Холивудската икона Ким Новак јавно ја нападна Сидни Свини откако младата ѕвезда беше избрана да ја глуми во претстојниот биографски филм „Scandalous!“, кој ја следи нејзината љубовна афера со Семи Дејвис Јуниор од 1950-тите години.
Зборувајќи за The Times во петокот, 93-годишната Новак рече дека актерката која има 28 години, „премногу се истакнува во горниот дел од телото“.

Ѕвездата на филмот Vertigo исто така изрази загриженост дека проектот премногу ќе се фокусира на сексуалниот аспект од нејзината врска со Дејвис Јуниор, кој почина во 1990 година на 64-годишна возраст.
Новак додаде дека нивната романса во реалноста настанала затоа што имале „многу заеднички нешта“.
„Нема шанси да не ја прикажат како сексуална врска, бидејќи Сидни Свини секогаш изгледа секси“, продолжи Новак. „Таа е целосно погрешен избор да ме глуми.“
Свини ќе глуми заедно со британскиот актер Дејвид Џонсон, кој ќе го толкува легендарниот забавувач.
Новак истакна дека „никогаш не би го одобрила“ снимањето на овој филм.
Филмот ќе ја прикаже нивната врска од 1957 година, која била прекината откако шефот на Columbia Pictures, Хенри Кон, сметал дека нивната меѓурасна врска може лошо да влијае врз бизнисот.
Во тоа време, меѓурасните врски биле табу во Холивуд, а Хенри Кон се плашел дека таквата врска ќе му наштети на работењето на студиото и на кариерата на неговата најголема ѕвезда. Како што пренесува Daily Mail Online, Кон наводно му се заканувал на Семи Дејвис Џуниор со мафијашко насилство доколку не ја прекине врската со Ким Новак.

„Поради бојата на неговата кожа, луѓето правеа ужасни работи“, се присети Новак, наведувајќи пример кога му подметнале пиво со урина.
Двојката на крајот била принудена да ја прекине врската од страв од последиците. Новак исто така демантираше дека планирале брак.
„Не, не. Мислам, тој ме сакаше. И јас длабоко се грижев за него. Но во тоа време не сакав да се омажам за никого“, рече таа.
