0.8 C
Скопје
05:35 - 27 декември, 2024

Ако нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, ќе има избори на 21 јуни!

Ако не се договориме со опозицијата, ако не постигнеме консензус, тогаш одиме на избори според Уставот и законите на 21 јуни, со 14 кандидатски листи и верувам дека излезноста на граѓаните ќе биде максимална, порача вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако завчера без успех заврши лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која парламентарните партии не се договорија за датум за претстојното гласање кој е прифатлив за сите.

Заев не очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите, затоа што партијата учествува во процесот и има кандидатски листи, но е категоричен дека изборите мора да се одржат на 21 јуни, или евентуално една седмица подоцна, на 28 јуни, ако на 30 мај заврши вонредната состојба која е воведена поради здравствената криза со коронавирусот.

– Ако не се договориме, не е прашањето што сака СДСМ и коалицијата или што сакаат нашите партнери во Владата како ДИУ или Алтернатива, туку прашањето е што велат Уставот и законите. А велат дека, ако вонредната состојба заврши на 30 мај, тогаш изборните дејства продолжуваат веднаш и од денот на прекинот на вонредната до изборите има вкупно 22 дена. Ако некој сака да ги одложи изборите, нека покаже како се прави тоа според Уставот и законите. Ние нема да дозволиме незаконско одложување на изборите, или што било незаконско во врска со процесот, затоа што кој било граѓанин со само една претставка пред Уставниот суд ќе ги урниса изборните резултати. Имаме можност да разговараме уште неколку денови и потоа од 31 мај законските рокови ќе стапат на сила – рече вчера Заев на прес-конференција.

 

Бојкотот не е посакувана опција

 

Тој повтори дека на лидерската средба партиите предложиле различни датуми како најповолни за гласање и дека сите ги соочиле своите аргументи.

– Поддршка за 21 јуни дадоа ДУИ, ДПА и Беса, а Алијансата за Албанците и Алтернатива го предложија 26 јули. ВМРО-ДПМНЕ го номинираше датумот 23 август или 30 август и евентуално септември. Ги разгледувавме документите од Комисијата за заштита од заразни болести, од Државната изборна комисија и од ОБСЕ/ОДИХР. Светската здравствена организација кажува дека во текот на летото државите треба да се подготват за нов бран на коронавирусот наесен, треба да ги прошират болниците, да набават нови легла, респиратори итн. Дај боже да нема втор бран од септември, но ако го има, што правиме тогаш? Сите дадоа поддршка, освен ВМРО-ДПМНЕ која инсистира да се гласа наесен, што за нас е неприфатливо. Сакаме да имаме договор, но ако нема договор, остануваат Уставот и законите на државата – категоричен е Заев.

Тој не би сакал да оди на избори без најголемата опозициска партија и смета дека не може да има бојкот на избори затоа што досега сите партии учествува во предизборните процеси, односно изразија волја, поднесоа листи, кандидатите пополнија нотарски изјави, а ДИК ги прифати листите и го заврши ждребувањето за редоследот на гласачкото ливче.

– Изборите се јасно дефинирани и процесот е замрзнат на 22 дена пред крајот. Не сакаме никој да бојкотира ниту кампања, сакаме сите да учествуваат. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара лидерска средба, претседателот Пендаровски ја закажа, тој побара уште една недела, а тоа е купување време и дојде на средбата без аргументи. Нека ги ценат граѓаните аргументите. Може да има бојкот на претстојната кампања, но такво нешто воопшто не е посакувано – рече Заев.

 

Шкариќ: Договорот на лидерите е небитен, Уставот е јасен

 

Со ставот на Заев се согласуваат и голем дел од уставните експерти и познавачи на изборниот процес. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ смета дека не треба да се отвора дебата кога треба да се одржат изборите, затоа што тоа е јасно според Уставот и владината Уредба со законска сила, со која се замрзнаа изборите на 22 март.

– Според Уставот, предвремените парламентарни избори мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието. Тоа се распушти на 16 февруари и до замрзнувањето на изборите беа поминати 32 дена во предизборни активности. Остануваат уште 28 дена од тој уставен рок. Договорите на лидерите немаат никакво правно дејство туку мора да се почитува Уставот. Во истата секунда кога ќе заврши вонредната состојба, продолжуваат изборните дејства. Ако се пробие тој рок, Уставниот суд може изборите да ги прогласи за неуставни – рече вчера Шкариќ во емисијата  „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Според извршниот директор на граѓанската асоцијација „Мост“ Дарко Алексов, прашањето со изборите не е политика или нешто што не е изводливо туку почитување на законите.

– Со имањето конкретен датум за избори, се чисти теренот за шпекулации и институциите ќе можат лесно да ги спроведат неопходните подготовки. Тоа што треба да се случи е конструктивно да се разграничат сите моменти, пред сѐ со здравствената ситуација и во каков правен вакуум можеме да влеземе доколку не се адресира датумот за избори. Ако го имаме датумот, имаме почист простор во кој не може да се калкулира. Владата со уредба треба точно и прецизно да им наложи на институциите да ги спакуваат изборите – вели Алексов за „Утрински брифинг“.

 

Ќе се бара одговорност од ДИК ако не ги почитува роковите

Во врска со ажурирањето на Избирачкиот список, лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера рече дека секој треба да го почитува законот, исто како и ДИК, која досега одлуките ги носеше со консензус.

– Да не се надгласуваме во ДИК, затоа што ќе ги победиме. Тие донесоа одлука дека ги прифаќаат сите процеси и протоколи и дека постапките продолжуваат понатаму. Во Изборниот законик, член 43 став 6, е наведено дека МВР по службена должност еден ден по јавниот увид треба да достави комплетно ажуриран список на лицата што ќе бидат полнолетни до 21 јуни или до датумот што ќе го договориме, а ДИК ќе ги внесе по службена должност. Така е по законот и сите мора да го почитуваат, исто како и ДИК. Ако не ги почитуваат роковите, јас ќе барам одговорност од ДИК. Не би сакал ова да звучи заканувачки, но ако се мора, ќе барам одговорност – рече Заев.

 

РАМКА:

 

Н: ВМРО-ДПМНЕ: На СДСМ не му е битно здравјето на граѓаните

 

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера не се огласија со конкретен одговор на Заев дека изборите ќе се одржат на 21 јуни, туку пратија соопштение во кое го потенцираат бројот на новозаразените и починатите од коронавирусот.

„Нов црн ден во Македонија со 25 заболени од коронавирус и тројца починати. За три дена бележиме црн биланс од 77 заболени и 7 починати лица. Тоа покажува дека здравствените предизвици од епидемијата не само што не се надминати, туку се одржуваат на загрижувачко ниво. Заев, Филипче и СДСМ наместо да се справуваат со опасноста по здравјето и животите на граѓаните, како прв приоритет им се брзи избори, за да го ублажат поразот.

Недозволиво е кариерата на Заев да биде побитна од животот на макар еден човек“, соопшти партијата.

The post Ако нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, ќе има избори на 21 јуни! appeared first on Слободен печат.


Ако нема договор со ВМРО-ДПМНЕ, ќе има избори на 21 јуни! was first posted on мај 20, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....