3.8 C
Скопје
23:20 - 20 декември, 2024

КОЛУМНА: Некои луѓе се навистина пред времето 

Денеска има агенции т.е. фирми што организираат погреби. Ожалостената фамилија плаќа, а тие обезбедуваат сè – гробно место, свештеници или плех оркестар во зависност од желбата на упокоениот, ковчег, мезе, пијалаци, закажуваат ресторан, снабдуваат венци т.е. мислат на сè. Чичко Драганчо пред 40 години беше предвесник на овој бизнис.

Сè е средено, стајлингот е педантно одбран и се чека судниот ден. Се разбира гробното место е одамна обезбедено, но тоа е стар обичај за да не ги фрламе децата во арч.

Како што старееме, така сè почести се муабетите за умирачката. Интересен ми е моментот кога некое типче или типка на свои 85 години ќе каже – јас кога ќе умрам, сакам да ме облечете во овој костум, задолжително да ми го ставите качкетот, во десниот џеб сакам цигари и кибрит (а ги откажал пред дваесет години), тука ми се омилените чорапи, а сакам чевлите да бидат баш овие. Уууу, за малку ќе ја заборавев вратоврскава! Типката на 85 години задолжително го има веќе подготвено цветниот фустан, пелеринка, огледалце и карминче, лакирана чевличка и по можност шапка (иако ретко носела шапки). Како и да е, сè е средено, стајлингот е педантно одбран и се чека судниот ден. Се разбира, гробното место е одамна обезбедено, но тоа е стар обичај за да не ги фрламе децата во арч.

ЧИЧКО ДРАГАНЧО

Имаше еден лик што сите си го викавме чичко Драганчо. Доживеа длабока старост, а си беше посебен на свој начин. Кога шеташе по населбата во џебот носеше шеќерчиња и на сите деца им даваше по едно коцкиче за да заблажат душичка. Во дворот си чуваше петел и кокошка, им даваше имиња и постојано си зборуваше со нив. Уличните кучиња и мачки му беа пријатели и го сакаа бидејќи ги хранеше. Сè на сè, чичко Драганчо беше невообичаен лик за кој имаше и многу анегдоти. На пример, неколку години по упокојувањето на неговата сопруга Ружа, Драганчо еден ден решил да си направи гезме со својот син. Пивнале винце, малку од малку се расположиле, и на нашиот херој му текнало да отидат на гробишта и да запалат свеќа. Арно ама многу дувало, па Драганчо легнал на гробот, го гушнал крстот, со рацете ги штител свеќите и тие не се гаснеле. По извесно време тој си заспал и станал дури утредента. Бадијала биле сите напори на син му да го разбуди и крене, Драганчо си лежел до својот цвет цела ноќ.

И да не ја ширам приказната, туку да стигнеме до главниот штос на овој шармантен тип. Некаде во 1980 година, тој ги поканил на гости своите два сина и ќерка му сосе нивните фамилии, значи снаи, зетко, внуци. Тие дошле, а Драганчо по ручекот почнал со монологот:

– Сè што се родило мора и да умре. Веќе сум стар и ме чека последното патување. За таа цел еве ми го костумот, во ова сакам да ме облечете. Еве ги и чевлите, чорапите, чешелот, тука е и кошулата бела како снег. Оваа вратоврска ќе ми ја ставите. Дали сум јасен?

Сите кимнале со главата, а ќерка му коментирала дека е рано да се мисли за умирачка.

– Ајде бе, ќерко, бркај работа. Гледајте сега, во овој плик има динари за пиво, во ова за ракија, во ова за вино, во четвртиот плик се динарите за сокчиња. Во петтиот плик имате пари за локум, кифлички и кашкавалче. Се надевам дека инфлацијата нема да ги изеде парите, така што тоа е тоа. Ќе ме закопате во истиот гроб каде што е моја Ружа.

Настапил молк. Тоа е сè? – прашал повозрасниот син.

– Па, не. Бидејќи јас одамна живеам сам, ќе ве молам да отидете во детската соба.

Се кренале сите и имале што да видат. Чичко Драганчо си купил ковчег во зелена боја.

– Тато бе – како под команда изреагирале присутните.

– Нема тато-мато, овој ковчег е мој, ми се бендиса на прв поглед и во него сакам да ме закопате. Ајде сега видете како ми стои или поточно како му лежам.

Влегол чичко Драганчо и направил генерална проба. Многу бизарно некој ќе каже, ама така е кога си педантен и сите детали ти се осмислени.

Пет години подоцна чичко Драганчо го закопаа во зелениот ковчег.

ПРЕДВЕСНИК НА МОДЕРНОТО ВРЕМЕ

Денес, сигурно знаете, има агенции т.е. фирми што организираат погреби. Ожалостената фамилија плаќа, а тие обезбедуваат сè – гробно место, свештеници или плех оркестар во зависност од желбата на упокоениот, ковчег, мезе, пијалаци, закажуваат ресторан, снабдуваат венци, т.е. мислат на сè. За добар бакшиш најверојатно ќе дојде ден кога ќе плачат наместо ожалостените, се разбира ако ним не им се плаче. До таму се педантни фирмиве што ставаат и тенди, со цел да не наврнат присутните за време на погребот.

Претпоставувам дека ќе се согласите со констатацијата дека чичко Драганчо на свој начин беше предвесник на модерниве агенции за погреби.

Како и да е, сè уште ја чувствувам блажината од шеќерчињата на човекот закопан во зелениот ковчег.

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....