13.8 C
Скопје
12:01 - 17 октомври, 2026

„Почивај во мир, ангелу македонски“: Перо Камиказа откри како Тоше Проески му дошол дома и ги пеел песните на „Меморија“

По повод 19-годишнината од трагичната смрт на Тоше Проески, музичарот Петар Георгиевски – Камиказа сподели досега необјавени фотографии од македонската музичка легенда, но и лична приказна за нивната прва средба.

Камиказа се присети на случајната средба со Тоше, кој тогаш имал околу 20 години и извесно време живеел во неговото маало. Она што започнало како обичен разговор се претворило во незаборавна вечер во домот на музичарот.

„Оваа приказна ја чував во себе подолго време, но ајде, сега ѝ дојде времето на објава… Тоше живееше во сутерен во моето маало некое време и една случајна средба се претвори во празник за мојата фамилија“, напиша Камиказа.

Тоше му пришол и му признал дека бил голем обожавател на групата „Меморија“. Му раскажал дека како младо момче собирал пари за да присуствува на нивниот концерт во киното „Партизан“ во Битола.

„Во Битола собирав пари кога разбрав дека ќе свирите со Меморија во кино Партизан и ви бев на концерт… Сите песни ви ги знаев и со вас пеев од почеток до крај, а ноќта долго не можев да заспијам од возбуда“, му рекол Тоше.

Камиказа го поканил на чај во својот дом, а Тоше веднаш го прашал дали има гитара.

Кога пристигнале, децата на музичарот останале изненадени што нивниот омилен пејач им дошол на гости. Неговата ќерка побарала автограм, а Тоше ја прегрнал и разговарал со семејството.

По долгиот разговор, дошла на ред и гитарата. Тоше почнал да ги пее песните на „Меморија“, меѓу кои „Оган под ѕвездите“ и „Одам засекогаш“.

Камиказа призна дека изведбата на Тоше го оставила без зборови.

„Бев збунет и до тој момент сметав дека само Поце знае да ја пренесе таа енергија на песните од Меморија… Но, чув една сосема нова димензија на песните кои сум ги напишал… Токму во тој момент сфатив дека некои од тие песни ќе станат бесмртни“, се присети музичарот.

Дружењето продолжило до раните утрински часови, а децата заспале на подот во собата. Следното утро, како што раскажува Камиказа, се прашувале дали средбата со Тоше навистина се случила или ја сонувале.

Неколку дена подоцна започнала и нивната професионална соработка, поврзана со проектот „Сто години Илинден“ во Крушево. Потоа заедно работеле на уште неколку концерти, но соработката постепено завршила.

Камиказа откри дека денес жали што не ги снимил изведбите на Тоше во неговиот дом.

„А песните на Меморија кои ги испеа кај нас дома да ги снимев со камера, сега ќе бев богат човек, бидејќи немаше да биде само на збор како сега… Место тоа, еве некои необјавени фотки“, напиша тој.

На крајот од објавата, музичарот му упати емотивни зборови на Тоше.

„Почивај во мир, ангелу македонски, и ти благодарам на незаборавните моменти поминати со тебе… Ете, солзи ми навираат и затоа тука ќе прекинам… Ве сакам сите, како што велеше Тоше“, ја заврши својата објава Петар Георгиевски – Камиказа.

Слични објави

Го започнувате и завршувате денот со социјалните мрежи? Психотерапевтите предупредуваат на последиците по менталното здравје

К.С.

Јаде пет пати дневно, а слабее: Ова е режимот на исхрана со кој Душица Јаковљевиќ ослабе девет килограми

Е.А.

(Фото+видео) Адриан Гаџа сподели емотивни моменти со петмесечниот син

Еспресо

„Не сум ја видел ќерка ми девет дена“: Петар Грашо проговори за семејниот живот, а неговиот коментар за Тончи ги изненади сите

Еспресо

Мајката на Милица Тодоровиќ ја разнежни јавноста со порака до ќерките: „Ќе ве чувам во молитвите секој ден до крајот на животот“

Еспресо

Јелена Карлеуша жестоко го нападна Јаков Јозиновиќ: Изнесе тешки обвинувања за неговата кариера и настапите во Србија

Еспресо
Се вчитува....