1.1 C
Скопје
02:28 - 17 ноември, 2024

Двајца папи: кој всушност победи?

Филмот почнува така што нѐ води низ кулисите (одаите и дворовите) на Папскиот дворец што се наоѓа во малиот италијански град Кастело Гандолфо. Овој град е познат по тоа што претставува летна резиденција на папата. Првпат, по многу векови, Католичката црква има двајца папи, кои се борат за престолот: активниот папа Франциск (Џонатан Прајс) и папата „емиритус“ (оној што е ислужен, оној што чесно си ја отслужил воената служба) Бенедикт XVI (Ентони Хопкинс). Во овој текст, ќе се обидам да ја опишам разликата на двајцата папи, идеолошка, теолошка и карактерна. Дополнително, филмот се навраќа – низ кратки сценски фрагменти – кога Бергољо одлучи сепак (после сѐ) да биде свештеник, и кога Аргентина беше воена хунта. Режисерот на овој филм се вика Фернандо Мејерс, а писателот на сценариото е Ентони Мекарти.

На почеток на филмот јас морам да кажам дека имам малку предрасуди спрема кој било „клер“ или „клир“, и во таа смисла, иако филмот оди релaтивно полека, гледачот ги запознава двајцата папи како фини старци, кои, помалку или повеќе, владеат со една милијарда луѓе на планетата, за на крајот да сфатиш дека филмот допира до многу болни прашања за Католичката црква. Всушност, овој филм е за „шизмата“, затоа што едниот папа е ужасно конзервативен, а папата Франциск е човек што е претставен за дел од таа некоја „либерална“ струја во Католичката црква. Поради таквите противречности, доаѓаме до самата „шизма“, што значи доаѓаме до срцето на поделбата во Католичката црква.

Бенедикт поднесува оставка

Имено, кога Бенедикт поднесува оставка, што е чин што се прави по 600 или 700 години, не дека не се случил и порано, туку се случил само трипати во историјата на Католичката црква, и кога Франциск станува папа, а всушност идејата на филмот е дека сите го поддржуваат Франциск. Во таа смисла, внимателен гледач не може да не помисли дека филмот не е пропаганден, ама кога ќе ги видиш овие двајца папи, преку улогите на Џонатан Прајс и Ентони Хопкинс, ти сфаќаш дека и тие поделби многу полесно се преџвакуваат, така што тие нивни разговори, приказни, начин на кој се запознаваат, сѐ она што ние го гледаме во филмот, многу повеќе би сакал ова да е потполна фикција на двајца папи, отколку вака некој да ми сервира, затоа што, на крајот на краиштата, таа нивна „тајна средба“ никогаш и не се случила.

Филмот се отвора така што папата Франциск се јавува на телефон да резервира авионска карта, и тоа го прави ужасно несигурно, оди на Лампедуза да ги посети сиромашните, место кое е „главната капија“ на мигранти што од Африка влегуваат во Италија.

Потоа брзо се враќаме во Буенос Ариес, каде што папата Франциск проповеда во сиромашните краеви, држи „миса“ со еден обичен јазик за верата. Веднаш потоа разбира дека умрел Јован Павле II, a поради тоа повикан е во Рим. А во Рим се наоѓа „конклава“ која треба да одбере нов бискуп на Рим, односно нов папа. Тука папата Франциск ги гледа сите кандидати, тој лично не е ничиј кандидат,  барем додека трае почетокот, нам ни се претставува за маргиналец, ама ако се истражи, ќе се види дека Рацингер (Бенедикт XVI) е негова десна рака, а тоа во нашиот превод би било „декан на конклава“. Тука мора да сфатиме дека станува збор за сериозна политика на лобирање.

Целата процедура за гласање на папа е кога ќе влезат во Сикстинската капела, официјалната палата на папата, нема пиење, нема јадење, сите се под клуч и остануваат таму додека не го изгласаат новиот папа. Во целата процедура важно е да се каже дека исклучуваат интернет, мобилните се исклучени само за да не може ништо да ги вознемири од наплив на информации. И по првиот круг на гласање, за кој секогаш се гласа церемонијално, гласаш за најдобриот пријател, Рацингер имаше 40 гласа, и ненадејно се појави Франциск (тогаш Бергољо) со 10 гласа, сите други имаа еден, два или ниту еден глас. И уште тогаш е јасно, не е папата Франциск никаков маргиналец и не е дојден „од никаде“. Веднаш потоа, откако завршува првото гласање, сите одат на богата вечера и на таа вечера се случува главното политичко лобирање.

Сега малку ќе скокнам: кога Бенедикт XVI сака да ја напушти папската позиција, Франциск му вели дека тоа не смее никако да го прави, затоа што тој до смрт е избран да ја чува таа позиција; од друга страна, Бенедикт, кој е конзервативен, тој на себе презема некаква одговорност за состојбата во црквата и можеби некои лични пропусти во водењето на црквата, ама сепак, Бенедикт, за кого не верував дека тоа може да се случи, се повикува на некаква демократичност; и тука исчитав еден апсурд: овој што е конзервативен, на демократски начин отстапува од власт, а овој кој е либерален (или барем ја држи таа „средишна“ линија) му вели „немој никогаш да се тргнеш од власт“.

Сака да ја спаси црквата

Она што јас го разбирам во филмот е следно: папата има обврска да умре на должност, и тоа не е дел од некоја догма, туку е „обичајно право“. Друго, важно, на првото гласање се поставува прашање „зошто Рацингер се повлекува“? Потоа, многу јасно, се покажува дека Рацингер се повлекува затоа што сака да ја спаси црквата, бидејќи тогаш ги следат некои скандали со проневера на пари, разни други скандали, и тогаш црквата од премногу компромитираност може сосем да се сруши. И наеднаш го имате овој човек што има желба да игра фудбал и човек што реално сите го сакаат.

Како одминуваше филмот, папата Франциск и Бенедикт не се согласуваа само во неколку работи. Франциск има некој „ореол“ на „народен човек“, но сепак, потполно обратно, тоа е човек што сака да се забранат изложби, и страшно зборуваше за хомосексуалците во почетокот, а потоа рече „компромис“, за на крајот да рече „промена“. Промената на папата Франциск за мене во филмот е козметичка. Прашањата со кои се занимаваше се следни: разведените може да се причестат, и второто прашање: прашањето за сиромаштијата. Тие се двете работи кои, ете, може да влезат во некој црковен „либерален“ спектар на вредности во црквата. И ќе заборавев, да, допира и за прашања од климатските промени и миграциите.

На крајот, пред да го погледате, ми се допадна музиката во филмот. Во оној момент кога тие од Гандолфо се враќаат во Ватикан, и кога Франциск повеќе не сака да го слуша, затоа што Бенедикт бара да му ја прифати оставката, и кога стигнаа во Ватикан, се слуша „Бела чао“. Италијанските свештеници од типот на Франциск, исто така е важно да се знае, биле партизани. И фамилијата на Франциск била во борба против фашизмот, а овој Бенедикт е фашист. Тоа јас на таков начин го разбрав. На самиот крај играат танго, на самиот крај Германците победуваат во фудбал против Аргентина, и сепак, има тука некоја малечка порака дека можеби, сепак, на крајот, Рацингер победи, нели? Да не заборавиме, тој и натаму е „меритус“ папа, и со својата рака го одбра овој друг папа Франциск, и можеби сите велиме романтично дека е револуција и промена во Католичката црква, а стварната промена е дека промена нема и станува збор за „континуитет“?

The post Двајца папи: кој всушност победи? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....