-2.2 C
Скопје
08:18 - 23 декември, 2024

Денот Д за законот за ЈО е денеска

Денеска истекува последниот рок за усогласување на забелешките на помалите политички партии со најновиот, трет текст на законот за Јавно обвинителство, по кој Владата ќе го испрати предлог-законот во Собранието, кој треба да се изгласа со двотретинско мнозинство од 80 пратеници, кои според лидерот на СДСМ Зоран Заев сè уште не се обезбедени. Заев на Владата ѝ сугерирал наместо во вторник, точката од дневниот ред за усвојување на текстот на законот за ЈО да се одложи за денеска, за да се дочекаат и да се затворат предлозите и за да останат неколку денови за Собранието да го усвои пред најавеното распуштање. Според него, албанските опозициски партии и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите што се водеа во Министерството за правда доставиле интересни предлози, од кои дел се прифатливи, а дел неприфатливи, а тој не ја исклучува можноста и од ВМРО-ДПМНЕ во последен момент да достават амандмани.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да гласаат за овој закон, а ќе го поддржат секој предлог-закон што ќе дојде од експерти по уставно и кривично право. За Заев ова е несериозен предлог, бидејќи и актуелните законски предлози ги изработувале експерти, а нов текст би се чекал до октомври или ноември оваа година, што е несериозно, особено што сега пред изборите земјата треба да испрати сериозен сигнал до ЕУ дека прави сè за да ги спроведе реформите.

– Предлози за законот за Јавно обвинителство доставија сите што учествуваат во работните групи. Амандманите што се разгледуваат и оние од независните пратенички групи, верувам ќе бидат обелоденети. Направија состојба да ја стават Владата во сериозно размислување за да види што е она што може да го прифати, а да не се поминат црвените линии на ЕУ заради европската регулатива што сакаме да ја преточиме во законот – истакна завчера попладне Заев и додаде дека за законот ќе биде консултирана и европската делегација во Скопје.

Тој изрази надеж дека до распуштањето на Собранието ќе бидат донесен законот за ЈО, како и законот за одбрана и Протоколот за НАТО. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не учествува во двотретинското мнозинство, тоа ќе се обезбедува со албанската опозиција, како и со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа осуммина, а сега можеби се и седуммина затоа што за  Елизабета Канчевска-Милеска се шпекулира дека може да се врати во ВМРО-ДПМНЕ.

Од Независната пратеничка група за „Слободен печат“ велат дека нивната поддршка на законот ќе зависи од тоа колку власта ќе биде подготвена да ги прифати нивните амандмани, кои ги селектирале во четири области. Првата е изборот на шефот на одделот за организиран криминал и корупција, а останатите амандмани, групирани во втора, трета и четврта област, не ги откриваат, за, како што велат, да не му се наштети на преговарачкиот процес. Пратеничката Нола Исмајловска во телевизиски настап потврди дека ќе бараат незаконски прислушуваните разговори т.н. „бомби“ да не бидат докази во судска постапка, туку само индиции и ќе поднесат таков амандман со цел овие материјали да не бидат злоупотребени, а законот за ЈО да не се коси со Законот за кривична постапка. Таа рече дека ќе бараат и одложено дејство на законот за 6 месеци.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во разговор за Дојче веле вели дека има можности да се донесе законот до 12 февруари ако се постигне договор. Тој потсетува дека сè уште не е завршена 108. собраниска седница од 27 август 2019 година, на чиј дневен ред остана претходната, втора верзија на законот за ЈО. За тој предлог беа поднесени 50-ина амандмани, а десетина амандмани беа усогласени во Комисијата за европски прашања.

– Ако го усогласат тој текст, таа седница може да продолжи. Но, ако достават и нов предлог, не е спорно веднаш да свикам нова седница, бидејќи ние сме во постојано заседание, и кога станува збор за итни потреби, ќе биде пуштен по скратена постапка – вели Џафери.

Собраниски извори за порталот „Слободен печат“ велат дека пред 10 февруари Законот нема да се најде на седница затоа што во моментов дел од пратениците се приватно или службено отсутни. Артан Груби е на молитвен појадок кај американскиот претседател Доналд Трамп, во САД е и пратеникот Бранко Манојловски, а неизвесен е и пратеникот Панче Минов.

The post Денот Д за законот за ЈО е денеска appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....