2.8 C
Скопје
19:45 - 18 декември, 2024

Чајната приказна на Соња Станковиќ: Секоја шоља чај е едно незаборавно патување

Ако ви е студено, чајот ќе ве стопли. Ако ви е жешко, тој ќе ве разлади. Ако сте депресивни, тој ќе ве расположи. Ако сте возбудени, тој ќе ве смири. Чајот точно знае што треба да прави, ваше е само да го одберете оној кој најмногу ќе ве плени и да го пиете редовно за да можете да ја почувствувате неговата благодет.

Потребата од пиење чај не е веќе само „кога си болен“, туку добива друга димензија, влегува во секојдневието, станува стил на живеење, станува потреба. Потреба за одмор. Фото – приватна архива

Соња Станковиќ, по професија фармацевт, ортачки работи со Владимир Петровски, по професија архитект, но и двајцата ја делат големата љубов и познавања за чајот. Нивната „чајна“ приказна започнала пред повеќе од 15 години кога Соња одлучила да се занимава со рачно правење на природни сапуни и козметика. При едно службено патување во Словенија „случајно“ залутале во продавница за чаеви која ги пленила и инспирирала да го донесат и кај нас волшебниот напиток наречен чај. Месецов, на нивната продавница „Ла Сој и Ла Ча“ – рајска градина исполнета со мириси и бои – ѝ го слават 14. роденден.

Кога се спомнува чај како традиционален пијалок, помислуваме на Англичаните, или на Турците на пример, колку според Вашето искуство Македонците имаат навика да пијат чај, може ли да се каже дека чајот е дел од нашата традиција, слично на кафето?

– Чајот во суштина најмногу треба да се поврзе со Кинезите, зашто историски гледано чаената грмушка, и првично зелениот чај потекнуваат токму од таму. Така да кога збориме за вистински чај, ги подразбираме сите типови кои се добиваат од оваа грмушка – зелениот, црниот, улонг, белиот.. и титулата чај со право припаѓа на овие типови, кои се најстари. Од тука и културата на пиење чај, неговата подготовка во метални чајници или служење во порцелански тенки шољички, со лажички кои не се кафени туку чаени, во време определено токму за да тој се подготви, ни е практично наметната од пределите каде тој се користел – Кина, Индија, Јапонија па и Англија. За жал ние не сме биле дел од оваа приказна, бидејќи тука воглавно се негувало традиционалното билкарство, така да и денес кога ќе се спомне зборот чај луѓето најчесто се асоцираат на нане, камилица, мајчина душичка. Тие несомнено се делотворни за здравјето, ама едноставно немаат никаква врска со чајот. Тоа се тисани (tisane), билни напитоци, инфузи, отварки, како сакате крстете ги, ама мислам дека е време да почнеме некако да ги викаме за да конечно и кај нас вистинскиот чај си го завземе правото место. Особено што во Македонија има се повеќе сериозни љубители на чај. Луѓето шетаат, запознаваат нови култури, нови вкусови и едноставно потребата од пиење чај не е веќе само „кога си болен“, туку добива друга димензија, влегува во секојдневието, станува стил на живеење, станува потреба. Потреба за одмор. Ама најпрво чајот треба да го засакате а потоа да го пиете. А не обратно, бидејќи така нема никогаш да го разберете. Тој бара посебно време кое треба да му го одвоите, малку да забавите, за да му се посветите од моментот на подготовка до крајниот момент на пиење, бидејќи секоја шоља чај е навистина едно незаборавно патување.

Како да препознаеме квалитетен чај кога го купуваме?

– Многу едноставно. Мора да го видите. Како кога одите на пазар да купувате овошје па секое го бирате и гледате дали е свежо, исто така и со чајот. Видете го листот и тој сам ќе ви каже колку вреди. Квалитетниот чај мора да има убав лист, неразронет со свеж мирис. Дури и кога е спакуван барајте да купите вреќичка која е проѕирна и каде чајот ќе можете да го видите. А откако ќе го подготвите видете ја и бојата на напитокот. Зелениот треба да има светла зелена нијанса, исто така и црниот – светло кафена, а белиот е пак толку светол што дури има бледожолтеникава боја.
Се вели дека чајната вода никогаш не треба да ја оставиме да врие, има ли вистина во тоа и зошто?

Како правилно се подготвува филџан чај?

– Правилото вели дека треба да се проврие, а потоа да се олади на 70 степени доколку се пие бел или зелен чај кој има чувствителни листови. Во превод треба да се почека околу 5 минути, да се подизлади водата и да нејзината врелина замине. Потоа со неа се прелева одмерената количина на чај, а тоа е една мала лажичка на шоља од 200мл. и се остава да стои според соодветно пропишаното време а тоа е 3 мин. или за црниот чај максимум до 5 мин.

Стаклените теглички се практични, но во нив не смеете да чувате бел и зелен чај бидејќи од светлината тој лесно оксидира и брзо го менува квалитетот.

Теин наспроти кофеин: кои се разликите?

– Шоља чај содржи 30% кофеин (теин) во однос на шоља кафе. Кафето односно кофеинот во него, предизвикува тремор, возбудува. Енергијата која тоа ја дава е краткотрајна и најчесто само за да го разбуди организмот. За разлика од него кофеинот односно теинот во чајот делува стимулативно. Тоа е благодарение на една компонента, Л-теанин, која е присутна само во листовите на чаеното дрво и која делува позитивно на мозочната активност, а воедно и релаксира. Со тоа надразнителното дејство на кофеинот се поништува, а расте смиреноста, концентрацијата и менталната бистрина која е долготрајна. На страна од сето ова е третата, можеби и најзначајна компонента – полифеноли или антиоксиданси поради кои чајот и е најкористен напиток после водата. Па така, чај или кафе? – одлучете сами.

Дали поддржувате комбинација на чај со млеко, кои се предностите или недостатоците?

– Кога се работи за бел и зелен чај кој содржи полифеноли (антиоксиданси) млекото е вистински непријател, зашто се врзува за нив и чајот напусто ќе го пиете, ќе нема ефект. Ако пак сте љубители на црниот чај, тогаш со задоволство би го препорачала како мал додаток (неполна мала лажичка на шоља), особено ако пиете Darjeeling или Earl Grey.

Чајот е деликатен растителен производ, а неговите непријатели се воздухот, влажноста, мирисите, светлината и топлината, тогаш како правилно да го чуваме во домашни услови?

– На нашите продажни места, чајот го чуваме затворен во метални кутии и при продажба го одмеруваме-пакуваме во трослојни вреќички кои се наменски направени за да ја сочуваат неговата свежина и арома. Во истите тие може да се чува и дома, на суво место и на собна температура. Но доколку сте вистински обожавател на чајот самите ќе посакате да му најдете посебно катче во станот, да го сместите на посебни полици, па секој тип според неговиот вкус да добие и соодветна декоративна метална кутија. Стаклените теглички се практични, но во нив не смеете да чувате бел и зелен чај бидејќи од светлината тој лесно оксидира и брзо го менува квалитетот.

Туарезите пијат топол чај среде пустина, што може да научиме од нив – дали топлиот чај може навистина да не разлади?

– Постои една поговорка која вели: Ако ви е студено, чајот ќе ве стопли. Ако ви е жешко, тој ќе ве разлади. Ако сте депресивни, тој ќе ве расположи. Ако сте возбудени, тој ќе ве смири. (If you are cold, tea will warm you. If you are too heated, it will cool you. If you are depressed, it will cheer you. If you are excited, it will calm you). Така да чајот точно знае што треба да си прави, ваше е само да го одберете оној кој најмногу ќе ве плени и да го пиете редовно за да можете да ја почувствувате неговата благодат.

Се вели дека зелениот чај, покрај другите здравствени предности, помага во намалување на телесната тежина, што значи тоа, колку треба количински да се конзумира за да се стигне до резултати и дали има контраиндикации?

– За оваа намена најпрво треба да си го одберете оној чај кој ќе можете долго време да го пиете а да не ви здосади. Значи да одберете вкус на зелен чај кој најмногу ќе ви годи – јасмин, цреша, праска, ананас, бадем… Оптимална количина за да се постигне ефектот на слабеење (а и секој друг ефект и бенефит кој зелениот чај го нуди) се 3 шољи на ден и тоа најдоцна до 17-18 часот. Се пие најчесто пред оброк бидејќи прави чувство на ситост па со тоа го пролонгира и оброкот кој треба да го земете. И така во континуитет од минимум 2 месеца, а потоа организмот сам ќе го бара. Контраиндикации нема, тоа може да се види и по најздравата нација на светот која секојдневно го конзумира илјадници години.

Шоља чај содржи 30% кофеин (теин) во однос на шоља кафе. Кафето односно кофеинот во него, предизвикува тремор, возбудува. Енергијата која тоа ја дава е краткотрајна и најчесто само за да го разбуди организмот. За разлика од него кофеинот односно теинот во чајот делува стимулативно.

Кои се предностите на црниот чај, зошто станува популарен?

– Станува популарен, но во светски рамки. Кај нас луѓето сеуште не можеме да ги навикнеме да го пијат редовно. Имаат некои предрасуди дека е силен на вкус, дека ги вознемирува. English breakfast или Ceylon кој е високоселектиран, или пак добар Pu Erh подготвен правилно, е незаменлив утрински напиток, кој ги прочистува крвните садови и е одличен борец против лошиот холестерол и високите вредности на шеќер во крвта. А воедно и вкусен напиток, особено ако го пиете со некој додаток, со зачини, карамела или тропски плодови.

Може ли чајот да делува како природен лек за смирување и кои чаеви би ги препорачале за таква намена?

– Брзото темпо на живеење и стресот од секојдневието ги тера луѓето да бараат алтернативни начини за смирување. Не би можела да кажам дека лек може да се најде во чајот, зашто тие состојби се многу коплексни, но секако дека топол напиток може да биде добредојден. Особено мешавини кои содржат маточина, нане или лаванда во својот состав. Интересно е дека и зелениот чај кај одреден дел од популацијата делува смирувачки. Имавме случај да редовен купувач ни раскажува како одреден зелен чај постојано го терал на смеење. Билките се навистина чудо и дар од Бога така да треба да го цениме нивниот потенцијал и да ги козумираме колку што можеме повеќе.

Кој е најскапиот чај на светот, а кој кај нас?

– Во светот постојат илјадници чаеви. Ние секогаш се трудиме да ги имаме основните и воедно најпознати типови, но да нудиме и чаени специјалитети. Од групата на бели чаеви тука би го издвоила Yin Zhen (Silver needle) чии ливчиња се рачно берени. Од јапонските пак присутен е Gyokuro кој спаѓа во топ 10 зелени чаеви и секако Matcha. Да, тој е најскап. И кај нас и во светот. Но посебен, во секој смисол. Со една шоља од овој чај како да сте се напиле 10 шољи обичен зелен чај. Посебно се добива, од посебни сорти, посебно се обработува, па секако посебно и се подготвува. Многу е популарен и во светот на кулинарството, се додава кон колачи и чоколади. Со еден збор – уникатен!

Слични објави

(Видео) Цеца откри какви ѝ се плановите за Нова година, а нејзиниот коментар ги насмеа сите

Еспресо

(Видео) Светлечки ирваси и „ледена“ завеса: Домот на Карлеуша секогаш е еден од најубаво украсените

Еспресо

Интервју со проф. д-р Гордана Адамова, експерт по перинатологија: Вештачката интелигенција е од помош, но експертот го има последниот збор

Еспресо

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо
Се вчитува....