12.8 C
Скопје
13:53 - 18 декември, 2024

„Брзата лента“ на ВМРО-ДПМНЕ стана кочница на патот кон ЕУ

Спроведувањето на Преспанскиот договор, донесувањето на Законот за јавно обвинителство и организирањето успешни избори беа клучните обврски што треба да ги исполниме и на кои укажа еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ при завчерашната посета на Македонија. Но, дали постои потенцијал овие услови да се исполнат навреме, Законот за јавно обвинителство да се донесе до распуштање на Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ да ретерира од негативната реторика за Преспанскиот договор?

Советникот за евроинтеграции во Владата Бојан Маричиќ вели дека ВМРО-ДПМНЕ со прокламираните ставови негативно влијае врз процесот. Причината за ова ја гледа во тоа што партијата испраќа сигнали дека нема да го користи уставното име на државата, а истовремено најавува дека ќе ја „стави Македонија на брза лента“ за ЕУ.

– Ова е контрадикторно. Сепак, еврокомесарот Вархељ не испорача тврди услови и посочи дека Македонија е спремна да ги почне преговорите. Во февруари ќе се прави нов извештај и тој посочи дека е добро да биде донесен Законот за јавно обвинителство. Со ВМРО-ДПМНЕ се преговараше за овој закон долго време и партијата направи сè што е можно за да истече рокот и да не се донесе законот. На тој начин влијаат негативно врз процесот. Но, ние нема да се откажеме и ќе продолжиме да се обидуваме да се донесе законот со лобирање со другите пратеници до распуштањето на Собранието – ни изјави Маричиќ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски ја префрла топката во дворот на СДСМ.

– Ако собраниското мнозинство и Владата му дадат поголем приоритет на законот за Јавно обвинителство наместо на законот за трговија со сува марихуана, тогаш има шанси да се донесе до распуштање на Собранието – ни изјави Милошоски.

Тој не верува дека пристапни преговори за ЕУ ќе почнеме пред втората половина на годинава, пред германското претседателство.

– Тоа индиректно го кажа вчера и самиот комесар, дека фер и демократски избори се еден од битните предуслови. Изборите се на 12 април, еве да речеме дека ДИК ќе заврши со сите можни рокови на 20 април. Сметам дека е нереално тоа што го најавуваат Димитров и Османи, дека во март може да се очекува одлука за почеток на преговори. Како пореални ги гледам проценките на претседателот Стево Пендаровски. Тој рече дека според неговите информации не е реално да се пумпаат преголеми очекувања за одлука за датум во март и мислам дека е основана таквата проценка – објасни Милошоски.

Тој не ретерира од позицијата дека партијата ќе го спори Преспанскиот договор, особено новото име за внатрешна употреба, затоа што, според него, резултатите од референдумот не биле испочитувани што е причина за конфликтност меѓу политичките субјекти во државата.

Сепак, еврокомесарот Вархељ упати силен сигнал дека пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ ќе почнат многу брзо, во март, и додаде дека е важно земјава да ги имплементира реформите, со приоритет на новиот закон за Јавно обвинителство. Претседателот на националниот совет за евроинтеграции во Собранието Никола Попоски за „Слободен печат“ вели дека е логично Европската комисија да биде најпозитивна во оценките за почеток на пристапните преговори.

– Во Комисијата не може да се среќни што 15 години по моментот кога требало да почнат преговорите, сè уште сме во редица за чекање. Низ годините секогаш се наоѓале изговори да се подобјасни зошто треба уште малку време. Но, одлука за тоа не носи Комисијата туку земјите членки. Ниту еден изговор денес не е валиден за дополнително одолговлекување барем кога е Македонија во прашање. Во европската реалност, пак, позначаен е исходот од локалните избори во Франција во март отколку дали одлука за преговори со нас ќе се донесела оваа среда или следниот петок. И во наш интерес е да се фокусираме на чистење на сопствениот двор отколку да висиме со очекувања за тоа на кој состанок ќе се донесе одлуката. Еден ден и таа ќе биде донесена. Поважно е тогаш во каква форма ќе ни е земјата и граѓаните тука. Со условување ќе се соочиме на тони во самиот процес на преговори. Тие не се врзуваат со тој или тој текст. Значи, не е поентата да изгласаш закон, оти ни се чини дека така ни рекле. Туку, дали имаш систем што испорачува правда или немаш – вели Попоски.

Претседателот на Центарот за европски стратегии Андреја Стојковски за „Утрински брифинг“ рече дека тоа што Европската комисија доби нов комесар е поволно за Македонија. За него новиот еврокомесар е вистинско политичко водство кое ја влече работата понатаму.

– Во овој момент ќе ѝ биде многу тешко на Франција да каже „не“ за Македонија, а да објасни зошто. Ако Франција сака да се наметне со блокирање на преговорите, сега нема да може тоа тукутака да го прави. Времето на Франција истекува. Во март ќе се обидат да го затворат целиот процес, реформираната рамка за почеток на преговорите. Оптимизам постои – истакна Стојковски.

Заев: Немаме алтернатива за ЕУ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев по средбата со еврокомесарот за проширување Вархељ, посочи дека главен мотив на земјата и натаму е Европската Унија.

– Секој ден, секоја недела, секој месец е важен за реализација на реформите кои се важни за нас и за ЕУ. Ја очекуваме новата методологија и веруваме дека таа ќе има фер пристап и ќе се вреднува единствено преку МЕРИТ-системот. Наш главен мотив и натаму е ЕУ и таа нема алтернатива. Сè што зависи од нас, ќе биде сторено како што беше и досега. Отпочнување на преговори со Северна Македонија ќе значи и позитивен сигнал за целиот наш регион – истакна Заев.

Со еврокомесарот се сретнаа и претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Сите му се заблагодарија на Вархељ за поддршката во евроинтегративните процеси.

The post „Брзата лента“ на ВМРО-ДПМНЕ стана кочница на патот кон ЕУ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....