Актерката Весна Петрушевска откри лична приказна од своето детство и детали за тоа како нејзината ќерка Мина била малтретирана од врсниците.
Во видео објавено на нејзиниот инстаграм-профил, Петрушевска се присети и на сопственото детство, кога била предмет на потсмев поради проблемот со видот, а зборуваше и за физичкото и онлајн-насилството со кое се соочуваат децата.
Таа вели дека искуствата што ги имала како дете биле една од причините подоцна да изгради отворен однос со Мина и да ја научи да ѝ кажува што ѝ се случува.
„Секогаш седев во прва клупа затоа што имав проблем со видот. Бев предмет на потсмев поради моето криво око. Јас многу често разговарав со моите деца што ги учев. Мене ми кажуваа за насилствата што ги доживуваат, а не ги кажуваат дома, и честопати го поставував прашањето: ‘Зошто?’. Па, велат: ‘Тие се зафатени, немаат многу време, не се многу заинтересирани’. Ја научив Мина да ми кажува сè што ѝ прават на училиште, од удирање на главата во ѕид до виткање на раката“, вели Петрушевска.
Актерката особено се осврна на насилството преку социјалните мрежи и на содржините што ги добивала нејзината ќерка.
„А да не зборувам за насилството преку социјалните мрежи. Не само пораки со вознемирувачки содржини, туку и праќање порнографски слики. Значи, замислете вие на 13-14 години да примате такви фотографии во своето сандаче! И не беше заштитена Мина никако од јавноста, од самиот старт. Сите бараа сензација, мене не ми беше за сензација“, рече Петрушевска.
Таа смета дека насилниците најчесто избираат повлечени деца и дека голем дел од насилството се прави пред други, токму поради реакцијата на „публиката“.
„Ќе одберат едно дете кое е повлечено и тогаш тоа е најдобриот плен за насилниците. Тоа го прават само за публика и никако поинаку. Инаку, зошто би го правеле ако не ги гледа никој? А сè доаѓа од дома. Но, има систем како да се одбраните – просто знаете кои сте, ниту еден негативен коментар не може да ве погоди. Кога ќе престане сонот, престанува и детството“, вели актерката.
Петрушевска со години јавно зборува за насилството врз децата, тема која за неа има и длабоко лично значење. Нејзината ќерка Мина во 2016 година, додека била малолетна, била жртва на полов напад од возрасен маж. Една година подоцна Петрушевска објави дека по судската постапка сторителот бил осуден на 12 години и шест месеци затвор.
Петрушевска и подоцна повеќепати јавно зборуваше за траумата низ која поминала нејзината ќерка и за важноста децата да не молчат кога се жртви на насилство. Темата на врсничкото насилство ја внесе и во својата работа. Во 2024 година ја режираше претставата „Бог на колежот“ во МНТ, која започнува со сцена на врсничко насилство во која учествуваат деца од нејзината актерска школа.
View this post on Instagram
