По бурните години на лични и професионални пресврти, хрватската пејачка Данијела Мартиновиќ денес делува помирно, помудро и посвесно од кога било. Таа проговори за лекциите што ги носат и најголемите животни бури, за тоа како времето нè учи да го препознаеме она што е навистина важно, но и за силата на прошката, благодарноста и малите секојдневни моменти кои денес за неа имаат поголема тежина од големите спектакли, пишува хрватски Тпортал.
Данијела Мартиновиќ истакна дека музиката никогаш не ѝ била само работа, туку нејзин природен простор, начин на дишење и доживување на светот уште од најраните денови. Денес најмногу ја движи моментот кога на лицата на публиката ќе види насмевка или солза, свесна дека со нејзините песни пораснале цели генерации, па својата публика ја доживува како семејство и главна причина поради која ја создава секоја нова нота.
Песните ги избира со срце
Вели дека токму животот ја научил да го разликува важното од неважното и дека денес песните ги избира со срце кое поминало многу. „Животот, на крајот на денот, најмногу нè учи како да го препознаеме она што е важно. Денес песните ги бирам со срце кое поминало многу, па деталите во едноставноста ми станаа највредни. Секој стих што ќе го отпеам за мене има тежина и проживеана приказна. Неизмерно сум среќна што публиката го чувствува тоа – таа зрелост која не е ништо друго освен искреност оголена до крај“, изјави за Аваз.
Свесно забавување
На прашањето како научила да се носи со толкаво внимание од јавноста, рече дека со текот на времето сфатила дека нејзиниот внатрешен мир е светост и дека никој не може да го наруши ако самата не го дозволи тоа. Колку и да пишуваат медиумите за неа, таа секогаш се враќа на своите тивки, интимни моменти кои ѝ ја враќаат рамнотежата и ѝ овозможуваат пред публиката да излезе смирена и насмеана.
Таа изјави дека на многу нивоа се разликува од Данијела од почетоците на кариерата, и токму тоа ја радува бидејќи значи дека постојано расте и се менува. Денес свесно забавува, повеќе ужива во секој чекор и не брза никаде, бидејќи чувствува дека најубаво е токму тука каде што е сега во животот.
