградата беше во пламен. Не покажа ни малку страв. Разговаравме за својата среќа која ја делевме во текот на животот, а како димот стануваше погуст, само шепотеше одново и одново: „Те сакам“.
09.59
Јужната кула се срушила.
БУНКЕРОТ НА БЕЛАТА КУЌА
Наредник Ентони Барнс: Пентагон мислеше дека има уште еден киднапиран авион и бараа дозвола да го срушат идентификуваниот комерцијален авион. Го прашав потпретседателот тоа прашање и тој одговори потврдно. Прашав уште еднаш за да бидам сигурен. „Господине, потврдувам дека дадовте дозвола?“
Дик Чејни: Тоа требаше да се случи. Откако видовме што се случи во Њујорк и Пентагон, навистина немавме избор.
ЧЕТВРТИ АВИОН
Алис Ан Хоугленд: Летот 93 беше во воздух подолго од другите летови. Патниците успеале да дознаат за судбината на другите три лета и пробале да ги совладаат киднаперите.
Минута пред 10.00
Глас на арапски: Што е тоа?
Глас на арапски: Тепачка?
Глас на англиски: Во кабината!
Глас на арапски: Сакаат да влезат внатре. Држи, држи од тука!
Глас на англиски: Држи вратата!
Глас на англиски: Сопри го!
Се слушаат и други зборови, како „идеме на нив“, „тука има некои лица“, „седи“, „верувај во Алах“.
ЕР ФОРС ЕДЕН, НЕКАДЕ НАД МЕКСИКАНСКИОТ ЗАЛИВ
Гордон Џондроу, помошник во Белата куќа: Путин беше важен – сите тие воени состави беа спремни за нуклеарна катастрофа. Кога би ја огласиле, Путин требаше да знае дека не спремаме напад на Русија. Претседателот беше одличен – веднаш рече дека Русија нема да одговори.
10.29
Северната кула се сруши.
The post Една книга открива што НАВИСТИНА се случувало на 11 септември – Нападите што го потресоа светот ДЕТАЛНО објаснети appeared first on Слободен печат.
Една книга открива што НАВИСТИНА се случувало на 11 септември – Нападите што го потресоа светот ДЕТАЛНО објаснети was first posted on септември 11, 2020 at 10:30 am.