Пејачката Ана Николиќ првпат отворено проговори за комплицираните семејни односи, за братот Марко, мајката Миљана, но и за бурната врска со композиторот Горан Ратковиќ – Рале. Ана призна дека во моментов не разговара со брат ѝ, додека односот со мајка ѝ го опиша како најкомплицираниот во нејзиниот живот, пишува „Србија данас“.
Најпрво се осврна на братот Марко, со кого долго време била блиска и соработувале професионално, но призна дека нивниот однос во моментов е сериозно нарушен.
– Во лоши односи сме и не разговараме, бидејќи сме тврдоглави како две мазги. Во еден момент ме претвори во растение, па затоа се разделивме, бидејќи јас не можам да бидам растение. Помеѓу работата, парите и брат ми, го избрав брат ми. Него го сакам исто како што ја сакам Тара. Полека го поправаме односот и ќе биде добро, но кој ќе го врати изгубеното време? Времето кога симнував 50 килограми, кога за ќерка ми се грижеа дадилки. Не можев да ја носам секаде со мене, бидејќи детето има свој ритам, а така е и денес – рекла Ана.
Потоа објаснила колку била приврзана за својот татко, нагласувајќи дека неговата смрт оставила голема празнина во нејзиниот живот.
– Бев многу приврзана за татко ми, исто како што Марко е приврзан за мајка ми. Кога татко ми почина, го изгубив тој тандем, а тие двајца останаа силни.
Пејачката потоа се осврна и на односот со мајка ѝ Миљана, кој го опиша како многу сложен. Според неа, нивниот однос уште од почетокот бил погрешно поставен.
– Тоа е најкомплицираниот однос. Од самиот почеток беше погрешно поставен. Таа сакаше да ми биде другарка. Ме родила многу млада, па кога јас бев тинејџерка, и таа сè уште беше млада. Јас така не постапувам со Тара – изјави Ана.
Таа нагласи дека е свесна за жртвата што мајка ѝ ја поднела за неа и за брат ѝ, но ѝ упати и јасна порака.
– Мајка ми навистина го жртвуваше својот живот за мене и за Марко, но ако веќе си го направила тоа, тогаш немој да се претставуваш како жртва, туку како херој, затоа што навистина си херој.
Ана Николиќ зборуваше и за односот со композиторот Горан Ратковиќ – Рале. Иако претходно двајцата ги демантираа гласините дека се свршени и дека закажале свадба, пејачката сега призна дека нивната врска е исклучително бурна.
– Се знаеме цел живот, уште откако се вратив од Атина. Долго време го гледав само како пријател. Во студио шест месеци спиевме како брат и сестра. Не сакам да кажам дека бевме пијани, но бевме пијани.
Како што рече, ваква емотивна турбуленција не доживеала ниту во младоста.
– Никогаш, дури ни кога бев млада, не сум имала толку бурна врска. Тој молчи, а тоа е класична пасивна агресија. Кога е виновен, молчи, а кога има аргументи, тогаш не молчи. Јас сум повеќе љубоморна. А тој би сакал да има боца со кислород за да ми ја ограничи љубомората. Тој има 60 години, јас речиси 50, заедно имаме 300, а тој ќе ме блокира – рече Ана.
Не криеше дека особено ѝ пречи тоа што Рале се повлекува и ја блокира за време на кавгите.
– Таков е и со пријателите, самиот одредува колку долго ќе ги „казнува“. Мене ќе ме блокираш десет дена? Па јас и низ оџак ќе ти влезам! Тој нема став, таа карактерна особина ја имам јас, а не тој. Пред другите луѓе е поинаков, а пред мене глуми Ал Капоне. Научив да кажам „не“, дури и на своето семејство, иако тоа не им се допадна, но тој турбулентен период го поминавме.
Рале накратко го коментираше нивниот однос и откри што би променил кај пејачката.
– За неа никогаш немам точен одговор, односно одговор каков што сака да слушне – рече Рале и додаде дека кај Ана би го променил нејзиното чувство за време.
