Познатиот македонски тату-артист Горан Миќиќ отворено проговори за борбата со ракот на тироидната жлезда, тешката операција во Атина и стравот што го чувствувал додека се соочувал со дијагнозата. Во поткастот „Бајкерот и Кросфитерот“, тој откри дека операцијата, која првично требало да трае два часа, се одолжила на осум и пол часа, а најголема поддршка во тешките моменти му била сопругата Тинка.
Миќиќ во декември 2025 година првпат јавно откри дека се соочувал со рак на тироидната жлезда. Тогаш објави видео во кое го сподели своето искуство, нагласувајќи дека не бара сожалување, туку сака да им помогне на луѓето што минуваат низ слична ситуација.
Во најновото гостување раскажа дека сè започнало непосредно пред планираното патување во Америка, кога почувствувал необјаснива исцрпеност и проблеми со притисокот.
„Треба да летам за Америка, викам не ми е добро, притисок ме мачи, нешто ми ѕвони главата, не сум добар. Пробувам да одам на Водно, не можам, немам енергија, спијам попладне – во живот не сум спиел попладне“, раскажа тој.
Решил да направи преглед кај доктор Горан Николов, очекувајќи дека ќе добие терапија и ќе го продолжи патувањето. Меѓутоа, при прегледот на тироидната жлезда лекарот забележал сомнителни промени.
„Стига кај тироидата и тука заглавува. Му викам: ‘Нешто не е океј? Ти го гледам изразот на лицето…’. Ми кажа дека тоа што го гледа не му се свиѓа и јас ‘го мавам’ во старт – ‘Што рак имам и кога ќе умрам?’“
По прегледот, Миќиќ бил упатен на дополнителни испитувања. Во дијагностичка лабораторија му бил земен примерок за биопсија, по што следувале два дена неизвесност.
„Резултатите покажаа дека е карцином на тироидна жлезда, малиген“, откри тату-артистот.
Бидејќи бил подготвен да се лекува и во странство, докторот му го препорачал хирургот Карвулис во Атина. Но, Миќиќ не успевал да воспостави контакт со него неколку дена, сè додека не му помогнал поранешниот кошаркарски репрезентативец Перо Антиќ.
„Не можев да го најдам 3-4 дена, и ко што го дал Господ Перо Антиќ, ја крена во воздух цела Атина и ми даде број од докторот, зборел веќе со него“, раскажа Миќиќ.
Според неговите зборови, лекарот бил воодушевен што Антиќ лично го контактирал, а Миќиќ подоцна му однел и потпишани дресови од кошаркарот.
По пристигнувањето во Атина, следувале дополнителни прегледи. Миќиќ раскажа дека тогаш му било кажано дека има повеќе од 20 лимфни јазли со метастатски промени, што дополнително го зголемило неговиот страв.
„Ме прегледуваше едно старче и ми рече дека гледа преку 20 лимфни јазли метастазирани, си реков тоа е, ќе умирам, ќе се оперирам, хемотерапии.“
Иако пред другите се обидувал да изгледа храбро, призна дека внатрешно бил преплашен.
„Бев во филм дека ќе се борам до крај, ама п**ка у душа сум.“
Најтешкиот момент следувал за време на операцијата. Интервенцијата, која според првичните процени требало да трае околу два часа, се искомплицирала и траела осум и пол часа.
„Јас имав над 8 саати операција, со тоа што ми скинаа некои вени, па ме скрпија. Докторов викаше 2 саати операција ќе е, јас заглавив 8 и пол саати у сала, зашто имале проблеми. Рачунај на другите што им се дешавало, чекаат 8 саати.“
Додека траела операцијата, неговата сопруга Тинка со часови чекала информации за неговата состојба. Миќиќ раскажа дека дури по завршувањето на интервенцијата лекарот ѝ соопштил дека, и покрај тешкотиите, сè поминало добро.
„Тинка вика, кога излегол докторов ѝ рекол: ‘Беше тешко, ама сè е во ред’ и тогаш ѝ дошла душата на место.“
Тату-артистот нагласи дека поддршката од сопругата била пресудна за неговата психолошка состојба во периодот на лекувањето.
„А жена ми да не беше, ќе паднев во тешка депресија“, призна Миќиќ.
