12.8 C
Скопје
13:09 - 18 декември, 2024

(Фото) Изложба во пресрет на роденденот на Тоше Проески: Портрети насликани на камења од урнати селски куќи

Уметницата Светлана од Кривогаштани првпат се искусува во изработка на слики насликани на камен, а предизвикот ѝ бил поголем зашто станува збор за портрети од Тоше Проески. Изложбата има продажен карактер, а средствата ќе бидат наменети за лекување на малиот Војдан.

Светлана Зуламоска Гроздановска, фризерка и уметница од Кривогаштани, во пресрет на роденденот на Тоше Проески изработи серија слики насликани врз камен со портрети од музичката ѕвезда. Сликите веќе се поставени во Спомен куќата на Тодор Проески во Крушево, а изложбата ќе биде отворена на 25 јануари.

Светлана со фризерскиот и „меј-ап“ занает се занимава веќе триесет години, а љубовта кон уметноста досега ја покажа и преку изработка на цртежи од коса на под. Првпат се искусува во изработка на слики насликани на камен.

„Сликам на хартија во црно-бела техника, сликам со акрилни бои на платно, но ова е нешто посебно што го правам. Велам посебно, зашто се работи за сликање на посебна личност, Тоше Проески. Тоше го сликав на камен во последниве неколку месеци. Собирав камења од селата Бирино и Мариово, тоа се плочи од стари градбени куќи кои веќе се урнале, и такви, извалкани со кал, темелно ги чистам, потоа ги сушам и веќе ми претставуваат подлога на која можам да работам“, Светлана ни ја објаснува техниката за изработка на овие портрети.

Насликала дванаесет дела кои веќе се во Спомен куќата на Тодор Проески. Изложбата е продажна, а финансиските средства од продадените слики, уметницата ќе ги донира во хуманитарни цели, поточно за лекување на малиот Војдан Спасовски. Цената на сликите е од три илјади до тринаесет илјади денари.

„Откако ја добив идејата, длабоко во себе посакав да го прашам Тоше дали можам ова да го правам, но нешто во мене ми велеше дека Тоше би бил горд на мојата постапка, бидејќи тоа беше и неговата мисија – тој сакаше да им помага на луѓето, а истото со овој проект сакам да го направам и јас“, објаснува уметницата.

Светлана вели дека со изработката на овие слики, освен што ѝ било голема чест, презела и огромна одговорност зашто посакувала верно да го пренесе ликот, топлината и љубовта со која зрачеше Тоше. Се надева дека, со сета љубов што ја вложила во делата, успеала во тоа.

„Тоше го познавав од разговори за него, местото кадешто живеам, Кривогаштани, е многу близу до родниот град на Тоше, Крушево. Го чувствував како близок, како сите што го чувствувавме, таква му беше харизмата. Прекрасно беше да се посети негов концерт. Кога Тоше се враќаше во Крушево, се инересиравме кај мештаните каков е тој, дали соработуваат со него. И секогаш добивавме убави информации, дека живее меѓу луѓето, дека комуницира со нив, дека е прекрасен. И денес, кога доаѓаат луѓе од Крушево во мојот фризерски салон, разговараме за Тоше. Особено сега, со овој проект, имаме за што да зборуваме, да го овековечиме неговиот спомен, зашто сите чувствуваме како сè уште да е жив, сè уште од некаде ни пее и, се надевам, се гордее со ова што го направив. Се надевам дека ќе успеам да ја продолжам неговата хуманитарна мисија, барем со делче од тоа што тој го правеше“, вели уметницата во пресрет на роденденот на Тоше, 25 јануари.

Слични објави

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ги покажа стомачните: Згодната пејачка е во најдобрата форма досега!

Еспресо

Хороскоп за 18 декември: Раковите ќе уживаат со семејството, Водолиите ги очекува успех

apostolova

(Фото) Адријана Лима се омажи: Mанекенката ја објави радосната вест и ги покажа бурмите

Еспресо
Се вчитува....