14.8 C
Скопје
13:39 - 19 ноември, 2024

Апокалипса на потрошувачката економија

Додека се бараа начини да се избегнат мачните етички и медицински избори кои се наметнати од скудните ресурси на преоптоварениот здравствен систем, пандемијата ја стави македонската економија пред „стрелачки вод“. По објавените бројки за пад на БДП во вториот квартал од 12,7 отсто, се потврдија најавите дека рецесијата и коронакризата, одат една со друга.

Интересно е што чкрапалото за драстичниот економски пад е уникатно во модерната економска историја, бидејќи се однесува на вирус, односно не е некој вообичаен економски или финансиски фактор. Единственото во што сега се сигурни светските, но и домашните екомисти, е дека треба да се отфрлат сите прогнози, бидејќи никој не знае колку долго ќе трае рецесијата.

Извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, неодамна оцени дека вакво нешто не е видено во последните 75 години, како и тоа дека веќе 85 земји побарале помош од Фондот. За да ја преброди најжестоката криза досега, и Македонија, можеби, ќе мора одново да позајмува пари, а со веќе достигнатиот лимит на јавниот долг од околу 60 проценти, тоа нема да биде ни брза, ни лесна, а ни евтина операција. Кредиторите сега се попретпазливи од кога било, а каматите скокаат поради огромната потреба од финансиски „базуки“ за спас на фирмите и зачувување на работните места. Светските анализи веќе зборуваат дека оваа криза ќе биде „мајка на сите финансиски кризи“ и дека ќе предизвика „апокалипса на потрошувачкиот менталитет“.

Ако се погледнат статистичките бројки, падот од речиси 30 проценти, покажува дека на македонската преработувачка индустрија ќе ѝ требаат две до три години да се врати во предкорона времето. Стопати е кажано, ама уште еднаш ќе повториме, ние зависиме од извозот – 70 проценти од она што излегува од нашите погони оди на европските пазари, кои веќе во јули забележаа драстични економски минуси. Нашиот извоз се намалил за 32, а увозот паднал за 30,2 проценти. Каде и да погледнеме, забележуваме удар врз домашната побарувачка, а тоа влијае врз синџирите на снабдување. Трговијата во овој период има пад од 23,4 проценти, а тоа е констатирано и кај транспортот. Социјалната дистанца има катастрофални ефекти на веќе разнишаните бизниси. Според Државниот завод за статистика, финалната потрошувачка на домаќинствата во вториот квартал паднала за 9,9 проценти, а таа учествува во структурата на БДП со 70,6 проценти. Пад има и кај градежништвото, но само од 0,5 отсто, а минус од 3,1 отсто има кај финансиските дејности и осигурувањето, како и кај стручните, научните и техничките дејности.

И угостителскиот сектор е издишан со пад од околу 24 проценти. Затворањето на неесенцијалниот дел на економијата поради спречување на ширењето на заразата –  кината, теретаните, игротеките –  резултира со масовно намалување на потребната работна сила во овие сектори. Или вкупно по сектори, без работа останаа околу 40 илјади лица. Државната статистика пресмета и раст на трошоците на живот за 1,5 проценти во август, споредено со истиот месец лани. Најмногу поскапеле комуналиите и домувањето за 4,5 проценти. Минус од 13,2 отсто, македонската економија забележала во 1992 година, а актуелниот пад од 12,7 отсто, е пад кој не е регистриран од 2001 година, кога земјата се соочи со воен конфликт.

Бројките ги прифаќа и премиерот Зоран Заев, но тој сепак е оптимист. Тој вели дека нашата економија е поврзана со европската и голем дел од работите не зависат само од нас. Според Заев, БДП е во согласност со проекциите, а параметрите покажуваат дека добро се справуваме со економските состојби. За него е добра вест што во вториот квартал сепак имаме раст во неколку гранки, меѓу кои е земјоделството. Тој верува дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст.

И за економистите е важно што ќе се случува во третиот и четвртиот квартал од годината, бидејќи така ќе може да се ублажи драстичниот пад во вториот квартал, оти растот во првиот квартал беше незначителен (0,2 отсто). Тие советуваат на брза реакција и порачуваат дека ребалансирањето на Буџетот е повеќе од неопходно. Не ни треба потпирање на макроекономските агрегати (извоз, увоз, БДП), туку следење на финанските агрегати – даночниоте прилив. Строго треба да се избегнуваат сите непродуктивни трошоци, оти секој потрошен денар кој нема да се врати значи поголемо тонење во бездната.

Без разлика што премиерот Заев е убеден дека параметрите, покажуваат дека добро се справуваме со економските состојби и оти треба да се продолжи со поддршката на македонската економија и компаниите во пребродување на кризата, тој не заборави да спомене дека годинава ќе треба да вратиме најмногу кредити. Од 1,14 милијарди евра, 540 милиони се вратени, а остануват 600 милиони до крајот на годината. Тој е сигурен дека парите се обезбедени и редовно ќе се сервисира долгот, а за новиот пакет мерки нема да има потреба од задолжување.

Четвртиот најавен економски пакет може барем краткорочно да го ублажи падот. Како и да се развиваат дополните мерки, особено оние за помош на фирмите, важно е да се осигура тие да бидат доделени транспарентно, внимателно насочени и фискално одржливи. По оваа фаза, на ред се институциите кои треба да бидат подготвени да го олеснат пристапот до кредити кои ќе им овозможат на фирмите да го обноват своето работење. Оти по овој шок македонската економија, ќе личи на дете кое се тетерави за да застане на нозе…

The post Апокалипса на потрошувачката економија appeared first on Слободен печат.


Апокалипса на потрошувачката економија was first posted on септември 9, 2020 at 11:44 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....