Јелена Спенџарска втора година по ред учествуваше на Самитот на креатори на дигитална содржина, што го организира Европскиот парламент во Брисел. Од таму таа сподели што подразбира нејзината работа и зошто секојдневната изложеност на туѓите мислења за неа е еден од најголемите предизвици.
Спенџарска објасни дека зад секоја објава стојат планирање, снимање, монтажа и соработка со други луѓе. Со годините, вели таа, научила и колкава одговорност носи довербата на публиката што ја следи.
„А можеби најтешкиот дел (барем за мене) е храброста секојдневно да се изложуваш на туѓи мислења, критики и очекувања!!!“, напиша Спенџарска.

Повторната покана за самитот ја доживува како признание за годините работа. Како што вели, средбата во Брисел ѝ дала можност да учи од креатори од други европски земји, да размени искуства со нив и да ја претстави Македонија.
На самитот учествуваа инфлуенсери, новинари и креатори на содржини за Јутјуб и ТикТок. Настанот е посветен на улогата на социјалните мрежи во доближувањето на европските институции и демократските процеси до граѓаните, особено до младите.
