12.8 C
Скопје
14:49 - 25 април, 2024

АНАЛИЗА Вирусот повторно ни ги откри убавините на Македонија

Туристичката сезона привршува, а ова лето македонските туристички места се исполнија со домашни гости. И туристичките работници и домашните гостите, годинава како повторно да се запознаваа. Во автокамповите атмосферата потсети на дамнешните лета кога македонските фабрики имаа свои приколки и вриеше од гости. Секако, приказната е сега поинаква, но многумина кампуваа, или летуваа во бунгаловите, а некои таму се одмораа и по повеќе од еден месец. Гости имаше и во приватните сместувачки капацитети, а за празникот Илинден, буквално не остана непополнето легло. Летово, полни со гости беа дури и оние капацитети што не нудеа апартманско сместување, кои имаа заедничка кујна и кои немаа тоалет во секоја соба, иако тоа не беше многу препорачливо за време на пандемија со опасниот вирус. Но, домашни гости, како никогаш досега, имаа и хотелите, и тоа оние на првата линија до плажа, кои секогаш беа резервирани за странските гости, а за домашните, обично и не беа многу достапни со цените.

Конечно, хотелски цени како за странци

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсто Блажевски вели дека летово хотелите ги понудија оние цени што им ги даваат на странските туроператори, кои знаеја да беа и по триесетина проценти пониски отколку при директно изнајмување од домашните туристи. Сепак, потсетува тој, странските туристи ги полнеа нашите хотели во подолг период, и финансиските ефекти не се исти како лани.

Profimedia

– Во август поминавме добро, хотелите се наполнија со домашни гости, а некои резервации има и за септември. Може да кажам дека 99 отсто од гостите беа домашни. Порано, во летна сезона 80-ина отсто од гостите беа странски. Но, за странските гости сезоната траеше и до шест месеци. Така што, реално, хотелите годинава ќе работат со загуба. Не може тоа што ќе го заработиме за 1-2 месеци да покрие трошоци за вработени, струја, вода за 12 месеци. Но, еве ова е своевидна реклама на домашните капацитети за домашните гости, да видат какви се можностите на домашниот туризам и да се потсетиме на убавите места дома. Слушнав коментари од наши гости дека овде си поминале многу убаво, а за многу помалку пари отколку што би потрошиле во Грција – вели Блажевски.

Кон домашните хотели се свртеа и туристичките агенции и се направија хотелски аранжмани. Годинава како хит хотелска понуда која се продава преку многу агенции, може да се смета полупансионското сместување во охридскиот хотел „Десарет“ со 3 ѕвезди за 7 дена за 149 евра, со бесплатен престој за деца до 12 години, така што едно четиричлено семејство може да помине една недела за 18.000 денари. Во повеќе други охридски хотели може да се добие ноќевање со појадок за едно лице од 22 евра, или полупансион од 26 евра, но секако има и многу повисоки цени.

На струшката ривиера, цените се пониски. Така во хотелот Дрим, на крајот од август може да се отиде за 20 евра за ноќевање со појадок, а специјални понуди има за септември. Во струшкиот хотел Галеб пак, преку туристичка агенција може да се уплати ноќевање со појадок за 12 евра, полупансион за 16 евра, или полн пансион за 20 евра по човек. Поволни понуди има и во Дојран, но не можевме да забележиме дека оваа дестинација се нуди преку агенции, а во преспанскиот регион, хотелското сместување е ограничено на хотелот од познатата серија „Преспав“ – „Лајк вју“ каде цената за двајца, за една ноќ, со вклучен појадок е 2.500 денари.

Приватните сместувачи ги зголемија цените

Сепак, овие цени голем дел од граѓаните не може да си ги дозволат и тие се свртеа кон приватните сместувачки капацитети. Таму, пак, се случува обратен процес од оној во хотелите, односно тие ги зголемија цените. Пребарувањето по старите објави и споредбата со нови, покажува дека оние капацитети во Охрид каде што лани се нудело ноќевање за 300 денари по човек, летово го почнаа со цени од 400 денари, а во шпицот на сезоната тие цени стигнаа  500 до 600 денари. Во центарот на Охрид има многу апартмани и повеќето од нив минатите години нуделе сместување за двајца од 1.200 денари за ден, но летово ги покачија цените на 1.500 денари дневно, па и повеќе.

Плажа Охрид
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Приватни сместувачки капацитети може да се најдат и преку платформата Букинг. Разговаравме со еден газда на вила во населбата Коњско во Охрид и тој ни кажа дека минатите години главно резервирале гости од странство.

– Имавме многу често гости од Полска и морам да кажам дека тие се одлични туристи. Годинава, гостите се од Македонија. Секако, прекрасно е да се видат домашни гости. Но, ако ме прашате за заработката, странските гости многу често земаа појадок, а сакаа да се напијат и кафе што го нудиме на терасата. Појадокот е 5 евра и мене ми е јасно дека на нашите луѓе им е скапо ако двајца појадуваат за 600 денари – вели сопственикот на вилата која има седум апартмани.

Но, наспроти искуството на овој издавач на апартмани, кој вели дека оваа година заработил помалку од лани, ова лето своите соби ги издадоа и оние што вообичаено не можеа да го направат тоа во минатите сезони, или барем не го направија за толку денови како годинава. Причината е јасна, годинава имаше огромна побарувачка, особено за Охрид, така што се исполнија и капацитетите кои, да имаше избор, немаше да го задоволат вкусот на туристите. Во разговорите со мештаните откривме дека дел од тие што изнајмуваат сместување, поради стравот од пандемијата, воопшто и не ги отвориле вратите на своите домови за гостите, иако порано тоа го правеле.

Полно и на планинските места

Иако најголем дел од овогодишните одморци летуваа покрај езеро, сепак гости имаше и во планинските одморалишта. Хотелиерите од Маврово и од Берово велат дека и кај нив биле исполнети значителен дел од капацитетите, но се жалат дека најголем дел од гостите доаѓале преку викенд, а помалку уплатувале пет или повеќе вечери.

Profimedia

Она што можеше да се забележи е дека на страниците за огласување изостанаа вообичаените огласи за издавање на куќи во Маврово, што очигледно се должи на стравот од пандемијата, но и од тоа што сега сопствениците многу повеќе си престојуваат во своите викендички од порано.

Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, пандемијата наметна и една нова реалност на која треба да се работи во туризмот, а тоа е алтернативен туризам, кој одговара на новите навики на граѓаните, да се одмараат повеќе пати по неколку дена, и да бараат нови содржини. Тој вели и дека Македонија нема капацитет за масовен туризам и дека огромниот прилив на гости во даден момент, како што се случи во Охрид, создава нервоза, недостиг на паркинзи, а и проблеми со одржување на хигиената.

А, дека постои потенцијал и кај македонските туристи за трошење пари зборуваат и официјалните податоци од Грција според кои лани оваа соседна земја ја посетиле 948.000 македонски државјани, кои таму потрошиле 114 милиони евра.

Искористени 20.673 ваучери

До 25 август 20.673 граѓани ги искористиле ваучерите за домашен туризам. Вкупниот број на граѓани кои добија ваучери е 117.122.

– Според Увидот во платформата може да се констатира дека во Охридско-струшкиот регион се искористени 50 проценти од ваучерите, во планинските места, во Маврово, Шапка, Берово и Пелистер, 25 проценти и во Дојран, Ресен  и Крушево, останати 25 проценти – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за економија.

За продолжениов викенд се наполнија хотелите

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсто Блажевски, вели дека за продолжениот викенд, кој почнува од петок со празникот Св. Богородица, нема празно место во хотелите  во Охридско-струшкиот регион. Тоа го потврди и нашето пребарување, кое покажа дека во Охрид  непосредно пред викендот, останала само уште понекоја соба во најскапите хотели, но дека може да се најде приватно сместување. Пребарувањето на сместување во Берово ни остана безуспешно, а во Маврово сѐ уште можеше да се резервира хотелска соба или апартманско сместување.

The post АНАЛИЗА Вирусот повторно ни ги откри убавините на Македонија appeared first on Слободен печат.


АНАЛИЗА Вирусот повторно ни ги откри убавините на Македонија was first posted on август 28, 2020 at 10:02 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....