Каде е Маријана Сејферт, жената која јавноста ја запозна пред 15 години во реалното шоу „Големиот брат“? Прашање кое секојдневно го поставуваат семејството, пријателите, колегите, но и полицијата.
Додека трае потрагата и сите очекуваат одговори, нејзиниот сопруг Карло и сестрата Маја, поранешна учесничка во ријалити програмите „Задруга“ и „Бар“, водеа правна битка. Повод за тоа беше јавното вклучување на Маја Ковачевиќ во емисијата „Задруга – народот прашува“ на 10 август 2023 година, кога таа предизвика шок со своите изјави.
Во емисијата, Ковачевиќ изјави дека нејзината сестра не се самоубила, туку била убиена. Детално опиша сценарио за наводно киднапирање и ликвидација на Маријана, наведувајќи дека документи биле фалсификувани и дека предметите намерно биле оставени на мост за да се заблуди јавноста.
Овие изјави брзо се проширија во медиумите низ Србија, Хрватска и Босна и предизвикаа огромен одѕив. Сопругот на исчезнатата, Карло Сејферт, немал друг избор освен да покрене приватна тужба за клевета.
Судот утврди дека тврдењата на Маја Ковачевиќ биле целосно неосновани и дека станува збор за клевета. Таа е осудена да плати парична казна во износ од 2.390 евра (50 дневници), како и 100 евра судски трошоци, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата. Покрај тоа, обврзана е на свој трошок да ја објави конечната пресуда во три најчитани дневни весници во Хрватска.
Пред судот таа изјави дека жали што изнела „непроверени и неосновани тврдења“ и дека нејзината изјава била последица на лична вознемиреност поради исчезнувањето на сестра ѝ. Сепак, судот како отежнувачка околност го оцени тоа што изнесените обвинувања биле крајно сериозни и директно го поврзувале Карло со убиство.
Сопругот на исчезнатата потсети дека полицијата уште во април 2022 година водела детална истрага за исчезнувањето на Маријана. Таа е последен пат снимена од надзорни камери како се движи кон мостот на Сава, каде што подоцна била пронајдена нејзината ташна со документи и телефон.
„Обвинувањата на Маја беа катастрофални за мене и за моето семејство. Таа тврдеше дека сум ја убил и закопал мојата сопруга. Тоа е лага која ми предизвика огромен стрес и го наруши угледот кај луѓето со кои работам. Оваа тужба ми беше последна шанса да ја запрам да не шири измишотини,“ изјави Карло во судницата.
Иако минати се повеќе од три години од исчезнувањето на Маријана Сејферт, случајот останува мистерија. Таа исчезна во ноќта на 27 април 2022 година, оставајќи го сопругот и двете малолетни деца. И покрај интензивната истрага, таа сè уште е на листата на исчезнати лица.
