Сите знаеме како и од кои причини се распушти Македонското собрание. Се договорија луѓето да се оди на избори, изгласаа таква одлука и заминаа по партиите, некои да се најдат на новите изборни листи, други да прават сплетки бидејќи не се на тие листи, а трети со голема воздишка на олеснување да се вратат на она што го правеле пред да станат пратеници. Но, само додека на следните избори на нивното место не дојдат нови народни депутати – до тогаш, тие се лицата на нашата изборна демократија, макар и функционално препуштена во „нежните раце“ на политички конструираната Техничка влада.
Потоа се појави вирусот, па епидемијата, па пандемијата – и ги растури на парампарче сите домашни и светски математики, предвидувања и планови за живот! Следуваше една вонредна состојба, па уште една вонредна состојба… Благодарејќи на стручноста на најважните сектори во Техничката влада, на компетентноста на најголемиот дел од здравствениот систем и на дисциплината на најголемиот дел од граѓаните, епидемијата се стави под контрола на начин што, до сега, одолеа на сите шалабајзерски повици за авантуристички стратегии за справување со големите предизвици на здравствената криза.
Сега е дојдено време за постепено, претпазливо враќање на земјата во „нормала“. Општествена, економска, животна и – политичка.
Во услови на постоење на распуштено, но живо и здраво Собрание, на чело со негов претседател кој ги исполнува сите редовни шанси за работна парада, сега се толкува дека Собранието, еднаш распуштено, да не можело НИКАКО пак да се свика на седница бидејќи, наводно, така пишувало во Уставот, а и во Деловникот за неговата работа. Деловникот – памтите, оној што едвај го донесоа – е појак од судбината.
И што е решението? … Лидерска средба!
Не треба да се има ништо против, убаво е лидерите да се среќаваат кај Претседателот на државата, тоа се, главно, паметни луѓе, има во нив муабет и по некој ситен, личен интерес… Но, во кој устав и деловник е запишано дека ТИЕ се НАД Собранието во носење одлуки за тоа што треба да се прави со демократијата во вонредни услови? Според која правна логика Собранието, наводно, е нелегално да се состане, а легално е, вон сите пишани и непишани демократски стандарди, десетина луѓе, собрани во неформално тело, со икебана на масата, да ја решаваат иднината на кризнава ситуација?
Цела Уставна катедра на скопски Правен факултет (а кој друг, ако не пак Куријата?) се јави за збор – сите, патем, со дебели „инвестиции“ во политиката – за да ја дерогира правната и демократската смисла на Собранието, за сметка на едно консултативно собирање кај Претседателот.
Зошто се прави тоа? Поради разни политички калкулации, во чиј центар не се здравствените, туку политичките математики.
Официјално, сите изјавуваат, политички коректно, дека во оваа кревка здравствена ситуација никој не размислува за избори. Убаво, им порача Пендаровски, ако е така, да, ќе има лидерска средба – за едно три недели! До тогаш…
Но, ако летово не се оди на избори, иако сите бараат што побргу да се нормализира ситуацијата барем пред очекувањата за обновување на здравствената криза следнава зима – на пример, суштински, наскоро ќе можеме и да се коцкаме во коцкарниците и да се обложуваме во обложувалниците – како ќе се владее со земјава? Ќе остане ли Техничкава влада до следната пролет? Или додека, којзнае кога, не се вакцинира целото население? Уште колку пати ќе треба Пендаровски да ја продолжува вонредната состојба, за да има правна рамка за функционирањето и одлуките на Техничката влада?
Доколку, пак, се мисли дека треба да се прејде на некаква „концентрациона влада“ со задача да се „премости“ периодот до следната година кога, можеби (а можеби и не), ќе се создадат здравствени услови за укинување на целата вонредност, кој ќе ја изгласа таа влада, ако Собранието сега се прогласува за, наводно, уставно-правно „упокоено“? На лидерска средба ли ќе се октроира таква влада? Тоа би било уставно-правно прифатливо?
Не се лесни одговорите на овие дилеми, во ова време кога сè е пореметено и превртено на глава. Но, се чини дека, токму заради вонредните состојби во кои се наоѓаат повеќето општествено-политички системи на Земјината топка, лаконското „отпишување“ на кондицијата и функционалноста на „куќата на демократијата“ – Собранието на РСМ – не само што не помага, туку ги продлабочува и онака компликуваните состојби.
Дури и без разлика на тоа какво поединечно мислење може да се има за персоналниот состав на овој собраниски созив. Оти, кога нуждата е голема, не бива нужникот да е нефункционален…
The post Демократија без Собрание? appeared first on Слободен печат.