-1.2 C
Скопје
09:47 - 23 декември, 2024

Ако не се продолжи вонредната состојба, ДИК во недела ќе заседава

Дали ќе падне договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за изборниот ден, но и каква ќе биде утрешната одлука на Советот за безбедност свикан од претседателот Стево Пендаровски за вонредната состојба? Одговорот на овие прашања го чекаат и членовите на Државната изборна комисија. Доколку не биде продолжена вонредната состојба, од ДИК велат дека уште наредниот ден (недела) ќе одржат седница, бидејќи почнуваат да течат изборните рокови.

Од Комисијата за Слободен печат велат дека според уредбата на Владата која е со законска сила, единствено што не смеат да преземаат се изборни дејствија предвидени со рокови. Но, затоа пак ДИК ги следи сите случувања во организациско-техничка и административна смисла. Оттаму потврдуваат дека со ваквите свои активности тие се подготвени за изборните обврски кои им претстојат.

– Во таа смисла ние веќе ги предвидовме сите оние обврски кои ни следуваат откако ќе продолжат изборните дејствија. Подготвени сме за сите активности што се во редовна постапка според Изборниот законик. Половината од обуките на ОИК и ИО се завршени пред да бидат прекинати изборните дејствија на 22 март – велат во ДИК и додаваат дека дополнителните активности во врска со здравствена ситуација поради коронавирусот ќе бидат испочитувани, односно дека здравствените протоколи на Комисијата за заразни болести ќе бидат интегрирани во упатствата на ДИК.

Се очекува тие да бидат дополнети со препораки за постапување на изборните органи на денот на гласањето. ДИК се подготвува и за задолжителната едукација на граѓаните за изборниот ден, за кои се предвидува да бидат преку јавни телевизиски спотови кои треба задолжително да се емитуваат на сите медиуми.

Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за медиумите посочи дека според Уставот изборите мора да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, бидејќи дејствијата веќе се започнати. Според неа, Уредбата која беше единственото можно правно решение предвидува по завршување на вонредната состојба тие да продолжат.

– Истото е прифатено и усвоено во заклучокот на Државната изборна комисија, потпишан од претседателот Оливер Дерковски, во којшто се вели дека „по завршувањето на вонредната состојба, ДИК ќе донесе ревидиран роковник во којшто ќе бидат предвидени оние дејствија коишто не биле преземени пред прогласувањето на вонредната состојба“ – рече Дескоска.

Таа на партиските лидери им порача дека може да разговараат за одредени рокови или термини за избори, но тие термини мора да бидат во рамките на Уставот, со почитување на уставните одредби, бидејќи „никој, ниту волјата на лидерите, не смее да се стави над Уставот“.

 

The post Ако не се продолжи вонредната состојба, ДИК во недела ќе заседава appeared first on Слободен печат.


Ако не се продолжи вонредната состојба, ДИК во недела ќе заседава was first posted on мај 29, 2020 at 3:07 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....