-0.2 C
Скопје
10:02 - 23 декември, 2024

Од страстен навивач на Работнички до градоначалник

Понекогаш знаев моите родители да ги „извадам од памет“. Во 2001 година, без никој да знае, отидов во Тетово да го барам мојот братучед на местата каде што се водеше воениот конфликт, а подоцна повторно отидов да го барам татко ми во Арачиново и Радуша.

Саша Богдановиќ е роден во Постојна, Словенија, каде што живеел до 1991 година, односно до распадот на поранешна Југославија, бидејќи неговите родители работеле во ЈНА. Првите шест години ги минува во местото Випава, мало гратче во Словенија, како што самиот вели, во среќна и мирна околина, каде што пред сѐ, се дружеле сите деца кои живееле таму.

– Имавме среќно и безгрижно детство. Бевме многу слободни, тогаш не одевме во градинка, но за жал, со започнувањето на војните во поранешна Југославија, се вративме во Македонија, од каде што и потекнува моето семејство и потоа започнав нов детски живот со другарите од Капиштец, со кои и до ден денес се дружам – раскажува Саша.

Најинтересниот период од неговото детство се деновите од основно училиште, бидејќи тогаш биле најслободни, имале најмногу време и можеле долго да ги играат омилените маалски игри. Најтажен период од детството на Саша е 2001 година, за време на воениот конфликт, кога речиси една година не можел да го види татка си дома, бидејќи бил ангажиран во тој период. Најсреќен за него е денот кога матурирал, бидејќи тогаш прв пат се почувствувал како возрасен. Од 15-16 години работел во кафетерии или на други места, каде што почнал да заработува за џепарлак.

– Тогаш веќе почнав да станувам посериозен, па од што беше во мода, пропушев и цигари. Во тоа време, сите машки и женски, за да станеме „фраери“, знаевме да запалиме по некоја цигара. Јас бев уште посреќен дека сето тоа можев да си го допуштам со парите кои сам си ги заработував – вели Саша.

Како тинејџер секогаш балансирал во друштвото, кога и да настанел некој проблем, тој бил во средина каде што секогаш го „кркал“ подебелиот крај. Имало проблематични ситуации, особено кога оделе на кошаркарски натпревари, со другари со кои до ден денес другарува, знаеле да се извикаат и понекогаш да опцујат, да си дофрлаат со по некое пенкало или запалка на трибините или надвор од нив. Како што одминувало времето, сфатиле дека тоа не е суштината.

– Во ред е да се извикаш и да навиваш, но тоа секогаш да заврши со едно спортско признавање на пораз и честитки за победата, никако поинаку. Знаев и моите родители понекогаш да ги „извадам од памет“. Имавме неколку такви „вонредни“ ситуации. Едната беше во 2001-ва, кога без никој да знае, отидов во Тетово да го барам мојот братучед на местата каде што се водеше воениот конфликт, потоа откако ме вратија дома, ме искараа. А подоцна пак отидов да го барам татко ми во Арачиново и Радуша (н.з, се смее). Среќа што поминав жив и здрав. Имало и други ситуации кога сме знаеле да направиме некои недоволно промислени постапки – се сеќава Саша.

На натпревари оди од свои 9 години, зашто тогаш тоа било моден тренд на Балканот, но и во Европа.

– Започнав да одам со моите маалски другари и со другарите од Центар и Карпош и полека оформивме навивачка подгрупа на Работнички. Кога ќе станеш страстен навивач, редовен дел од групата, за да се докажеш мора да бидеш доста активен. Го имавме цело маало и цела Општина Центар ишарано со графити, пароли и сѐ она што е потребно да има еден навивач. Јас бев тој што беше задолжен за пиротехника и по тоа останав познат. Секогаш се трудев да направам добра кореографија и добра „баклијада“, со цел да има повеќе енергија додека се следи одреден натпревар. Преку навивањето и навивачката група научив што е тоа да сакаш нешто од срце и да го работиш, но и да го споделуваш со сите останати околу тебе. Преку навивањето и одењето на натпревари ја научив разликата помеѓу добро и лошо, односно да бидеш дел од нешто што се бори на секој можен начин, тоа што го прави секој вистински навивач, а тоа е преку поддршка и активности да придонесе за нешто што е општо заедничко добро. Тоа ме научи така да функционирам во животот. После извесно време, со стекнување на мојот круг на пријатели и со моето докажување во одредени работи, се вработив во приватна компанија, нормално останав верен и доследен и продолжив да ги посетувам натпреварите на КК Работнички – раскажува нашиот соговорник.

На 28 години, кога станува директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, не престанува да оди на натпревари, но се повлекува од трибините, за да не им се даде некаква политичка конотација на неговите другари и на самата трибина. Тогаш станува дел од управата на клубот, на која, додека бил навивач, ѝ давал и поддршка и критика.

– Сега јас бев дел од таа иста управа и тогаш требаше да придонесам многу повеќе за Работнички, така што не оди во исто време да бидеш и навивач и дел од управата, но останавме во одлични релации со сите мои другари кои и до ден денес се на трибините. После директорувањето во ЈП „ПОЦ“, беше создадена опцијата да ја преземам и Општина Центар, со тоа што добив уште поголема одговорност во моето функционирање, но и уште поголема одговорност во мојот придонес кон КК Работнички – објаснува Саша.

Од 18-годишна возраст Богдановиќ е дел од СДСМ.

-Што се однесува на политиката, станува збор за жива материја, треба луѓето секогаш да се прилагодуваат, се менуваат околности, но ниеден политичар не смее да се премине самиот себеси. Бидејќи тогаш се менува целата суштина за тоа што сте влегле во некаква приказна, дали била таа политичка или каква било друга. Човекот треба да си остане тоа што е. Доколку се промени во тој дел, поради одредена функција или позиција, тогаш се изгубил самиот себе – смета тој.

Го споделува со нас најнепријатното искуство како градоначалник:

– Имаше едно случување каде што после неколку месеци од моето стапување на функцијата градоначалник, покрај расчистувањето на сите доспеани обврски, добивме судска пресуда која наложуваше од општинската сметка да бидат наплатени 1.5 милиони евра, со што функционирањето на целата општина беше доведено во прашање. Но, по неколку дена, наплативме некои средства кои пак нас ни ги должеа и полека, почнавме да излегуваме од таа финасиска „дупка“. Тоа беше еден од најтешките моменти во моето работење, бидејќи морав да плаќам за нешто што некој друг го погрешил. Но, се надомести и таа штета, а после неколку месеци со пресуда на Врховниот суд, успеавме да ги вратиме и тие средства што ни беа наплатени и ги искористивме за планираните проекти, кои ги одложивме за некој месец.

Го прашуваме кој е неговиот „издувен вентил“, дали има хоби, време за себе и најблиските.

– Претходно сум имал повеќе време за хобија, нормално, да излезеш со другарите, сега „издувниот вентил“ е нормално, со најблиското семејство, сопругата, родителите, најтесниот круг на пријатели. Времето за „издувување“ најчесто е некој спортски натпревар, ќе отидеме, ќе се извикаме, ќе ја испразниме од себе негативната енергија. Одиме на планини, во посета на некои места кои си имаат некоја духовна тежина, духовно значење. Сакам места каде што може да си најдете, но и да потрошите дел од вашата енергија, воедно наоѓајки некакво смирение. Она слободно време што го имам го користам за возење велосипед со сопругата, одиме на јавање коњи, често ги посетуваме македонските планини и ги искачуваме нивните врвови – ни одговара.

Смета дека во денешно време се намалила страста за одење на натпревари.

– Тоа беше нешто за што машките во нашите, моите генерации живееја. Живеевме за дерби, живеевме за дружење во маало и седење на клупа, живеевме за играње „сервис“, живеевме за секакви игри, за разлика од денешните генерации, кои се сконцентрирани најмногу на мобилните телефони. Се надевам, како што ќе растат, ќе сфатат дека не е само екранот, компјутерот или таблетот нешто што треба да нѐ надополнува и се надевам дека со некои активности што се прават, некои од навиките можат да бидат вратени – завршува Богдановиќ.


Живеевме за дерби, живеевме за дружење во маало и седење на клупа, живеевме за играње „сервис“, живеевме за секакви игри, за разлика од денешните генерации, кои се сконцентрирани најмногу на мобилните телефони.

Слични објави

Александра Пријовиќ го прекина последниот концерт: Свекрвата Зорица, во солзи, целосно скршена

Еспресо

(Фото) Ништо од венчавката вредна 600 милиони долари! Џеф Безос ја демантираше свадбата во Аспен, сè е лага! 

Еспресо

Хороскоп за 23 декември: Вагите ќе имаат љубовни проблеми, Скорпиите ќе бидат под тежок стрес

Еспресо

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо
Се вчитува....