Најголемите македонски фолк-ѕвезди ќе се обединат на Фолк фест „Валандово“ во текот на два дена, 26 и на 27 мај.
„На 26 мај, традицијата повторно нè собира на плоштадот во Валандово, за во еден глас да ги отпееме најголемите хитови од Фолк Фест Валандово“, објавија од фестивалот.
„Фолк Фест Валандово 2026“ ја отвора својата фестивалска приказна на 26 мај, вторник, на плоштадот во Валандово, со претфестивалска вечер посветена на најголемите валандовски хитови и на песните што публиката со години ги пее од срце.
„Во градот на песната, под отворено небо, Валандово ќе биде домаќин на вечер создадена за публиката. Вечер во која ќе прозвучат рефрени што се препознаваат од првите тактови, песни што одамна излегле од фестивалската сцена и станале дел од прослави, семејни собири, веселби и убави спомени.
Ги покануваме сите љубители на македонската песна да дојдат на плоштадот во Валандово и заедно, во еден глас, да ги отпееме песните што го одбележале Фолк Фест Валандово“, додаваат организаторите.
На сцената ќе настапат Блага Петреска, Елена Велевска, Кате од групата „Соната“, Христијан Божинов-Кико, Мишко Крстевски и Марјан Коцев.
Претфестивалската вечер ќе биде поставена како ревијална шоу програма, во која изведувачите нема да настапуваат одвоено, туку ќе бидат дел од заедничка сценска приказна. Песните ќе се надоврзуваат една на друга, со солистички изведби и дуети.
Публиката ќе има можност да ги слушне и да ги отпее:
„Лична Валандовчанка“, „Каде сте, Македончиња“, „Сношти Кате“, „Бабино девојче“, „Доме мој“, „Едно срце имам душо“, „Залјуби се“, „Ај засвирете млади момчиња“, „Стариот џумбушлија“, „Кој ја роди песната“, „Само една песна таговна“, „Една песна јас да запеам“, „Срце бакшиш“, „Дојди ми Лено на перниче бело“, „Љубов моја ранлива“, „Ти ме предаде“, „Мајсторе, мајсторе“, „Врати ми сѐ“, „Китен девере“, „Лихнида кајче веслаше“, „Пеам да не заплачам“, „Жал за Деспина“, „Дајте ми ја“, „Во црно вино“, „Како да ти речам мила“, „За таа љубов да наздравиме“, „Ако одам во Битола“ и антологиската „Бисер балкански“.
За музичката придружба ќе се погрижи оркестарот од емисијата „Мерак меана“ на „Сител“ телевизија.
Инаку, фолк легендата Блага Петреска на 27 мај ќе добие награда за животно дело од фстивалот на чија сцена пеела многупати.
Вечерта ќе ја заокружи мини концертот на Влатко Миладиноски, како најава на големата фестивалска вечер што следува на 27 ми мај. Снимка од претфестивалската вечер ќе се емитува наскоро на МТВ.
