Руската инфлуенсерка, ријалити-ѕвезда, манекенка и активистка Викторија Бонја (46) веќе со години го привлекува вниманието на јавноста, вешто балансирајќи меѓу луксузниот живот во Монако и контроверзните политички истапи. Нејзината кариера, обележана со трансформации и неочекувани потези, сведочи за камелеонска способност за прилагодување, но и за сложениот идентитет на жена која истовремено го прифатила западниот гламур и рускиот патриотизам.

Родена во 1979 година во малото руско гратче Краснокаменск, Викторија Бонја го започна патот до славата во 2006 година со учество во исклучително популарното и контроверзно реално шоу Дом-2. Тој настап ѝ донесе препознатливост низ цела Русија и ѝ ги отвори вратите кон телевизиска кариера, водителски ангажмани и улоги во филмови.
Сепак, нејзиниот приватен живот често предизвикуваше поголем интерес од професионалниот. Долгогодишната врска со Александер Смурфит, син на ирски милијардер, и животот во Монако го зацврстија нејзиниот статус како дел од меѓународниот џет-сет.

Со него ја има ќерката Ангелина, а иако парот повеќе не е заедно, Бонја остана да живее во Монако, од каде што управува со своето деловно царство и профилите на социјалните мрежи, каде што ја следат повеќе од девет милиони луѓе.

Бонја стана глобално позната по своите јавни настапи кои често предизвикуваат бурни реакции.
По почетокот на војната во Украина, отворено застана на страната на Кремљ, тврдејќи дека руската инвазија е оправдана и повикувајќи луѓето „да не ги мразат Русите“.
Нејзиниот патриотизам достигна врв кога, во знак на протест против она што го нарече „русофобија“, пред камери со ножици исече скапа чанта од Chanel, откако францускиот бренд ја ограничи продажбата за руски купувачи.
Сепак, нејзините ставови често се противречни. Истата жена која поддржува воени политики, страсно се ангажира и во заштита на животната средина.
За време на масовните протести против изградбата на кинеска фабрика за полнење вода на Бајкалско Езеро, Бонја го искористи своето влијание за да ја мобилизира јавноста. „Ти и јас сме привремени жители, а Бајкал е наш татко. Не можеш да му пријдеш на сопствениот татко и да му забодеш нож“, напиша тогаш на Инстаграм, споредувајќи ги цевките на фабриката со повредување на светото природно наследство.

Нејзината недоследност повторно дојде до израз кога го поддржа украинскиот боксер Олександр Усик, за по критиките од Русија да ги избрише објавите и повторно да ја потврди својата лојалност кон татковината.
Моментот што, се чини, трајно го обликуваше нејзиниот став кон американските власти се случи во 2017 година, кога беше задржана на аеродром во Лос Анџелес под сомнение дека е руска шпионка.
Царинските службеници, како што тврди, првично ја испрашувале за Владимир Путин и КГБ, а ситуацијата ескалирала кога во нејзината чанта пронашле визит-картичка од компанија за скриени надзорни камери. „Мислев дека веднаш ќе ме депортираат“, признала подоцна.
Била пуштена дури откако службениците го пребарале нејзиното име на интернет и сфатиле дека станува збор за позната личност со милиони следбеници.

Тоа искуство, кое често го истакнува како пример за апсурдноста на американската политика кон Русите, го зацврсти нејзиното противење кон Доналд Трамп.
Иако претходно покажувала неутралност, Бонја стана гласна критичарка на неговата надворешна политика, санкциите што ги погодуваат обичните луѓе и реториката која ја смета за агресивна и штетна за односите меѓу Истокот и Западот.
Интересно е што нејзините последни објави укажуваат дека нејзината верност кон Путин е минато.
„Каква е оваа земја? Го исклучија интернетот, Инстаграм и Телеграм. Треба да се разбудиме како општество“, рече во неодамна објавено видео.
Без разлика дали се искачува на Монт Еверест, го поддржува Кремљ, се бори за вегански принципи или го критикува американскиот претседател, едно е сигурно: Викторија Бонја е мајстор за самопромоција која знае како да остане релевантна во свет кој постојано се менува.

