6.8 C
Скопје
14:29 - 21 ноември, 2024

Дарко Димитров: Нашата држава се оддалечи од креативните луѓе, ѕвезди се политичарите

Каде е Дарко и што прави баш сега? Во моментов работи на четири песни за финалето на регионалното „Ај ди џеј шоу“, паралелно работи и на песни за некои од најголемите балкански пејачи, а истовремено работи и на песни за неколку избори за Евровизија. Е, тоа го може само магионичар.

И во студиото и надвор од него Дарко е ист. Ист е и сега, кога е добро познат низ целиот регион (и пошироко), каков што беше кога ги правеше првите чекори во композицијата и музичката продукција. Тивок и скромен, трпелив и насмеан, љубопитен и со богат внатрешен свет, Дарко – нашето момче од соседството. Денес, кога и најголемите имиња на балканската естрадна сцена „чекаат на ред“ пред неговата музичка работилница, успева – меѓу две патувања – да пронајде време за моментите во кои најмногу ужива: да се врати дома за да биде со семејството. Да се сретне со другарите, кои се исто така од музичката фела, па да се изнамуабетат најмногу на теми поврзани со музиката. Што сработиле, до каде стасале, што е следното, додека патиштата им се разидуваат и секогаш повторно вкрстуваат. Во животот на Дарко Димитров сè е поврзано со музика. Музиката е негов живот.

На кој тип продуценти и композитори сметаш дека припаѓаш?

– Јас сум продуцент што сака да експериментира. Немам предрасуди, се обидувам да бидам отворен кон сите стилови и жанрови, така ја продолжувам оваа игра – гледам на мојата работа како на игра. Секогаш сакам да достигнам ново ниво, па следно ниво, за играта да остане интересна. Работам со љубов, музиката не ми е само професија, туку истовремено и хоби.

Што им недостасува на македонските пејачи во подем, во споредба со нивните колеги од соседните земји?

– Нема некоја разлика, сите работат и желбата е иста кај сите, но можеби нашето општество се оддалечи од креативните луѓе. Многу малку им се дава внимание. За жал, им даваме внимание повеќе на политичарите, отколку на младите и талентирани луѓе од сите области на уметноста. Инаку, да не заборавиме дека уметниците од Македонија, успеаја во неколку наврати да бидат лидери на Балканот во 90-тите и почетокот на 2000-тите години. Сите нè копираа. Мислам дека тоа може да се врати, само што треба малку и државата финансиски да помогне. Зашто младите наши пејачи тоа не можат да го направат сами, тешко се наоѓаат спонзори, и тешко е да се пробиеш, нема доволно емисии ниту медиумски простор каде би можеле да се промовираат, да ја претстават својата музика. Тоа е лошата страна. А добрата страна е што сега го имаме интернетот што овозможува пак, рамноправно да се преставиш во целиот свет, да не се ограничиш само на мал простор. Јас, на пример, многу помалку правам музика во Македонија отколку порано, и криво ми е за тоа, но така ме натера ситуацијата, полека повеќе да се ориентирам кон странство.

Каков беше одѕивот на македонски кандидати за натпреварување во новата сезона на регионално музичко натпреварување „Ај ди џеј шоу“ (IDJShow) каде што си член на жирито?

– Втората сезона на „Ај ди џеј шоу“ веќе е при крај, ни останаа уште неколку емисии и доаѓаме до финалето. Оваа сезона беше повеќе застапена и на телевизиите, во споредба со првата сезона која се емитуваше само на интернет. Гледам дека приемот е добар и тоа ме радува, ме радува што пејачите добиваат подобра афирмација зашто подобро е промовирано шоуто. За жал, засега имаме само еден натпреварувач од Македонија, тоа е Барбара (Поповиќ, н.з.), но таа е толку добра што квалитетно ја претставува земјата. Од ова искуство, како член на жирито, сметам дека би било добро слично музичко натпреварување да се направи и во Македонија, како што некогаш правевме со М2. Вака пак, нашите пејачи треба да доаѓаат во Белград за да се претстават, а би било добро своите таленти да ги покажат дома, во Македонија. Доколку се направи талент шоу во Македонија, мислам дека ќе биде многу полесно за младите пејачи, но ќе видиме, може и тоа да се случи.

На што ги учиш младите таленти на кои ти си им ментор, што е најважно за да се успее?

– На тоа дека треба да се борат и да се изборат. Зашто никој нема да дојде да ти чукне на врата и да ти каже „ајде, да ти помогнам“, туку треба сам да се бориш. Го давам својот пример, без разлика што татко ми е Славе Димитров, легенда на македонската музика, сам сум се борел за да можам да дојдам до некој успех и најголем дел од нашите пејачи што успеале, се бореле сами. Второ, да не се откажуваат. Зашто успехот најчесто доаѓа кога најмалку очекуваш. Кај некој тој може одеднаш и вртоглаво да се случи, но и вртоглаво одеднаш да падне, а кај некои, пак, се случува полека, но сигурно се гради кариерата што може да остане успешна до крајот на животот, до крајот на животот да се пее и да се создаваат хитови.

Како знаеш кога песната ќе стане хит?

– Дали песната ќе стане хит или не додека се работи на неа, тоа никој не знае, нема правила за хит. Како продуцент се трудам да направам песна што мене ќе ми се допадне, на пејачот, и на нашето опкружување. А дали ќе стане голем хит тоа само времето може да покаже. Некогаш ни публиката веднаш не ги препознава хитовите, со прво слушање се фаќаат за една песна, а со повеќе слушања публиката почнува да се навраќа на песни што не биле толку успешни, но подоцна станале евергрини. Пример е Лина Пејовска. На Макфест ја испеа песната „Ако ме сакаш“, не победи, дури беше ниско рангирана. Но, оттогаш таа песна остана да се пее и денес. На аудициите на „Ај ди џеј шоу“, значи во Србија, ја пеат таа песна. Затоа хит е многу релативен термин, времето е најмеродавен мерач на песната и на нејзиниот успех.

Денес, гледано генерализирано, музичките продуценти често подлегнуваат на притисокот на индустријата што веројатно го попречува производството на поквалитетна музика – позначајни се прегледите, бројките и профитот, а во втор план паѓа вредноста или содржината. Што значи за тебе терминот притисок?

– Лично, сакам да работам под притисок. Кога велам притисок, не мислам на бројки и профити, туку на „дедлајн“, да знам дека морам до утре нешто да завршам. Некако во таа блага паника ги имам направено најубавите песни. Не гледам лошо во работата под притисок на продуцентите, така ќе сработат повеќе, така може од квантитетот да излезат и повеќе квалитетни песни.

 

Слични објави

Аца Лукас за Лепа Брена: „Продала три арени? Па таа веќе не може ни шоља кафе да наполни“

apostolova

(Фото) Јелена и Тарик Филиповиќ воодушевени од Скопје: „Почувствуваме толку многу љубов и топлина“

Еспресо

(Фото) Виктор витка сарми, внук му асистира: Лепа Брена го слави Архангел Михаил, на гостите им спремаат богата трпеза!

Еспресо

Јелена Розга ужива во љубовта: „2024 година ми беше навистина одлична!“

Еспресо

(Фото) Солзи, неверување и тага на погребот на Лијам Пејн: Меѓу првите пристигнаа неговата девојка и поранешната партнерка со која има син

Еспресо

Хороскоп за 21 ноември: Близнаците ќе имаат одлична заработувачка

Еспресо
Се вчитува....