Хрватската инфлуенсерка Ела Дворник (36) проговори за тоа како нејзиниот приватен живот се одразил врз нејзината деловна кариера.
Во ексклузивно интервју за новиот број на магазинот „Стори“ откри дека по објавувањето на веста за нејзиниот развод од британскиот претприемач Чарлс Пирс (48), бројни деловни соработници одлучиле да се повлечат, стравувајќи од негативен публицитет.
„Кога беше објавена веста за мојот развод, многу од моите деловни соработници се загрижија поради можноста за негативен публицитет и одлучија да се повлечат. Тоа можам да го разберам бидејќи репутациските ризици се дел од јавниот живот, за кои човек мора да биде подготвен“, раскажала Ела за „Стори“.
Призна дека ваквиот развој на настаните не ја изненадил и дека била подготвена и на многу полоши сценарија. Сепак, истакна дека не престанала да работи, туку само се оддалечила од вообичаениот начин на работење на инфлуенсерите.
Намалениот обем на работа ѝ овозможил повеќе да им се посвети на интересите што можеби претходно ги ставала во втор план, како музиката, уметноста, сликањето, пишувањето, читањето, психологијата и филозофијата.
„На некој начин, дури ми помогна тоа што се намали обемот на работа. Бев принудена да се запознаам себеси во сосема ново опкружување и да сфатам што всушност ме прави личноста што сум и што сакам да станам, без туѓи очекувања и желби“, открила таа.
Да потсетиме, Ела во август 2023 година јавно потврди дека се разведува од Чарлс Пирс, со кого има две ќерки, Бали Ди и Луми Рен. Нивната бракоразводна постапка веќе со години е во фокусот на јавноста, а донесена е и неправосилна судска одлука според која девојчињата треба да живеат со мајка им во Загреб.
