-2.2 C
Скопје
07:46 - 19 декември, 2024

Мислим Имероски, успешен нашинец во Швајцарија: Промената е можна и почнува од главата

Печалбарската традиција, економската криза во тогашна Југославија и подадената рака од брат му, го одвеле Мислим во Швајцарија со глад за образование. Денес, овој Македонец, кој попатно не си ја загубил скромноста, е убав образ на земјата што ја напуштил пред речиси четири децении.

Мислим Имероски, фото-приватна архива

Од своето родно село Октиси, познато по печалбарството, но и поради економската криза во тогашна Југославија, Мислим Имероски одлучил да си замине од Македонија, пред 38 години. Неговиот најстар брат работел во Швајцарија, па во 1984 година му извадил работна виза со цел да работи, да заработува и да направи куќа во струшко Октиси. Мислим, тогаш многу млад, сакал да се школува, да се занимава со спорт и да се интегрира во швајцарското општество. Денес тој не само што е одлично интегриран, туку е и почитуван граѓанин што си има своја школа за карате. Неговата деловна биографија е полна со успешни предизвици, на пример, бил соосновач на културно-хуманитарното друштво Октиси (2009), бил пет години претседател на друштвото и под негово водство оствариле големи инвестиции, меѓу кои – два големи шлепери со над 120 електронски болнички кревети за болниците во Охрид, Струга и во Вевчани, маса за операции, за пациентите – машини за јадење и низа други апарати за здравство. Изградиле и детско игралиште во Октиси. По иницијатива на Мислим бил формиран кантонален карате сојуз „Ст. Гален“, каде што до денес е во управниот одбор. Нашиот соговорник е и експерт за полагање испити за црн појас, дипломиран готвач, а завршил и ментален „коучинг“, има диплома за животен и социјален советник. Тој е карате учител со швајцарски федерален сертификат. Накусо, се здобил со сите титули, дипломи и знаење што му обезбедиле убаво место под швајцарското сонце. Денес, неговите ученици се успешни на национални и интернационални турнири, а тој пак, планира следната година да полага во Јапонија за „шести дан“. А, да, има и куќа во Октиси, која засега, е празна.

донација за Македонија на болнички кревети, фото-приватна архива

Во твојата биографија се наведува дека ентузијастички тренираш карате од 1984 година. Зошто изборот беше карате, кој беше твојот најголем учител, а кој најголем успех во каратето?

– Бев многу подвижен уште во детството, сакав и кај нас да се занимавам со тој спорт, меѓутоа во тоа време, во нашиот крај, за тоа немаше можност. Тренирав фудбал и атлетика, а најмногу ме инспирираа филмовите на Брус Ли. Подоцна, моите најголеми мајстори беа Теруо Коно 8 Дан, Шинго Охгами 8 Дан и Хидехо Такаги 8 Дан, еден од најголемите техничари во вадо рју карате во светот. Имав големи успеси на многубројни регионални и национални турнири, но, за жал, не можев да направам голема кариера поради многубројните луксации на десното рамо, поради што морав да се оперирам, па следуваа физикални терапии и мотивацијата за натпревар ми опадна.

Една од победите на Мислим, прво место, фото-приватна архива

Но, затоа во Швајцарија основа карате школа, каков е интересот, посетеноста, на кои техники им се дава предност?

– Во почетокот на 2000 година ја основав карате школата Флавил, а една година подоцна карате школата Алтштетен. Интересот за карате е многу голем и покрај тоа што понудата за разновидни спортови е изобилна. Во секоја школа имам по четири групи, групи за возраст од 5 до 7 години, од 8 години, напредни групи и групи за возрасни. Сите се добро посетени дури и во некои нема место за нови членови. Инаку, не е важна само техниката туку совршеноста на таа техника и повикување во вистинско време. Се дава предност на техники со нозе, затоа што, на пример, удирање во глава се брои три поени…

Што значи да се биде академски тренер за ментален спортски развој? Колку умот има улога во каратето во однос на тренингот и талентот?

– Јас сум академски ментален тренер, животен и социјален советник со главен акцент на подобрување на менталното справување со предизвици во спортот, односно каратето. Се тренираат многубројни техники, моќ и брзина, луѓето се хранат здраво, и на крај менталниот аспект одлучува за победа или за пораз. Има талентирани спортисти со натпросечни резултати во одредено поле и ним им е потребна ментална способност за остварување на целта. Тезите докажуваат дека „мислите, односно зборовите и сликите во главата, влијаат врз чувствата, а со тоа и на однесувањето на една личност“. Борбата се случува во главата на секоја индивидуа, за победа или пораз. Сите ние, за секое дејствување или акција што ја преземаме, мислиме или си претпоставуваме со збор или со слика. Со помош на менталниот тренинг, менталните вештини може да се подобрат како, на пример, концентрација, мотивација, храброст наместо инхибиција, внатрешна сила, самодоверба, спокојство, внатрешен мир наместо немир… Се работи субјективно со секој спортист, во зависност од неговите ментални потреби или слабости. Но, промената е можна!

Судија на Светски куп во Нагоја, Јапонија (2015)

Инструктор си и за самоодбрана, дали жените во Швајцарија се заинтересрани за овие курсеви со цел да научат како да се одбранат од напад на маж?

– Интересот е доста голем, кога медиумите пишуваат за некои актуелни насилства, тогаш интересот е уште поголем. Тука, сите се бават со некој спорт, и мажи и жени, без оглед на нивните години и способности. Многу популарна е самоодбраната „крав мага“ (блиска борба). „Движењето е живот, а застојот е смрт“.

Што е потребно да знае една жена во однос на самоодбраната? Што ги советуваш и учиш на курсот?

– Добро е континуирано да тренира и да ги знае виталните точки на еден човек. Со тренингот се учат различни техники за одбрана, сите видови техники на зафати, техники на ослободување и ударни техники, се гради самодоверба и самоувереност. Така, жената кога оди по улица зрачи со сигурност и самодоверба, наместо со страв, несигурност и паника. Поводот да биде нападната е многу мал. Во случај на напад, потребно е силно врескање неколку пати „стоп“! Со тоа се демонстрира снага и спремност да се брани.

фото- приватна архива

Колку често се враќаш во Македонија и што најмногу ти недостига од тука?

– Во првите години доаѓав само еднаш годишно, потоа двапати, а во последниве години – три, четири пати годишно. Најмногу ми недостигаат моите роднини, пријатели, мојот роден крај, а и самата држава многу ја сакам.

Што освен каратето те врзува да останеш во Швајцарија? Кои се предностите во однос на животните услови на оваа земја?

– Интегриран сум, имам квалитетен и структуриран живот. Заработка, стабилност и сигурност. Правата на секој граѓанин се загарантирани во вистинска смисла, не само на хартија. Функционален систем во сите области и тоа со традиција.

Што, според тебе, се промени во Македонија откако ја напушти до сега и дали промените ги гледаш на добро или се движиме кон конфузија?

– Се промени и тоа – Република Македонија стана независна, самостојна и суверена држава. Од политичките субјекти сум многу разочаран и незадоволен. Државата многу ни заостана и тоа во сè. Македонија требаше да биде втор Лихтенштајн. Политичарите ги гласаат граѓаните, а тие, пак, работат за себе наместо за нив. Голема корупција, никој не одговара за сопствениот неуспех или неспособност. Се вработуваат партиски послушници наместо стручни и компетентни кадри.

Сметаш ли дека Македонија има успешни каратисти, ги следиш ли нашите каратисти, што, според тебе, е добро кај нас во моментов во овој спорт, а што ни недостига?

– Да, во Македонија има успешни, добри каратисти и тренери. Балканците го носат духот за борба, што е многу важно за нивните успеси. Недостига постојана обука со екстерни големи мајстори.
Би основал ли своја школа во Струга и зошто досега тоа не се случило?
– Не би основал во Струга школа за карате. Не се случило, затоа што овде, во Швајцарија, можам од тој спорт добро и квалитетно да живеам, без никакви препреки. Тука поседувам многу модерни и професионално опремени простории. Сè си функционира, клиентите се свесни и одговорни за нивните обврски за она што го користат.

Слични објави

(Фото) Вељко Ражнатовиќ објави досега невидена семејна фотографија: Синот Жељко позира со стегнати мускули

Еспресо

(Фото) Иван Јованов воодушеви со празнична фотосесија со својата ќерка Ниа

Еспресо

Бресквица конечно откри како го добила прекарот: За сѐ била виновна една личност

Еспресо

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо
Се вчитува....