23.8 C
Скопје
17:27 - 2 мај, 2024

Сам против законите на природата: Средба со Јане Стефанов, инструктор по падобранство

„Скокнав, исчезна бучавата од авионот, се појави мир, спокој и најубавата глетка што ја имав видено дотогаш. Се отвори зелена тркалезна купола од 92 метри квадратни. Чувство на успех, слобода, контрола. Сам против законите на природата“. И денес, кога неговите ученици ги прават првите скокови, Јане се радува на нивниот успех.

Постојат три причини зошто луѓето скокаат. Првата, сакаат да докажат нешто пред другите. Втората, сакаат да докажат нешто пред себе. А вистинската причина е затоа што им е убаво да го прават тоа. Оние што се тука поради последнава причина, како што е Јане Стефанов, најдолго остануваат во падобранството.

фото – приватна архива

Со падобранството почнал да се дружи од 16-годишна возраст. Тој вели дека се запознал со девојка што одела на курс по падобранство во Аероклубот „Скопје“ и, како што се случува во таква адолесцентна љубов, и Јане сакал да помине повеќе време со девојката, па почнал да оди на тренинзи за физичка подготовка на скокот. Тогаш тренирал атлетика и бил физички добро подготвен. Постигнал високи норми на физичка подготвеност и еден од инструкторите го прашал дали може да научи пет предмети за три дена за да полага. Така ја добил можноста да скока со падобран истата година.

– За разлика од другите падобранци почетници, кои со месеци се подготвуваа психички за изведување на скокот преку обука и часови, јас за околу две недели дојдов од желба до реализација. И тоа не беше добро затоа што кога се отвори вратата од стариот АН2 и требаше да скокнам прв, дента почнав да ги преиспитувам моите животни одлуки. Така стоејќи на вратата, гледајќи во дупка од 800 метри, го свртев погледот кон постарите падобранци што смирено седеа во авионот. Еден дури и ми покажа гест на поддршка, „лајк“ што би рекле младите. Си помислив, ќе скокнам еднаш и ќе им кажам дека не ми се допаѓа и ќе продолжам да си тренирам атлетика. Скокнав, исчезна бучавата од авионот, се појави мир, спокој и најубавата глетка што ја имав видено дотогаш. Се отвори зелена тркалезна купола од 92 метри квадратни. Чувство на успех, слобода, контрола. Сам против законите на природата – се сеќава Јане и додава дека дури и денес, кога неговите ученици ги прават првите скокови, им се радува на нивниот успех.

Каков спорт е падобранството?

– Падобранството е спорт во кој не можеш да глумиш. Може да се преправаш дека сакаш голф или тенис, ама не и падобранство. Затоа многу често мислам дека не го избираме ние падобранството, туку падобранството нè избира нас. Аргумент за поддршка на оваа теза е тоа што сите падобранци во основа наликуваат еден на друг. Не мислам физички или карактерно, туку во изборот на другите активности. На пример, сите сакаат да скијаат, се качуваат по планини и карпи, возат велосипеди, нуркаат, едрат, возат мотори, летаат со што ќе стигнат… Падобранството освен што е спорт е и начин на живеење и начин на размислување. Начинот на живеење го менува со станувањето рано за да ги правиш тренажните скокови. Не можеш вечерта да „заглавиш“ во кафеана и утрината да бидеш фокусиран да го направиш скокот добро. Не може да ја запустиш физичката подготвеност и да очекуваш дека ќе бидеш добар падобранец. Не може да користиш психоактивни супстанции и да бидеш безбеден. Мора да одлучиш и да си направиш нов стил на живеење. Начинот на размислување се менува на начин што почнуваш да размислуваш процесно. Во падобранството има ред на дејствата што треба да ги направиш при скокање. Се местиш на врата, скокаш, го вежбаш слободниот пад, гледаш висина, отвораш, проверуваш управливост на падобранот, гледаш ветер, правиш план на шаблон на слетување, слетуваш прецизно. Згора на ова е принудните постапки што треба да ги направиш доколку во која било фаза се случи нешто несакано, плус безбедносна процена и предвидување ризици. Ова е специфичен начин на размислување што го аплицираме на сите активности што ги правиме. Така животот ни станува поинтересен и побезбеден.

Како се станува тренер по падобранство, а како ученик?

– Кога ќе се стекне дозвола за падобранец со највисока Д-категорија се постигнуваат минимум услови за да се почне со стажирање за инструктор по падобранство. Се полагаат испити од кои, покрај стручните, има и методика и методологија на организирање час, човечки можности и ограничувања, прва помош итн. Најбитно кога станува збор за почетници падобранци е да се направи систем во кој се избегнуваат човечки грешки. Кај нас, на пример, целиот процес го водат минимум два инструктори, кои за секој нареден чекор на почетникот мора да имаат исто мислење. На пример, одлуката кога ученикот е спремен за првиот скок, мора да ја донесат два инструктора. Повеќе очи гледаат подобро.

Ја знаеш ли бројката на скокови со падобран?

– Секој скок е запишан во книшка на скокови во која за секој поединечно има кога, каде, со кој падобран, од кој авион, на која висина и која задача е направен. За да ви одговорам на прашањето, погледнав во мојата книшка и точниот број е 2.123. Сепак, само бројката на скокови не е единствен параметар што ја покажува спремноста на падобранецот. Треба да се гледа и времето што го поминал во слободен пад.

Како функционира Аероклубот и кои се неговите цели и активности?

– Аероклубот „Скопје“ функционира веќе 99 години. Да, другата година правиме еден век постоење. Ние сме најстариот активен клуб на Балканот. Планираме да направиме прослава, која воедно е и „100 години Македонска авијација“. Од првиот ден на Аероклубот целта не се сменила, промовирање на воздухопловството и воздухопловните спортови. Во основа, Аероклубот е здружение на луѓе вљубеници во воздухопловството. Едно големо семејство што ги сака височините. Бидејќи има повеќе спортски дисциплини внатрешната организација е поделена на секции – моделарство, падобранство, параглајдерство, едриличарство и моторно летање. Секоја секција си има раководител што се грижи за обуките, летањето, безбедноста, организира настани… Сите секции гравитираат околу спортскиот аеродром Стенковец и тука се изведуваат сите активности, летање, скокање, натпревари, тренинзи, учење, дружење. Визијата е дека ќе имаме аеродром во кој секој што е вљубеник во воздухопловните спортови ќе може да се реализира како летач и спортист.

Активен си кога станува збор за промоција на спортови во кои можат да се вклучат и лицата со попречености… Може ли секој да скокне со падобран?

– Не може секој, ама поголем процент од луѓето можат да скокнат со падобран. Денес се развиени падобрански дисциплини и за луѓе со физичка попреченост, како, на пример, Еуро челинџ натпреварите. Таму тимот е составен од тројца падобранци, двајца во тандем падобран и еден камерман. За да може да скокаат луѓе со физичка попреченост, набавивме и специјален костум дизајниран да им помогне на атипичните спортисти. Интензивно работиме и на програма за вклучување атипични спортисти во моделарството. Летањето на дронови бара добри рефлекси, добро око и координација во просторот, а не здрави нозе. Работата со оваа маргинализирана група луѓе ја сметаме како должност на секоја општествено одговорна организација.

фото – приватна архива

Една порака до сите, зошто треба барем еднаш да скокнеме со падобран?

– Скокнете само ако чувствувате дека сакате да го направите тоа! Мојата филозофија на скокањето е дека не ги „терам“ луѓето да скокаат. Нема тука терање ниту убедување. Ако го сакаат тоа, тука сме да го овозможиме. Постојат три причини зошто луѓето скокаат. Првата, сакаат да докажат нешто пред другите. Втората, сакаат да докажат нешто пред себе. А вистинската причина е затоа што им е убаво да го прават тоа. Оние што се тука поради последнава причина, најдолго остануваат во падобранството.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

 

 

 

Слични објави

Синовите на Лепа Брена имаат уште по едно име: Стефан го откри неговото вистинско име и на брат му

Еспресо

(Видео) Горан Бреговиќ ја отсвири песната на Сандра Африка на гитара и ги остави сите зачудени: „Неко че ми ночас направити сина“

Еспресо

Јована Јеремиќ сепак одлучи да не се мажи повторно: Не сакам деца, а бракот не ми е важен

Еспресо

(Фото) Таа е најбогатата пејачка на Балканот! Заработува 92 милиони годишно, има две фирми и еден вработен

Еспресо

(Видео) Деми Мур ја покажа завидната фигура: Рамен стомак и минијатурно бикини

еспресо

Астропрогноза за четврток, 2 мај: За Водолиите промена на имиџот, за Вагите комуникација

еспресо
Се вчитува....