Миа Костова јавно проговори за содржините што денес стануваат вирални на социјалните мрежи и порача дека големиот број прегледи и следачи не секогаш значи вистинско влијание, професионализам или успешна соработка со брендовите.
Костова објасни дека во изминатите денови била помалку активна на Инстаграм, поради што повеќе време поминувала како набљудувач на содржините што се објавуваат и споделуваат.
„Да бидам најискрена, што сè е денес вирално и добива прегледи и лајкови е сериозно прашање кое треба да си го поставиме сите што сè тоа гледаме, вклучувајќи ме и мене“, напиша таа.
Таа истакна дека интернет-славата најчесто е краткотрајна и дека луѓето со голем број прегледи премногу лесно се нарекуваат инфлуенсери.
„Но, вистината е дека сета таа ‘слава’ е краткотрајна иако во време на циркуз и кловнови често им лепите етикети на инфлуенсери. Иако, инфлуенсер е некој кој има влијание на следачите, било какво, општествено, му верува маса народ за накит или крема, собира ѓубре за доброто на сите или готви здрави рецепти, денес инфлуенсери се сите со многу прегледи. А тоа не се“, порача Костова.
Според неа, вистинските инфлуенсери се препознаваат по долгорочните соработки и довербата што ја имаат кај публиката и брендовите.
„Од таа причина ич не сакам што сум инфлуенсер, ама пак од друга страна сигурна сум дека оние кои навистина се тоа имаат соработки и траат“, напиша таа.
Костова посочи дека содржините со бламирање, насилство и шокантни сцени често собираат повеќе прегледи од рекламните објави, но дека таквите реакции не носат вистинска професионална вредност.
„Не се чудете дека на реклама за било што не се собираат прегледи колку на мајмунлук и бламирање пред народ, но тие лајкови не вредат ништо. Новите дворски шутови не треба да се пример за инфлуенсери ниту пак треба да ве збунува фактот кој сè и со што сè станува познат“, истакна таа.
„Вирални се видеа со насилство, со психијатриски дијагнози и со правење мајмун од себе. Поттик за сите млади инфлуенсери, да држат до своето, прегледите не ви се важни. Продажбата – да“, додаде Костова.
Во продолжение таа на директен и ироничен начин објасни колку лесно некој денес може да стане вирален.
„Денес е екстра лесно да си вирален. Сега да седнам да плачам со едната цицка надвор утре ќе се разбудам со 150.000 следачи. И? Што со нив? Ќе ми откажат сите соработки, а секој преглед и лајк за жал, не е едно евро. Во маркет на каса не купуваш со лајкови, исто за жал. Во оваа работа ако бренд се препознае во тебе – можеш да кажеш дека си на добар пат“, напиша таа.
На крајот, Костова упати апел до помладите креатори на содржини да не ја бркаат виралноста по секоја цена.
„Ова е еден апел за помладите, чисто онака. Не ви треба виралност. Немате ништо од тоа“, заклучи таа.
