9.8 C
Скопје
02:50 - 5 мај, 2024

Додека ковид-19 галопира низ светот, барем полиото искоренето од Африка

Дивото полио е искоренето во Африка, по повеќедецениска борба со оваа болест што предизвикува трајна парализа и може да биде фатална, а за која нема лек.

Полиото најчесто ги напаѓа децата помлади од пет години, предизвикува трајна парализа, а може да предизвика смрт ако ги зафати мускулите за дишење во градниот кош. Болеста е искоренета со долгогодишни програми за вакцинирање на децата низ Африка. Низ светот, дивото полио сѐ уште го има само во Авганистан и во Пакистан.

Полиото е вирус што се пренесува од човек на човек, вообичаено преку контаминирана вода, а го напаѓа нервниот систем задолжен за моториката на телото.

Пред 25 години, полиото парализираше илјадници деца низ Африка. Последна земја во која беше искоренета болеста беше Нигерија, во која пред десетина години имаше повеќе од една половина од вкупниот број глобални случаи на полио. Вакцинацијата во Нигерија траеше најдолго, поради тешкотиите да се стигне до најзафрлените места, во кои животите на луѓето не се загрозени само од болеста, туку и од агресивните милитантни групи. Африканската регионална комисија за сертификација ја прогласи болеста за искоренета откако бројот на вакцинирани лица го надмина нивото од 95 отсто од вкупната популација на континентот.

Деца од Нигерија во училиште примаат доза вакцина. EPA PHOTO/STR EPA/-

Во текот на оваа година биле регистрирани 177 случаи на полио од Африка, но само како последица на вакцинирањето, а ниту еден од дивата форма на вирусот. Откриените случаи се од ретката форма на вирус што мутира од оралната доза на вакцината и може да се прошири низ заедници што не се целосно имунизирани. Светската здравствена организација предупреди дека ваква форма на вирусот имало во Нигерија, во Демократска Република Конго, во Централноафриканска Република и во Ангола.

Милијарди дози

Клучниот момент во борбата против полиото беше во 1952 година, кога докторот Џонас Салк разви ефикасна вакцина и им даде надеж на илјадници деца соочени со фатални последици или парализа. Десетина години подоцна Алберт Сабин изработи орална форма на вакцината, која најмасовно се користеше при регионалните и локалните програми за имунизација. И покрај големите напори, во 1996 година полиовирусот предизвика парализа кај повеќе од 75.000 деца во  Африка, и тоа во секоја земја од континентот. Јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела тогаш ја активираше програмата „Да го исфрлиме полиото од Африка“ и мобилизираше милиони здравствени работници и активисти, кои одеа од село до село за да ги вакцинираат децата. Во изминатите 24 години беа дистрибуирани милијарди дози орална вакцина, со кои се проценува дека биле спречени околу 1,8 милион случаи на парализа предизвикана од дивиот полиовирус.

Кампањата за имунизација најдоцна стигна до најзафрлените места, кои се и најзагрозени поради сиромаштијата, лошите хигиенски услови и активните милитантни групи. Во Нигерија, на пример, имунизацијата заврши во североисточната сојузна држава Борно, која е главната база на терористичката група Боко харам. Последниот случај на диво полио во Борно бил регистриран во 2016 година, а дури сега четири години подоцна, се исполнети условите болеста да биде прогласена за искоренета.

Имунизацијата во Борно била екстремно тешка мисија поради егзодусот на речиси 2 милиони бегалци предизвикан од нападите на Боко харам и од жестоките пресметки на оваа терористичка група со нигериските сили за безбедност.

Борба со лажните вести

Бебе прима полио вакцина во село во близина на Лагос. EPA/ONOME OGHENE

Покрај терористите, кампањата била загрозена и од ширењето лажни вести за вакцината. Во 2003 година имунизацијата била запрена во низа сојузни држави во северниот дел на Нигерија, поради протестот од муслиманските верски лидери, кои тврдеа дека вакцината содржи супстанци што предизвикуваат неплодност, наводно како тајна американска акција за намалување на наталитетот на муслиманите. Кампањата за имунизација продолжи откако нигериски експерти спроведоа лабораториски тестови на вакцините и докажаа дека дозите не содржат „тајни супстанци за неплодност“. Гласините, сепак, не престанаа да се шират, па во 2013 година одреди на групата Боко харам убиле девет медицински активистки што учествувале во програмите за спасување на животите на децата.

Здравствените експерти укажуваат дека клучен фактор за успешното искоренување на болеста било освојување доверба од локалните заедници дека вакцините се ефикасни и безбедни. Притоа се истакнува дека најубедливи биле луѓето што ја прележале болеста, но останале со трајна парализа.

– Многумина не сакаа да се вакцинираат, но нѐ видоа нас како се мачиме да им пријдеме, понекогаш ползејќи на големи делници. Ги прашувавме: „Не мислите ли дека е важно да ги заштитите вашите деца да не станат како нас?“ – вели активистот Мусабаху Лаван Диди.

Зад главната линија на фронтот на кампањата – луѓето со последици од полиото, во борбата биле вклучени и „армија“ од племенски и верски лидери, учители, доброволни активисти и здравствени работници. Без нив, само со вакцината, ќе било невозможно да се искорени болеста.

Лекции за ковид-19

Дози од полио вакцината во Лагос, Нигерија. EPA/Marshall Wolfe

Борбата со полиото во светот продолжува во Авганистан и во Пакистан, но и во Африка ќе продолжат да се спроведуваат мерки за да не се појават нови жаришта, кои брзо може да прераснат во епидемии во недоволно имунизирани средини. Тоа веќе се случи во Ангола, во која наспроти граѓанската војна кампањата за вакцинирање успешно заврши во 2001 година. Четири години подоцна беа откриени нови жаришта на полио, веројатно „увезени“ од други земји. Светската здравствена организација затоа ги предупредува земјите да останат внимателни се додека болеста не биде искоренета на глобално ниво.

Повеќедецениската борба со полиото укажува дека ќе бидат неопходни огромни напори на сите нивоа, од глобално до локално, за совладување на пандемијата на ковид-19, болест за која се уште нема ни вакцина ни лек. Од изнаоѓањето на вакцината за полио па до искоренувањето на болеста во Африка, како најкритичен регион, поминаа 68 години. Медицината и здравствените системи сега се поразвиени, но лекцијата од полиото укажува дека борбата со ковид-19 може да трае со децении за да се совлада болеста, и тоа само ако вакцините што сега се развиваат се покажат ефикасни, но и ако се разбие ширењето лажни вести за да се освои довербата од луѓето.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

The post Додека ковид-19 галопира низ светот, барем полиото искоренето од Африка appeared first on Слободен печат.


Додека ковид-19 галопира низ светот, барем полиото искоренето од Африка was first posted on август 27, 2020 at 8:43 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....