Бугарскиот поп-фолк идол Азис деновиве беше, кко што вели брутално навреден. „Костинбродскиот славеј“ јавно се пожали дека домашните режисери воопшто немаат осет за неговиот актерски потенцијал и машка харизма.
„Да плачам или да се смеам?“
Додека Азис сонува за големото платно и главни улоги на силни, херојски мачо мажи, понудите што ги добива се далеку од неговите очекувања. Тој е апсолутно убеден дека неговиот изглед е совршен за „опасни“ момци, но филмските работници очигледно го гледаат поинаку.
„Кога ќе помислам какви улоги ми нудат бугарските режисери, не знам дали да плачам или да се смеам. Како е можно ова лице да не се користи за главните, машки улоги?!“, напиша Азис под своите најнови фотографии на кои позира во „мачо“ издание.
Благајник наместо акционен херој
Пејачот со доза иронија откри до каде оди „потценувањето“ на неговиот талент од страна на филмската индустрија во Бугарија.
„Замислете, ми нудат да играм продавач во ресторан за брза храна“, се пошегува тој на своја сметка, но јасно е дека суетата му е малку повредена.
И покрај тоа што е една од најголемите музички ѕвезди на Балканот, патот до Холивуд (или барем до бугарската кинематографија) за Азис за сега е под знак прашалник.
