Босанскиот рапер Амар Хоџиќ, познат како Буба Корели, ја подмири казната затвор од осум месеци во износ од околу 12.000 евра, која му беше изречена поради затајување данок. На тој начин, казната затвор беше официјално заменета со парична обврска пред Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Специјалното одделение за борба против корупција и организиран криминал претходно соопшти дека Буба Корели ја признал вината и уплатил приближно 59.000 евра на сметка на Управата за јавни приходи, со што е подмирен и даночниот долг кон државата.
„Сè што било задолжение кон државата е исплатено. Законот дозволува затворската казна да се замени со парична, и тоа беше искористено“, изјави неговиот адвокат Сеад Зијадиќ.
Инаку, раперот претходно се пошегува со сопствената пресуда, алудирајќи на изменет стих од песната „Торонто“ во која настапува со Јала Брат: „Ме прашаа за данок, реков: ‘Не сум’“, по што се насмеал.
