2.8 C
Скопје
19:51 - 23 декември, 2024

Од 18 до 25 август во Скопје: Програма на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“. Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.

Со мото „Лупење идеи“ фокус на 13. „МакеДокс“ е развојот на идеи, а прес-конференцијата за програмата на фестивалот се одржа денес (10 август) на платото пред МКЦ во Скопје.

– По две бурни години за целиот свет време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овојпат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што после две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости – истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“.

Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со МакеКоПроДокс форумот, кои делумно ќе се одржат онлајн.

Филмската програма на 13. „МакеДокс“ содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

Главната програма содржи 9 филмови, во селекцијата Нови автори има 11 филмови, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филмови. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филмови. Земја во фокус е Чешка Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филмови.

– Среќни сме што оваа година на адресата на „МакеДокс“ пристигнаа филмови од сите пет континенти на планетава Земја. Гледавме филмови со месеци и ја лупевме програмата за да ја добиеме нејзината најавтентична форма и содржина која ќе ја одрази креативната сила на „МакеДокс“, како фестивал на креативен документарен филм. Мислам дека успеавме во тоа, а се надевам и публиката ќе биде задоволна од нашиот избор.

Фестивалот ќе го отвориме со филмот „Сѐ што дише“ на режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе го прикажеме белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ на режисерката Хуанита Онзага. Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата Земја во фокус, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастерклас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело.

Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека „МакеДокс“ со својата овогодишна програма ќе помогне при тоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли! – потенцираше Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „МакеДокс“.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастерклас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „МакеДокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер.

Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на Балканот.

Централно место во индустрискиот сегмент зазема четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 22 до 24 август.

– Особено ми е драго што после две онлајн-изданија на МакеКоПроДокс форумот во пандемиски услови, годинава ќе го имаме четвртото издание со најголем број од учесниците присутни во живо во Скопје, а помал дел од нив онлајн. Годинава за делот – Балканска филмска мрежа, кој го модерира Хеле Хансен, во Скопје ќе бидат присутни претставници од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот центар за кинематографија, Албанскиот центар за кинематографија, Бугарскиот национален филмски центар, додека српскиот, црногорскиот и грчкиот центар ќе ни се приклучат онлајн. На 22 август, првиот ден од форумот, тие ќе ги презентираат шемите на финансирање пред учесниците и филмските професионалци. Потоа ќе имаме презентација на Ивана Мирчевска од МЕДИА деск МК. Денот ќе заврши со презентација на шесте проекти кои беа дел од работилницата за развој со Туе Стен Милер.

За вториот дел од форумот, односно пичинзите на проектите, годинава имаме одлична и разновидна селекција од 11 проекти кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Турција…). Тие ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат „еден-на-еден“ состаноци со одлучувачите. МакеКоПроДокс форумот е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на РСМ, МЕДИА деск МК, Грчки филмски центар, Град Скопје, „Вардар филм“ и МКЦ – објасни Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август ќе биде отворена фото-изложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

По завршувањето на фестивалот, „МакеДокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски МакеДокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа „Doc Around Europe“.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

Слични објави

Весна Ѓогани ја откри вистината за бракот со Ѓоле Ѓогани: Никогаш не сме си кажале дека се сакаме!

Еспресо

(Фото) Најслаткото нешто што ќе го видите денeска: Дарко Лазиќ и малата Срна во новогодишни пижами

А.Ј.

Александра Пријовиќ за Нова година ќе заработи 300.000 евра! Синоќа се прости од публиката, ја чекаат уште два настапи

Еспресо

Милош Биковиќ ги поддржа студентските протести во Белград: Актерот се огласи на социјалните мрежи!

Еспресо

Откриени детали од скандалот со Блејк Лајвли што го тресе Холивуд: „Ме гледаше додека бев топлес!“

Еспресо

Откриено кој е човекот со кој Емина Јаховиќ разменува нежности: Се бакнуваше и со Наташа Беквалац!

Еспресо
Се вчитува....