Македонскиот актер и шоумен Игор Џамбазов и модната креаторка Ивана Кнез уште еднаш станаа главна сензација на социјалните мрежи со заедничка фотосесија во Дојран. На фотографиите двајцата позираат во опуштена атмосфера, разменуваат нежности и се забавуваат пред објективот.
Откако претходно споделија фотографии направени на плажа, овојпат Џамбазов и Кнез позираа во автомобил, а особено внимание привлече една од фотографиите на која актерот разиграно ја гризе модната креаторка за стапалото.

Ивана ги објави фотографиите на својот инстаграм-профил, придружени со духовит опис во кој порача дека животот треба да се живее со страст.
„Стареам со страст, втор дел. Животот е поубав од филм, ако умееш да го живееш“, напиша таа.

Кнез му се заблагодари на Џамбазов за учеството во фотосесијата, нарекувајќи го „Маестро“, а во продолжение се пошегува и на сметка на озборувањата.
„Благодарам Маестро што си дел од оваа фотосесија.
Пред употреба внимателно прочитајте го упатството! За индикациите, ризикот од употребата и несаканите ефекти на овие фотографии консултирајте се со вашата комшика или најблискиот трач конзулат“, напиша Ивана.

Со фотографиите и духовитите коментари, Џамбазов и Кнез покажаа дека не им недостига смисла за хумор и дека не се оптоваруваат со тоа што другите ќе кажат за нив.
