Фирмите и граѓаните им должат на банките 5,6 милијарди евра. Структурата на долгот е таква што износот на долговите е речиси еднаков и на домаќинствата и на компаниите. Фирмите им должат на банките 2,72 милијарди евра, а граѓаните 2,83 милијарди евра, заклучно со февруари годинава, покажуваат податоците на Народната банка.
Според ова, секој вработен граѓанин, за кој според податоците на Пензискиот фонд се плаќаат придонеси (578.023 осигуреници), во просек кај банките е задолжен со 4.900 евра. Во државава, пак, има околу 72.500 деловни субјекти, што значи дека тие во просек се задолжени со по 37.500 евра.
Отплатата на долговите во оваа вонредна ситуација кога многу фирми не работат или работат со значителни капацитети, како и кога многу луѓе останаа без работа или ќе земат намалена плата, е огромен товар, а за некои и невозможен.
Со потрошувачки кредити заглавени до гуша
Структурата на кредитите кај граѓаните веќе долго време го покажува неповолниот сооднос, односно дека граѓаните најмногу земаат потрошувачки кредити, кои главно се за преживување и за помали инвестиции какво што е некое реновирање на домот или обновување со бела техника.
Од вкупно 2,8 милијарди евра, за потрошувачки кредити се 1,5 милијарди евра и нивниот износ во февруари годинава се зголемил за 14,3 проценти во однос на ланскиот февруари. Покрај потрошувачки кредити, за затворање на потрошувачките дупки граѓаните користат и кредитни картички и на овој начин искористиле 190,6 милиони евра, а користат и одење во минус со плати, при што негативните салда се 112,2 милиони евра.
Расте задолженоста и за станбените кредити. Овој февруари, во однос на ланскиот, растот е 14,3 проценти, а нивото на овој вид кредити достигна 854 милиони евра.
Автомобилските кредити и понатаму се намалуваат. Годишната стапка на намалување е 5 отсто, а нивниот износ е само 5 милиони евра.
Тактизирања за ратите
Деновиве во јавноста е актуелно прашањето околу замрзнувањето на ратите за кредитите. Притоа, има повеќе варијации на оваа тема.
Според Македонската банкарска асоцијација, никако нема да стане збор за мораториум на отплатата на кредитите туку ќе им се помогне на оние на кои тоа им треба.
Според гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска, ќе има повеќе начини на кои ќе им се помогне на фирмите и на граѓаните – преку одложување на отплатата, преку плаќање на повеќе рати, со пониски камати.
Министерката Нина Ангеловска, пак, рече дека во крајна линија со овие можности е опфатено и одложувањето на ратите, но дека сето тоа ќе биде прецизирано со уредба на Владата. Уредбата, барем додека се пишува овој текст, сѐ уште не е донесена. Според Ангеловска, уредбата ќе им се овозможи на банките на својата веб-страница да ги наведат условите и граѓаните и компаниите ќе добијат понуда, по што во рок од 10 дена ќе треба да се изјаснат дали ја прифаќаат или ќе си отплатуваат по старите услови.
За претседателот на СДСМ Зоран Заев, пак, кој го презентираше предлогот за економските мерки до Владата, банките мора да прифатат замрзнување на ратите најмалку за 3 месеци, а ако не го направат тоа, Владата со уредба тоа ќе им го наложи.
Олеснувања за отплата и на брзи кредити?
Финансиските друштва што даваат брзи кредити на состанок во Министерството за финансии соопштиле дека и тие ќе даваат олеснувања за клиенти што имаат проблеми да ги платат ратите, дознава Фактор.
Се очекува да има олеснувања во смисла на репрограмирање на кредитите со поповолни услови, но не и замрзнувања на плаќањата.
The post Банкарскиот долг огромен товар во вонредните услови: Секој вработен во просек им должи на банките по 4.900 евра appeared first on Слободен печат.