3.8 C
Скопје
21:11 - 20 декември, 2024

Совети од ветеринарката Наташа Бојчева: Летен одмор со домашните миленици

Направете од летниот одмор задоволство во друштво на вашиот домашен миленик.

Ветеринарката Наташа Бојчева споделува важни совети за безбедно и пријатно патување на летен одмор и уживање на плажа заедно со домашното милениче.

пиксабеј

Кои се најважните чекори што треба да ги направиме за патување во друштво на нашите четвороножни пријатели?

– Најважните чекори кои ние како сопственици треба да ги превземеме е да ги обезбедиме соодветните документи за патување на нашите миленици и да се погрижиме да спакуваме сè што им е потребно за безгрижен одмор. Тоа значи доколку примаат некаква хронична терапија или суплементи мора да ги понесеме, како и една мини ветеринарна аптека за „секој случај“. Оваа мини аптека вклучува пробиотици во случај на дијареа, антихистаминик (сируп или апчиња, и за мачкање) во случај на убоди од инсекти или друг тип на алергиска реакција, аналгетици во случај на повреди (консултирајте се со вашиот ветеринар за соодветниот аналгетик за вашиот миленик), газички, фластер, алкохол за кожа, хидроген, и антибиотски прашок.
Документите за патување се важни доколку патувате надвор од границите на Македонија. Овие документи се вадат во посредништво со матичниот ветеринар, а ги издаваат надлежните инспектори од Агенција за Храна и Ветерина.

Како да го навикнеме нашиот миленик да ужива во патувањето?

– За миленикот да се навикне на патување треба почесто да патува, односно доколку миленикот не сака да се вози во автомобил треба да се „научи“ така што ќе се вози почесто на пократки релации додека не престане да се плаши од самото возење. Доколку ова не помага и миленикот не се смирува при возење во автомобил или од стрес дури и повраќа, има опција да се дадат таблетки за смирување.

Може ли да му се дадат на миленикот апчиња против гадење и повраќање ако патот е подолг, или седативи за спиење?

– Доколку патот е подолг може да се даде терапија за смирување или против гадење доколку од стрес има повраќање или дијареа. Овие таблетки најчесто се на база на валеријана или триптофан. При патување со авион, доколку миленикот се вози во карго делот, не се препорачува седација на миленикот бидејќи може да има нус појави.

Пред да дадете било какви апчиња на вашиот миленик мора да се консултирате со вашиот ветеринар. Давање на лекарства на своја рака го ризикува животот на вашиот миленик.

Доколку патуваме со автомобил, што е најпогодно за миленикот – да биде вклучена климата или да бидат отворени прозорите?

– Препорачливо е да не бидат отворени прозорците бидејќи многу често се случува миленикот, особено кучињата, да рипнат од отворениот прозор и да се повредат сериозно, или во најлош случај да угинат. Затоа најдобро е автомобилот да биде климатизиран, но да не биде премногу студено.

Кога сме на море или езеро со домашниот миленик, какви совети важат во однос на сончањето и капењето?

– Кога одиме на море или езеро, во однос на капење, доколку се бања препорачливо е по враќањето од плажа да се истушира со обична вода за да се исплакне солената вода од крзното. Доколку не се исплакне може да се јави чешање и иритации на кожата. Препорачливо е да не ги носите кучињата на плажа во најтоплиот дел од денот, меѓу 12 и 17 часот, бидејќи кучињата можат многу лесно да се прегреат и да добијат сончаница и топлотен удар. Кучињата не се потат и телесната температура ја регулираат преку дишење преку уста и преку шепите, па ако воздухот и подлогата се врели нема како да се оладат.

Дали миленикот брзо ќе се адаптира на новата средина, хотелската соба или приватното сместување, или може да очекуваме проблеми?

– Некои миленици веднаш се адаптираат на новата средина (хотелска соба, апартман) бидејќи им е најбитно да бидат со своите газди, но на некои миленици ќе им треба „нешто од дома“ како играчки или креветчето кои ќе имаат познат мирис на дома.

Може ли миленикот да „изгоре“ под сонце, да добие алергија од сончевите зраци, дијареа од капењето и слично, постојат ли методи за превенција од заболувања предизвикани од силното сонце?

– Кучињата не можат класично да изгорат како нас, но можат да имаат алергија на сонце. Доколку се случи нешто такво, исконтактирајте го својот ветеринар како да постапите. Препораката е секако да не се изложува кучето премногу на сонце, особено кучиња со потемно крзно. Дијареа предизвикана од студена вода е можна, но многу ретко се случува. Доколку се случи, препораката е да се дадат пробиотици.

Не се непознати случаите во летните горештини да се остави миленикот во автомобил за сопственикот да „тркне“ до продавница, што навистина се случува со миленикот и за колку време би можел сериозно да настрада?

– Колку и да е за кратко или ептен итно, во никој случај не го оставајте миленикот затворен сам во автомобил во лето. Без разлика дали е вклучена климата или отворен прозорот, автомобилите во лето на сонце се загреваат екстремно брзо и тоа е многу опасно за милениците. Како пример, доколку температурата надвор е 22 степени Целзиусови, за само еден час внатре во автомобилот ќе станат 47 степени и миленикот ќе добие топлотен удар. Мојот совет е миленикот никогаш да не биде оставен сам во автомобил, особено во лето.

пиксабеј

Потребни документи за патување со домашно милениче

За да отпатувате до посакуваната дестинација надвор од границите на Македонија без никакви проблеми, потребни ви се следниве документи:

Пасош, валидна вакцина против беснило (1 год се става), микрочип и здравствен сертификат за патување кој го потпишува ветеринарен инспектор заедно со ветеринарот. Овој документ се вади 1 недела пред патувањето, објаснува Бојчева.

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....