-4.2 C
Скопје
00:01 - 23 декември, 2024

Моника Зајкова: Да престанеме да бидеме волци и да живееме во лажни вредности

Младата политичарка ни открива дека правото и е пасија, се залага, како што вели паралелно државата да инвестира во градење на стратегија како да ги задржиме младите дома, но и како да создадеме услови и можности да привлечеме млади од други земји да дојдат да студираат, да работат и да живеат во Македонија.

Пратеничката Моника Зајкова и Либерално демократската партија (ЛДП) е во фокусот на вниманието на политичката јавност по промените на министерското место за локална самоуправа, откако Горан Милевски даде оставка се поизвесно е дека тој ќе замине и од лидерската позиција во партијата, особено што на партискиот конгрес во декември ќе се избира ново раководство, а големи се шансите прв пат на кормилото на ЛДП да застане жена. Ваквите информации наидоа на поддршка, но не само кај женската публика, туку и пошироко со оглед на тенденцијата на македонското општество да се ослободи од стереотипите дека политичката фотелја е резервирана пред се за мажи поради што е се посилна и континуирана битката со родовата нееднаквост.

Во разговор за Еспресо младата политичарка ни открива дека правото и е пасија, се залага, како што вели паралелно државата да инвестира во градење на стратегија како да ги задржиме младите дома, но и како да создадеме услови и можности да привлечеме млади од други земји да дојдат да студираат, да работат и да живеат во Македонија. Да престанеме да бидеме волци едни на други и да создадеме повисок степен на толеранција и прифаќање на различностите, порачува пратеничката Зајкова.

Магистер по правни науки – вашето образование е добра основа за одлична политичка кариера, иако некои можеби обесхрабрени од многубројноста на машките костуми на политичката сцена  кога би можеле да бираат би се определиле за адвокатура, битка за правда, иако и во политиката може да се реализираат тие амбиции. На кој пат се чувствувате комплетна? 

 – Благодарам за констатацијата зa добрата основа за одлична политичка кариера. Особено сум горда  со тоа што сум правничка со положен правосуден испит. Во моите почетоци на кариерата имав можност три години да работам во Адвокатско друштво, што навистина ми даде добра подлога во областа на правото. Инаку од дете ми е пасија правото. Кога сме кај правото и правосудниот систем многу работи беа ветени, но се уште доцни целосната и видлива реформа во правосудството. Сепак за поздрав е волјата  и чекорите кои се отпочнаа за подобрување на работите. Реформите во правосудниот систем не се настан, туку процес. Патот по кој се оди низ овој процес е доста макотрпен и без соработка помеѓу сите заедно и подигање на свеста кај сите нас, ќе оди уште потешко. Сите како општествени чинители треба да разбреме дека имаме подеднаква одговорност во градење на системот и само заедно може да  придонесеме за подобра благосостојбата на општеството. Ќе се чувствувам комплетна ако како политичари успееме да придонесеме во реформирање на правосудниот систем во ефикасен и праведен и обезбедиме можности и подобар животен стандард на сите граѓани.

И покрај родовата нееднаквост, дискриминацијата и родовата незастапеност во политиката, тема на која со години се организираат дебати, конференции, обуки, за да се подобрат состојбите, сепак можам да кажам дека во последниве години се повеќе среќавам ставови кои се крик против женското инсистирање на квоти, а многу повеќе на женската битка за квалитет. Кој е Вашиот став?

– Како потписник на меѓународна Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација против жените КЕДПЖ, Пекиншката платформа за акција на ОН (ППА)2 и како земја кандидатка за членство во ЕУ, Северна Македонија де јуре и де факто се заложува за постигнување родова еднаквост и обезбедување целосен развој и унапредување на жените. И покрај тоа што се направени значајни напори за промовирање на агендата на родовата еднаквост, родовата нееднаквост во земјата е сѐ уште нагласено присутна во сите сфери на општествено-економскиот и политичкиот живот и треба сериозен пристап за да се постигне и кохезија.

Според Глобалниот извештај за родовиот јаз во 2018 година, земјата е рангирана на 70-то место од вкупно 153 земји  и е доста над просекот во однос на образовните постигнувања, здравјето и опстанокот и политичко омоќување, а е под просекот за економското учество и можности.

Со тоа што има родова квота за учество на жените во политиката, како во парламентот така и во локалната власт, во доменот на моќ, земјата ги надминува повеќето земји членки на ЕУ и е само 5,4 поени зад европскиот просек според најновиот Индекс на родова еднаквост.

Со податоците со кои располагам можам да кажам дека на добар пат сме да ја направиме таа рамнотежа и баланс меѓу мажите и жените и  се надевам дека во скоро време нема да има повеќе потреба да се дискутира на вакви теми, туку истите ќе станат пракса и нормално секојдневие во кое што жената наместо да се преиспитува и деградира, ќе се вреднува на секое поле, без разлика на професијата која ја врши.

Мојот став како либерал демократка е дека не се потребни квоти, туку квалитет. Но, за жал се уште живееме во општество со многу стереотипи, па квотите се позитивна дискриминација која дава резултат. Сепак, како што напоменав ќе се залагам преку едукација од најрана возраст родовата еднаквост да е нормална работа, а не тема.

Ако прашате која е пратеничката Зајкова, по што би ја издвоиле од другите колешки во македонското Собрание како од пушка ќе ви речат – таа е убавата пратеничка, меѓу најелегантните, но е и голем борец за правата на младите. Може ли да издвоите некој успешен проект што е реализиран од интерес на младите?

– Од една страна ви благодарам на комплиментот, од друга страна вистински се радувам што навистина се покажа волја од страна на младите кои на последните настани организирани од страна на Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, покажаа огромен интерес и земаа активно учество. Сметам дека младите не треба да молчат, туку напротив треба да го подигнат својот глас, а останатите вистински да го чујат. Сведоци сме дека сите големи промени во општествата се случиле со подигнување на гласот на младите.

Затоа, сакам да ги поттикнам младите луѓе да бидат активни чинители во процесот на креирање и носење на одлуки, бидејќи секоја одлука се однесува токму на нашата сегашност и иднина. Па, оттука произлегува и мојата мотивација во работата како координаторка на Клубот, во соработка и со други граѓански организации и институции, преку организација на настани, дебати и конференции да им овозможиме безбеден  простор на младите луѓе, каде што слободно ќе можат да го изразат своето мислење, да слушнат ставови на други млади луѓе,  да дебатираат, аргументираат и да прераснат во млади луѓе со развиена критичка мисла, нешто без кое што не може да опстане ниту една современа демократска држава.Тоа е единствениот начин на кој што можеме да покажеме еднаквост со младите во Европа и да отвораме нови преспективи за идните генерации.

Како успешен ќе го издвојам Законот за младинско учество и младински политики кој дава можност за поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку локалните  младинските совети, субвенционираниот оброк, градење партнерски однос со младинските организации, средношколците и студентите, но и започниот процес на воспоставување пристап на отвореност и координација помеѓу институциите и младите. Понатаму, успешно се користи и мерката младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството. Во периодот кој следи доколку ја добиеме поддршката, ќе донесеме Закон за младинска работа, Закон за средношколско организирање, како и законски прописи со кој ќе се овозможи редовен работен однос на редовните студенти на одреден број часови, како и измени кои ќе им го олеснат пристапот на младите луѓе при пријавување во случај на невработеност. Во тек е и процесот за креирање на Национална стратегија за млади, како и Национална стратегија за ментално здравје на младите. Сите овие прописи и мерки се ставени на Агендата на Клубот по предлог на младинските организации и чинители. Главна цел е младите да ја вратат довербата во институциите и да не гледаат како нивни партнер и сојузник.

Ова се само мали чекори, иако секогаш можеме повеќе и младите заслужуваат повеќе.

Младите што заминаа надвор од Македонија тешко дека ќе ги вратиме во земјата која ја напуштиле оти немаат никаква перспектива, но како да ги задржиме тие што се тука? 

– Сите ние, иако различни по своите особености и квалитети, заслужуваме еднакви можности, исто како што верувам дека ако градиме позитивни промени и го даваме својот максимум за општеството, истото ќе се развива и чекори напред. За такви позитивни промени, кои ќе ги задржат дома успешните кадри, ќе обезбедат еднаквост на младите без оглед на кој универзитет студираат,  имаме идеја да  воспоставиме мрежа на старт-ап амбасадори од луѓе кои живеат и работат во Северна Македонија со луѓе кои живеат и работат во поголеми технолошко напредни центри во Европа и светот, да создадеме Фонд за млади умови кој претставува финансиска поддршка во повеќе сегменти на развојот на критичкиот и креативниот потенцијал кај децата и младите.

Постојаниот контакт со младите и се почестите дебати и размена на мислења се од клучно значење за носење на добри и информирани одлуки. Стануваме се посвесни дека можеби како држава паралелно треба да инвестираме  во градење на стратегија како да ги задржиме младите дома, но и brain-gain стратегија, односно како да создадеме услови и можности да привлечеме млади од други земји да дојдат да студираат, да работат и да живеат во Македонија.

Убедена сум дека како сегашните, така и идните генерации имаат потенцијал да напредуваат, да создаваат и да бидат успешни во своите професии. Доколку инвестираме во младите умови, ги слушаме нивните визии и идеи уште во самиот цут и процес на нивното образование, нема да имаме проблем да ги задржиме во нашата земја, но и да привлечеме млади од други земји да дојдат кај нас.

Политичките сегменти од нашиот разговор ќе ги продолжиме некаде можеби во декември, пред Нова година кога многу работи ќе добијат завршница на партискиот конгрес, но сега за нашите читатели да откриеме каква е Моника кога не е зад политичката говорница, која е Вашата омилена тема за релаксација. Некаде прочитав дека Моника е ранобудна, дека ја сака својата виолина, но не најдов информација со чија музика би сакале да Ви почне денот?

– Многу е тешко кога треба себе си да се опишете какви сте. Точно е дека сум ранобудник, затоа што не спијам подолго од седум часот наутро. Сметам дека луѓето не треба да го трошат животот во спиење. Темпераментна личност сум, која постојано е активна. Работните денови ми се исполнети со тековни обврски, средби со граѓани, кулутно-забавни активности. На крајот на денот редовно вежбам. На тој начин го ослободувам стресот што се акумулира во текот на работниот ден. Понекогаш знам да ја отворам и мојата виолина и да се вратам во времето кога редовно се дружев со овој инструмент во Гудачкиот оркестар АРКО. Денот почнува слушајќи хитови на радио, а завршува со класиците од врвните композитори меѓу кои приматот го има Моцарт.

Неодамна во земјава престојуваше премиерката на Финска Сана Марин, препознатлива по својот стил и гардероба која негува силна црвена нијанса, избор што отскокнува од класичните и строги модни изгледи на жените од политичкиот свет. Ви се допаѓа ли тој стил на облекување?

– Знаете, политичарите се нормални луѓе кои имаат свој стил и навики и пред да влезат во политиката. Секогаш ме нервирало градењето мит дека тие треба да бидат совршени и да го променат начинот на живот или стилот на облекување само затоа што решиле да запливаат во политичките води. И полититичарите како и секој човек се забавуваат со своите пријатели, може да се појават без шминка и во несекојдневно парче облека. Сепак сите на крајот од денот сме луѓе без оглед на професиите за кои сме се определиле.

Секоја жена си негува свој стил на облекување и секоја жена е убава и елегантна на свој начин. Стајлингот на Сана Марин предизвика бројни коментари. Таа и претходно ги кршеше табуата кога е во прашање стилот на облекување на политичарките. Сетете се на насловната на која позираше во сако без градник. Ја поддржувам нејзината цел целосно да го смени размислувањето за тоа како се облекуваат и однесуваат  жените на политичката сцена. Искрено ја поздравувам секоја промена и излегување од комфорна зона и поместување на границите за начинот на облекување и задржување на нормалноста во начинот на жиеење, бидејќи тоа не е пресудно за квалитетот и успешноста на една жена. Јас сум од оние жени кои преферираат модерна класична гардероба и сметам дека во институциите треба да се запази и одржи некое ниво и бонтон.

Сите имаме свои идоли без разлика дали станува збор за музика, политика, филм, проза, поезија… Која е Вашата инспирација? 

 – По природа сум авантуристка, сакам нови места, да запознавам нови работи, нови култури, пишаниот збор е една од моите омилени катчиња каде што го наоѓам мирот, но незаобиколен дел и музиката како што напоменав свирам на еден од најубавите инструменти- виолина. Најчесто инспирацијата си ја пронаоѓам во самата себе си, сметам дека секој ја носи во себе и дека само треба да ја разбуди. Но, за голем дел од работите кои ги правам голема мотивација ми е и мојот брат. Иако е помал од мене, од него научив  дека во животот колкав успех и да постигнеш не треба да заборавиш од каде потекнуваш. Секој мој успех му го посветувам нему. Довербата која ја полага во мене и поддршката која ми ја дава ми создава дополнителна мотивација да чекорам напред кон остварување на моите цели.

Како да станеме подобро и понормално општество, како подостоинствено да живееме?

– Нашето општество, нашата современа  култура, во овој миг испитува чувство на загуба. Сите вертикали на мисловна, креативна, институционална, интимна автономија и стабилност бледнеат. Никој веќе не го препознава сопственото вредносно јадро, а камоли некој покомплексен вредносен формат на заедницата. Мислам дека треба да престане да живееме заробени во лажни вредности.

Живот во мултиетничко, разнолико и динамично општество кое може да се совлада единствено ако можеме да живееме заедно почитувајќи се меѓусебе како еднакви индивидуи. Да престане меѓу себе да си бидеме волци желни за крв. Да се обидеме да наметнеме повеќе позитивна енергија, односно да се стави крај на песимизмот и негативна перцепција и да се носиме одговорно со предизвиците. Само така како граѓани и како држава, мирно и достоинствено ќе ги надминеме сите проблеми и недоразбирања со кои се соочуваме. Јазикот претставува главно средство и sine qua non за комуникација и интеракција помеѓу поединците, различните општествени групи и заедници во државата. Да го разбереме јазикот треба да ги разбереме луѓето кои не опкружуваат и да создадеме повисок степен на толеранција и прифаќање на различностите.

.

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....