16.8 C
Скопје
10:15 - 29 март, 2024

Застрашувачки размери на пандемијата: По 1,8 позитивен секоја секунда, по еден починат на секои 2,5 минути

Точно една година по првиот регистриран случај на новиот коронавирус, кој подоцна беше наречен ковид-19, пандемијата достигна размери какви што никој не можеше ни да претпостави.

Бројот на новозаразени лица во ноември постојано е над половина милион на ден, а само во понеделникот починале повеќе од 10.500 луѓе, според податоците на порталот „Ворлдометерс“.

Позитивни на коронавирусот досега биле повеќе од 56 милиони луѓе, а 1,34 милиони починале. Тоа, всушност, значи дека во изминатата година на секои 2 секунди имало просечно по три новозаразени лица, а на секои 2,5 минути имало по еден смртен случај.

Но, во својот есенски бран пандемијата галопира најбрзо досега и нема показатели дека го достигнала својот врв. Само во ноември, за споредба, секоја секунда има по осум новозаразени лица, а секоја минута згаснуваат по седум животи. Ова се само податоци за регистрираните случаи, а бројот на заразени лица е сигурно неколкупати повисок.

Ваквите статистики прилегале на фантастичен хорор филм кога лани на 18 ноември првпат бил регистриран новиот коронавирус веројатно кај 55-годишен жител на кинеската провинција Хубеј. Тоа не предизвика голема вознемиреност до крајот на годината, кога беше потврдено дека вирусот се пренесува од човек на човек и е екстремно заразен. Со строг карантин на 8 милиони луѓе во регионот на Вухан кинеските власти успеаја да го ограничат ширењето во жариштето, но патници во бродови и авиони го пренесоа вирусот до пацифичкиот регион на исток и до алпските зимувалишта на запад, од каде што брзо се пренесе низ Европа, а потоа и низ целиот свет. Во Америка вирусот стигна подоцна, но денес токму САД се земја со убедливо најголем број заразени и починати лица од ковид-19 во светот.

Пролетниот бран на пандемијата беше скротен со карантини и строги ограничувања на движењата – мерки какви што досега никогаш немало во глобални размери, поради што страдаше економијата. Во обид да ја спасат економијата, а воедно и да ја задржат пандемијата во рамки издржливи за здравствените системи, владите низ светот ги разлабавија строгите мерки, свесно ризикувајќи есенски бран на вирусот кој се покажа уште пожесток од пролетниот и ги надмина и зајакнатите здравствени капацитети.

Низа земји повторно ги заострија мерките и наметнаа нови изолации, надевајќи се дека повторно ќе ја скротат заразата на издржливо ниво, охрабрени од позитивните вести за развојот на вакцини за ковид-19. Но, ситуацијата во многу земји е критична. Европските земји, вклучувајќи ги и Русија и Турција, го трпат досега најсилниот удар, а ништо подобра не е ситуацијата во САД, каде што реакциите беа од огромно влијание од претседателските избори.

Есенскиот бран силно го погоди и Балканот, со рекорден број новозаразени и починати лица.

Српскиот епидемиолог Предраг Кон изјави дека здравствениот систем е на работ на колапс, а премиерката Ана Брнабиќ очекува „нов црн рекорд“, со над пет илјади новозаразени. Во Словенија, 43 лица починаа од коронавирус за 24 часа, а потврдени се рекордни 2.013 нови случаи. Во Бугарија за еден ден починале 131 лице, а потврдени се уште 4.828 нови случаи, кај дури 42 отсто од тестираните. Претседателот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека Турција, поради зголемениот број случај на зараза со коронавирусот, ќе воведе полициски час за време на викендите и привремено ќе ги затвори училиштата. Австрија од завчера е во карантин до 8 декември.

Вакцината на „Синовак“ поттикнува брз имунолошки одговор

Експериментална вакцина „коронавак“, на кинеската компанија „Синовак биотек“ поттикнува брз имунолошки одговор кај испитаниците, но нивото на произведени антитела е пониско отколку кај луѓето што закрепнале од болеста, покажаа првичните резултати од студијата.

Врз основа на искуството со други вакцини и од претклиничките студии на мајмуните макаки, истражувачите заклучуваат дека вакцината може да обезбеди доволна заштита.

Во изминатата недела со голем оптимизам светот ги пречека вестите од американските фармацевтски компании „Фајзер“ и „Модерна“ дека клиничките тестирања од третата фаза потврдиле дека нивните вакцини се ефикасни кај повеќе од 90 отсто од случаите. И властите во Москва тврдат дека експерименталните руски вакцини се ефикасни, но западните експерти не се сосема убедени во резултатите.

Кинеската „Синовак“ спроведува испитувања од третата фаза кај доброволци во Индонезија, Бразил и Турција и се чека на завршните резултати за да се оцени ефикасноста на вакцината.

Берлин: Богатите да бидат солидарни

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер нагласи дека откако вакцината за коронавирус ќе стане достапна, Европската Унија треба да сподели некои од своите дози за да им помогне на вакцинирањето на работниците од првата линија во посиромашните земји.

– Германија и Европа сега мора да испратат политички сигнал дека се подготвени да се откажат од некои од овие квоти од самиот почеток, на пример, да ги заштитат здравствените работници во посиромашните земји што е можно поскоро – порача Штајнмаер во весникот „Тагесшпигел“.

Европската комисија официјално одобри рамковен договор со „Бионтек“ и „Фајзер“ за купување најмалку 300 милиони дози вакцина.

Слични објави

Шокантни детали за Шарлин и Алберт од Монако: Таа троши како луда, а тој ги плаќа и љубовниците

еспресо

Астропрогноза за петок, 29 март: На Бикот ќе му се врати старата љубов, Лавовите ќе бидат кралеви на денот

еспресо

Дожд од пари: Три хороскопски знаци конечно ќе го решат финансиското прашање

еспресо

Харис Џиновиќ ја отвори душата: „Таа побегна, ни со децата немаше контакт, баш добра мајка!“

еспресо

(Видео) Миа Костова стана жртва на измама: Не рекламирам чаеви за слабеење, не наседнувајте на лажни реклами

Еспресо

(Фото) „Моите деца ме подмладуваат“: Симона Поповска го прослави 32. роденден со семејството

Еспресо
Се вчитува....