Гледам снимки стари по неколку денови, да се вратам во форма, по двонеделниот одмор. Неизбежно, Мицкоски ми отскокнува од архивите на медиумските платформи. И се смеам, што друго? Сѐ уште е опседнат со Заев, не гледа дека него го рушат неговите. Ќе ја уривал владата на рати. Масовни протести ќе имало од септември па натаму. Така и за Законот за јазици најавуваше масовни протести преку куртон-медиумите (израз на Латас), на 17 март 2018 година. Откако ништо не се случи, пак ги најави на 29 март 2018. Пак ништо. Подоцна, преку истите куртони, најави масовни протести и дека Заев е на колена, на 16 август 2019 година. Малку подоцна, на 17 октомври 2019 година најави протести „од утре“. Така и сега, ќе вадел „народ на улица“. Ќе рушел. На крај, ми пишува еден мој другар, ќе го срушат и него и ќе остане сам на улица.
По неколкуте акции на охридското крајбрежје со кое се одбележа почетокот на ставање ред со дивоградбите, следен на агендата беше објектот на „Фонтана“ кај Мавровка. Конкретно, ефикасно. Без динамит, без одмазда, според закон.
Е, сега, багерот бил мал, рушењето било бавно, не било навремено… Ништо не е како што треба… Ако (не) се воведува ред, зошто (не) се воведува ред… Трол-фабриките работат со полна пареа, за офкање без престан и тролање за сѐ и сешто. Тој проблем, таа „алуминиумска“ контаминација, нема да се реши со багери. Или можеби и може. Колку што се сеќавам, и седиштето на најбогатата европска партија е дивоградба.
За поздравување е ставањето ред со дивоградбите. Но добро ќе биде ако се ослободиме и од тешките последици на „Скопје 2014“. Дивоградби, криминални зделки, незаконски тендерски постапки, злоупотреба на службената положба… Има тука доволно материјал и за судења и за конфискации и за уривање. Добро е што Шпанските скали паднаа на суд, ама и на Скопје 2014 му е време да падне.
Ме прашува комшијата, вчера вратен од одмор, што било тоа пред Собрание пред два дена. Не знам, и јас бев на одмор до завчера, му велам. Веројатно, уште една селанска буна, дополнив. Ме изненадуваш, ми вели, смеејќи се.
Навистина, не многу политички коректно се изразив… Ама не е ни далеку од вистината.
The post Дивоградби, селанска буна, неизбежниот Мицко… appeared first on Слободен печат.
Дивоградби, селанска буна, неизбежниот Мицко… was first posted on септември 5, 2020 at 10:33 am.