Пејачката Теа Таировиќ откри дека токму малите нешта и секојдневните навики се клучот за стабилна и искрена љубов.
Музичката ѕвезда неодамна го изговори судбоносното „да“ на својот избраник Иван Вардај, со кого претходно беше во двегодишна љубовна врска. Венчавката помина во интимна и романтична атмосфера, во кругот на најблиските пријатели и семејството, далеку од јавната помпа.
Невестата блескаше во рачно изработена венчаница од модниот креатор Бојан Петровиќ, украсена со кристали, која била специјален подарок за неа. Кога станува збор за презимето, пејачката одлучи презимето на сопругот да го додаде на своето.
По стапувањето во брак, Теа искрено проговори за тоа што ја освоило кај нејзиниот сопруг и зошто токму почитувањето на малите навики за неа значи сè.
„Многу ги почитува моите мали ритуали и не му се смешни ни глупави. Го почитува тоа дека јас кога ќе станам сакам да гледам цртан. Тој штом ќе ги отворам очите, секое утро, ми носи кафе и ми пушта цртан. Тоа е мене најубавиот дел од денот и тука веднаш знаев дека тој е вистинскиот човек за мене“, изјави Теа во гостување на Телевизија Прва.
Таа важи за една од најбараните пејачки на естрадната сцена, но не крие дека патот до успехот бил долг и исполнет со борба. Како што откри во неодамнешно медиумско гостување, уште пред седум години напишала список на желби – и успеала да ги оствари сите.
„Јас имам многу тетратки и блокчиња во кои сешто нешто запишувам. Ништо од тоа не фрлам. Во едно од нив, пред седум години, напишав што сакам да остварам пред 30. година и во сè успеав. Апсолутно сè остварив. Имам сè таксативно запишано – арена во Белград, арена во Загреб, арена во Софија… За арената во Скопје точно ја запишав годината во која сакав да се случи. Пред седум години тоа изгледаше невозможно, но јас така си запишав“, раскажа пејачката.
Мајката на пејачката, Божица Малевиќ, неодамна откри дека зад успехот стои јасна одлука и принципи од кои никогаш не отстапиле.
„Уште одамна направивме договор како ќе оди сето тоа. Се договоривме никој никогаш да не ѝ плати за песна – друго е кога нешто е подарок, против тоа немам ништо. Кога некој ти дава, утре ќе те уценува. Затоа сè треба да го правиш сама и сама да заработуваш. ‘Вети ми дека така ќе биде’, тоа ѝ го реков. Ќе може убаво да живее од тоа, но не веднаш. Тоа е процес, оди полека“, изјави таа.
