Сузана Манчиќ отворено проговори за една од најтешките животни битки – борбата за потомство, откривајќи дека пред да стане мајка, трипати ја изгубила бременоста.
Познатата водителка и пејачка низ годините не криела дека патот до мајчинството не ѝ бил лесен, но ретко толку детално зборувала за болката низ која поминала.
„Јас сум силна жена и сè што ми се случуваше го прифаќав како нужност. Упорно одев кон целта да добијам дете, но тоа не се случуваше. Морав да се смирам, да ги одложам сите обврски и да лежам за да ја ‘сочувам’ бременоста“, раскажа таа.
Манчиќ откри дека трипати изгубила бебе, а лекарите ѝ велеле дека станувало збор за машки плод.
„Иако ми велеа дека носам машко дете, не можам сто проценти да верувам во тоа. Но, јас отсекогаш сакав син – Александар, по мојот татко, и Стојан. Тие имиња ми беа блиски и силни“, изјави таа.
Најдраматичниот момент го доживеала за време на престој во Јоханесбург, кога, по компликации, се соочила со вистинска животна драма.
„Се разбудив во локва крв. Тој страв и беспомошност не можам да ги опишам. Се прашував дали ќе умрам“, се присети Манчиќ, додавајќи дека тогаш дознала дека носела близначка бременост и дека едното бебе преживеало интервенција.
Сепак, и таа бременост завршила трагично, а најтешкиот момент, како што вели, бил кога морала да потпише документ за смртта на бебето.
„Најстрашно беше кога ми донесоа да потпишам умрлица. Тоа беше сурово“, откри таа.
И покрај болката, Манчиќ не се откажала. Денес е мајка на две ќерки и вели дека токму тие ѝ дале сила да продолжи понатаму.
„Жената е создадена да биде силна, да раѓа и да губи. Јас во себе изградив таква филозофија и се водев по неа“, заклучи таа.
