Српската фолк-пејачка Дара Бубамара повторно е среќна во љубовта. Пејачката, која воедно е и член на жирито во музичкото натпреварување Ѕвездe Гранда, синоќа настапи во еден белградски клуб, каде пред медиумите откри дека има нов партнер.
„Многу ми е убаво, мислам дека го пронајдов својот партнер кој ме исполнува емотивно и со внимание. Енергетски е ист како мене, знае кога треба да биде мирен, знае да ме смири и да разговара со мене. Ме освои со многу работи“, изјави пејачката.
Таа посочи дека не сака премногу да зборува за приватниот живот, не затоа што крие нешто, туку затоа што сака да ја зачува интимата, имајќи ги предвид искуствата од претходните врски. Нагласи дека нејзиниот избраник нема девојка, не е оженет и дека, иако е помлад, не се води од правилото „помладо – послатко“.
„Не гледам години. Морам да признаам дека понекогаш е позрел од мене“, додаде таа, откривајќи дека нејзиниот син веќе го запознал новиот партнер и дека одлично се согласуваат.
Љубовниот живот на Дара Бубамара со години е предмет на јавен интерес. Во минатото беше во врска со бизнисменот Лазар Дугалиќ – Лаки, кој подоцна беше уапсен во Германија. Потоа се омажи за Милан Кесиќ, таткото на нејзиниот син, со кого се венча во 2008 година, а официјално се разведе во 2017 година.
По разводот, во јавноста се шпекулираше за нејзини врски со значително помлади мажи, меѓу кои и кошаркарот Немања Безбрадица, како и Марко Дујаковиќ Тони, кој беше 21 година помлад од неа. Иако дел од тие романси беа проследени со најави за брак, ниту една не заврши со ново „да“.
Со новата љубов, Дара очигледно влегува во поинаква, посмирена фаза од животот, во која, како што вели, приоритет ѝ се стабилноста, разбирањето и зачувувањето на приватноста.
